Си-Ен-Ен: Се очекуваат санкции од САД за Русија за наводно мешање во претседателските избори

by Fokus

Се очекува до следната недела САД да воведат санкции кон Русија за наводно мешање во претседателските избори во 2020 година, јави Си-Ен-Ен.

Според телевизијата, која се повикува на анонимни извори од администрацијата на Вашингтон, Иран исто така може да биде санкциониран.

Во извештај на американското разузнавање објавен вчера се вели дека рускиот претседател Владимир Путин ги знаел и веројатно ги насочувал обидите на Русија да манипулира со изборната кампања во САД минатата година. Целта била да му се помогне на претседателот Доналд Трамп преку „погрешни и неосновани обвинувања“ против неговиот противник Џо Бајден, се вели во извештајот на 15 страници објавен од Кабинетот на директорот на Националното разузнавање.

Запрашан за документот, член на администрацијата на Бајден, кој сакаше да остане анонимен, рече дека претседателот рекол дека „јасно“ дека САД треба да одговорат на дестабилизирачките активности на Русија. Според изворот, по низата активности во врска со обидот за убиство на Алексеј Навални, наскоро ќе има „многу повеќе“ акции.

Бајден ќе има своја прва официјална прес-конференција на 25 март, изјави портпаролот на Белата куќа Џен Псаки. Датумот на неговото појавување во јавноста се совпаѓа со деновите кога се очекува да бидат објавени санкции против Русија.

Бајден, кој ја презеде должноста на 20 јануари, беше критикуван бидејќи не им се обратил на новинарите на сесија прашања и одговори. Белата куќа објасни дека тој е премногу зафатен со пандемијата.

Псаки го објави ова во предградието на Филаделфија, Дарби, Пенсилванија, каде што претседателот го најавуваше својот план од 1,9 трилиони долари за помош на погодените од пандемијата. Бајден имал досега само кратки состаноци со новинари откако ја презеде функцијата, но одговорил само на едно или две прашања.

Во исто време, руската Амбасада во Вашингтон категорично ги негираше наводите во извештајот.

Поврзани новости