ВМРО-ДПМНЕ и неговите симпатизери во моментов се соочуваат со најголемата криза на идентитетот во својата историја. Еве зошто.

Прво, гласачкото тело на оваа партија секогаш било водено од еден центар на моќ и почитувало јасна партиска хиерархија. Во моментов, ВМРО-ДПМНЕ испраќа конфузни пораки за тоа кој вистински ја води партијата. За прв пат вмровците не знаат кој е правиот лидер и кого треба да следат. Ова тектонски ја изместува сигурноста на гласачите и членството. Очигледно, постојат повеќе центри од каде се раководат различни партиски структири, а тоа ја заслабнува партијата повеќе од било што друго.

Второ, актуелниот лидер Христијан Мицковски веќе три месеци не успева да се профилира и да го дефинира својот имиџ. Обидувајќи се да се диференцира од Груевски, да биде ЕУ френдли, но и да звучи заштитнички настроен кон притворените од 27 арпил, тој остава впечаток дека не знае која е неговата стратегија и позиција. На моменти технократ и математичар, на моменти националист, на моменти конструктивен опозиционер, на моменти огорчен непријател на Заев. Ова негово однесување придонесува кон раслојување и збунетост меѓу поддржувачите. Фактот дека тој нема јасна стратегија го потврдува неговата кампања на прошетки низ Македонија. За оваа активност ниту е време ниту јас гледам некаква јасна цел. Мицковски личи како да бега од реалната политика додека размислува што да прави. Можеби тој сака само да се запознае со членството, но тоа е смешно кога додека тој е во Дебарца некој без негово знаење организира протести пред домовите на пратениците.

Трето, партијата го изгуби најсилното оружје, национализмот и политиката на поделби. Законот за јазиците отвори можност да го повратат овој наратив, но сепак неуспешните протести докажаа дека нема плодна почва за такво делување. Барем не во потребната мера да стане главна порака и стратегија. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби и можноста заедно со ДУИ коориднирано да караат и крериаат меѓуетнички тензии, една од основните предизборни стратегии на оваа партија. Тие се сега како риба на суво. Немаат пораки, немаат јасно лидерство, немаат можност да креираат домашни и надворешни непријатели, ниту да ги делат граѓаните. Има тука уште што да се каже, но ова во основа се главните работи.

И сето ова не би го пишувал, ако мислев дека ВМРО-ДПМНЕ не ги знае овие работи. Но, тие многу добро го знаат сето ова. Тие знаат дека без да се ребрендираат, без „нова Панорама“ каде ќе покажат дека конечно новото раковоство е независно, исчистено од криминал и реформирано, тие нема да може да се вратат на власт. Фактот што не успеаа ниту да исценираат вакво реформирање, упатува на заклучок дека внатрешно организацијата е целосно поделена и распадната.

Никола СПАСОВ

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.