Спасовски ги вдоми поразените градоначалници во МВР, обвинува Ковачки

by fokus

Спасовски директно врши партизација на полицијата, што ќе придонесе уште повеќе министерството за внатрешни работи наместо да биде гарант за законите и безбедноста на граѓаните, да биде извор на криминалот и корупцијата, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-По губењето на изборите во министерството за внатрешни работи поранешните градоначалници Борис Георгиевски од Гази Баба, Сашо Јанковски од Вевчани, Благој Илиев од Конче, Горан Крстев – Грга од Чешиново Облешево, сите градоначалници од СДСМ кои што ја загубија трката за втор мандат беа вработени. Исто така Драги Тренчовски од Пехчево и Аднан Џаферовски, поразени кандидати од СДСМ за градоначалници, се дел од оние со коишто се врши брутална партизација на полицијата.

Тие по изборите експресно се вработени во полиција на позиции од виш полициски советник за стратешко планирање како што е случајот со Џаферовски, до самостоен инспектор, Илиев од Конче, Јанкоски од Вевчани е пак самостоен инспектор во Охрид. Борис Георгиевски, од градоначалник во Гази Баба, Спасовски директно го вработува како главен инспектор за идентификација на ДНК!, изјави Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој на оваа листа ги додава е Сунчица Алексовска во БЈБ, Емилија Александрова, началник на АНБ во Берово, Дафина Гешовска Виш инспектор во АНБ, Прилеп, како и Славјанка Петровска и Славица Грковска, сега министерки, а до вчера директно вработени во МВР, јасно е дека МВР и полицијата служи за вдомување на партиски членови без соодветни квалификации на високи позиции.

-Со ова се кршат сите правила, закони и меѓународни препораки. Ова е спротивно на препораките на ГРЕКО со кои директно се дадоа насоки за МВР и полицијата да се департизира.

Ако на ова се додадат и промените со кои на министерот му се дозволува да унапредува по три места одеднаш станува јасно дека во МВР се поттикнува корупција и е класичен пример за партизација на институциите. Ова ли е теркот и за пополна на МВР со огласот за 600 нови вработувања?, додава Ковачки.

 

Поврзани новости