Ахмети со порака да нема огорченост оти извикувал „УЧК“ на митинг во Скопје, вели „УЧК ја спаси Македонија“

by Fokus

„Да не се враќаме во минатото и да се огорчуваме зашто викав „УЧК“ – порачал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од синоќешниот митинг во Дебар.

Тој рекол дека Ослободителната народна армија (ОНА), во јавноста позната како УЧК, е гордост на Албанците и оти ја спасила Македонија.

Ахмети ова го кажал по реакциите што ги предизвика неговото скандирање „УЧК, УЧК“ на митингот на „Европскиот фронт“ и кандидатот Бујар Османи во Скопје пред една недела.

„Оваа земја има свое место во Европа и за оваа земја мора да работиме заедно, Македонци и Албанци, а не да се враќаме во минатото и да се огорчуваме зашто викав ‘УЧК’. УЧК е албанска гордост и ја спаси Македонија“ – рекол Ахмети во Дебар.

Тој ја прокоментирал и изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти Ахмети му праќал емисари, со цел ДУИ да влезе во коалиција со неговата партија по изборите. Обраќајќи му се на Мицкоски, рекол оти коалицирал со партии на етничките заедници кои тие ги презираат.

„Христијан, во политиката влегов како востаник и нема да излезам без да се откажам, да се разбереме, народот ме гласа 22 години. Јас формирав фронт со албанските политички партии, но го направив овој фронт непобедлив со вклучување на заедниците кои вие ги презирате, како што се турската, ромската и босанската. Се трудиме овој Устав што го направивме уште поблизок до граѓаните на Република Македонија, да ги вклучи бугарската, египетската, црногорската и хрватската заедница. Охридскиот договор и промената на политичко-правниот статус на Албанците не ја уништија Македонија“ – изјавил Ахмети.

Поврзани новости