„Радика резорт“ гради викендички врз средновековна црква

by Fokus

Покрај многуте неправилности во документацијата за дозволите за изградба на 87 викендички на компанијата „Радика резорт“ (под хотелот Радика кај Леуново), за чија нелегалност конечно се покренаа соодветни постапки, на површина излезе уште едно непочитување на законот од страна на општинските власти. Секторот за урбанизам на општина Маврово Ростуше без никаков проблем издавал одобренија за изградба на регистрирано археолошко наоѓалиште, пишува мкд.мкмкд.мк

Багерите на инвеститорот „Радика резорт“ без проблем копаат за темелите на планираните 87 потенцијално нелегални викендички на локалитетот каде што се наоѓал манастирот Клетовник каде досега не се вршени никакви археолошки ископувања и истражувања.

Тимот на Националниот конзерваторски центар на недвижното културно наследство на Македонија минатиот месец откри голем број повреди на законските одредби во археолошкиот локалитет „Долномаалски гробишта“ во мавровското село Леуново. Увидот бил направен по барање на Месната заедница Леуново и на здружението на граѓани Спас за Маврово, кои цело време тврдат дека тука се гради на регистрирано археолошко наоѓалиште, каде што некогаш бил средновековниот манастир Клетовник.

Во извештајот на Националниот конзерваторски центар Скопје се вели дека локалитетот „Долномаалски гробишта“ бил евидентиран во евиденцијата на НУ Национален конзерваторски центар на недвижно културно наследство на територијата на Република Македонија – археолошки локалитети под бр 4-807-047/160 ЕНД како средновековна црква.

Според законот, ако при градењето се открие културно наследство, изведувачот е должен веднаш да ги сопре работните активности.

Во Археолошката карта на Македонија уште во 1996 година е забележено дека во непосредна близина на селските гробишта се гледаат темели од објект граден со кршен камен и варов малтер, со ориентација исток-запад, со што е утврдено постоење на христијански верски објект – црква.

На овој локалитет идентификувани се и гробови од 19 и почетокот на 20 век. Констатирани се и постари погребувања, за кои се претпоставува дека датираат од доцносредновековниот период или од периодот на раното турско средновековие. За сега не се познати границите на локалитетот ниту неговата површина.

За време на увидот, тимот на Националниот конзерваторски центар утврдил „видливи оштетувањата на дел од некрополата која се наоѓа непосредно до новоизградените објекти и патеки. Според кажувањата на селаните, темелите на црквата биле видливи сѐ до почетокот на изградбата на бунгаловите, градби што се дел од одморалиштето Радика. Претпоставуваме дека на предметниот простор е поставена подземна инфраструктура што несомнено го оштетила археолошкиот локалитет“.

Од Месната заедница Леуново и од здружението Спас за Маврово велат дека и за ова ќе се бара одговорност од општинските власти.

Поврзани новости