Таравари ја прекина кампањата „Вистината за ДУИ“: Институциите да реагираат за изнесените наводи

by Фокус

Прекинува кампањата „Вистината за ДУИ” што гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари ја отпочна со цел да ги обзнани неправилностите и злоупотребите на претходната локална власт на чело со Невзат Бејта, соопшти портпаролот на Општина Гостивар, Јасин Демири.

– Сите повреди и злоупотреби кои ги утврдивме со внатрешните контроли и сите случаи за кои постои основано сомнение за сторен прекршок или кривично дело, ги пријавивме во надлежните органи: Министерството за внатрешни работи – Финансиска полиција, како и во Јавното обвинителство – истакна Демири.

Тој додаде дека Општина Гостивар побарала Државниот ревизор, Трудовата инспекција и Државниот инспекторат за образование да спроведат вонредни контроли за утврдување на каква било злоупотреба и да се побара одговорност.

– Општина Гостивар ќе продолжи со внатрешни контроли за работата на општинските раководства во минатите мандати, без да се заобиколи и работата на општинската администрација во овој мандат. Значи, никој не може да побегне од одговорност, бидејќи никој не смее да биде над законот – порача општинскиот портпарол.

Поврзани новости