Швајцарската амбасадорка за Фокус: Она што една општина не може сама да го направи, може да се постигне на ниво на регион

by Fokus

Швајцарската агенција за развој и соработка е присутна во Северна Македонија од 1992 година, а го поддржува регионалниот развој поинтензивно во изминатите шест години, во соработка со Министерството за локална самоуправа, вели амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер во разговор за „Фокус“.

-Регионалниот развој е од исклучителна важност за економската и општествена добросостојба на граѓаните. Нашето искуство покажува дека проблемите и решенијата најчесто се наоѓаат на локално и регионално ниво, a она што една општина не може сама да го направи, може да се постигне на ниво на регион. Всушност токму тоа е и клучот на успехот на Швајцарската конфедерација, и токму тие начела се обидуваме заедно со Министерството за локална самоуправа да ги спроведеме како преку унапредување на политиките на државата така и преку конкретни инвестиции во регионални проекти во 8-те плански региони во Северна Македонија, вели таа во разговор за „Фокус“.

Според неа регионите имаат свои специфики, и не сите се соочуваат со исти проблеми, ниту пак сите имаат ист потенцијал за развој. Токму затоа одлуката во кој сектор ќе се инвестира, се носи партиципативно, со учество на граѓаните на локално т.е. регионално ниво. Она што изминатиов период беше очигледно е дека за да се постигне регионален развој, поголем фокус треба да се стави на темите како активен туризам, бидејќи тој сектор има директно влијание на подобрување на животниот стандард на граѓаните во руралните средини и има позитивно влијание врз локалниот економски развој, со што се спречува и миграцијата од руралните средини. Следна важна тема се иновациите, особено во земјоделството, гранка која е примарна во неколку региони во земјава, а инвестициите во иновации се неопходни за населението кое се бави со земјоделство да остане конкурентно на пазарот.

-Во рамките на Проектот за рамномерен и инклузивен регионален развој кој се спроведува со Министерството за локална самоуправа, во изминатиов период се реализираа над 30 инвестициски проекти од регионален карактер, во износ од над 2,5 милиони швајцарски франци. Проектите се спроведуваат преку канцелариите на Планските региони, со што директно се зајакнуваат и нивните капацитети. Во рамките на Проектот ја финансиравме и мобилната болница за Ковид-19 во Скопје со која се зголемија капацитетите на Клиниката за инфективни болести, појаснува таа.

Како што вели Зутер социјалната инклузија е една од темите која за жал честопати се занемарува.Тоа е една од клучните вредности на Швајцарија во рамките на мотото „Да не оставаме никого изоставен“, што всушност е и една од целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Токму затоа, како тема е вклучена во речиси сите проекти финансирани од Швајцарската агенција за развој и соработка, а тоа беше и темата на годинешниот повик за грантови за региони во рамките на Проектот за одржлив и рамномерен регионален развој. Социјалната инклузија останува и понатаму задолжителен критериум при доделување на проектите кое Бирото за регионален развој ги доделува на планските региони. Исто така, би сакала да потенцирам дека Швајцарската агенција за развој и соработка заедно со Министерството за труд и социјална политика спроведува посебен проект „Креирање можности за работа за сите“ чиј фокус е исклучиво социјалната инклузија на најранливите и маргинализирани групи во државата.

-Партиципативноста е една од клучните вредности на Швајцарија, и како таква се обидуваме да ја интегрираме во сите наши проекти, особено во Проектот за рамномерен и инклузивен регионален развој. Имено, иако Северна Македонија е релативно мала држава, осумте региони имаат свои специфики, и токму затоа при идентификување на проектните идеи се организираат регионални форуми, на кои граѓаните имаат можност да посочат и одлучат за што ќе бидат наменети средствата. Преку тој механизам и беа идентификувани 30-те проекти кои беа реализирани изминатите 2 години. Честопати носители на најуспешните проекти се токму граѓанските организации во регионите, како што е примерот со поставувањето на агрометеоролошките станици во Југоисточниот регион, вели Зутер.

Според Зутер, Швајцарија како донатор да изгради едно подобро општество за сите се смета за успешна не само доколку успешно ги реализира своите проекти, туку ако при спроведувањето ги зајакне капацитетите на институциите, во случајов тоа се Министерството за локална самоуправа (МЛС), планските региони и секако општините. Токму затоа, Проектот за рамномерен регионален развој се спроведува со МЛС преку планските региони граѓаните се активно инволвирани во процесот на одлучување каде ќе бидат инвестирани средствата наменети за регионален развој.

-Морам да напоменам дека соработката со институциите е одлична, а успехот се гледа и во се појаките Плански региони кои изминатиов период спроведуваат се поголем број на регионални проекти. Швајцарската развојна агенција е присутна во земјава од 1992 година. Во изминатите години сме најголем билатерален донатор. Во моментов се изготвува програмата за 2021/2025, значи следните 4 години. И понатаму, како и до сега ќе се работи во сферите на економијата, животната средина и демократијата, но со посебен фокус на дигитализацијата како алатка за постигнување на целите, вели таа.

Соња Танеска

Поврзани новости