Што се има во Планот 3-6-9?

by Fokus

Правецот на реформите кои ги предлага Владата на Република Македонија, поместени во „Планот 3-6-9“, произлегуваат од Програмата за работа на Владата 2017-2020, а го зема во предвид Политичкиот договор од Пржино и ги следи препораките од средбите на високо ниво со претставниците на институциите на ЕУ, насоките од Европската комисија во Итните реформски приоритети (2015), Препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), како и низата препораки до Владата од изминатите неколку години од телата на Советот на Европа (Венецијанската комисија, ГРЕКО), препораките на ОБСЕ/ОДИХР, наодите и препораките од годишните Извештаи на Европската комисија, вклучително и од Пристапниот дијалог на високо ниво, заклучоците од министерскиот дијалог за Програмата за економски реформи, заклучоците од редовните состаноци на телата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, документот подготвен од група граѓански организации насловен како „Предлог за Итни демократски реформи“ (Блупринт)и резултатите од консултациите со граѓанското општество.

Предложените мерки од првата група, содржани во овој План, треба да се реализираат до локалните избори. Останатите мерки кои подетално ќе се разработат од страна на надлежните институции, ќе влезат во втората и третата група мерки кои треба да се реализираат до ноември/декември или пред одржувањето на Советот на ЕУ во декември, како и оние кои ќе треба да се реализираат до март наредната година, или до објавувањето на следниот редовен Извештај на Европската комисија за Македонија.

Мерките ќе се водат од следниве цели и принципи 

Во делот на изборите, Владата ги прифаќа препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија и истите ќе ги имплементира на краток, среден и долг рок. На краток рок мерките ќе се фокусираат на поддршка на Државната изборна комисија и внатрешната консолидација и зајакнување на нивните капацитети, а во контекст на подготовките на локалните избори, вклучително и на ажурирање на Избирачкиот список, едукација на изборната администрација и на гласачите.

– Усвојување Декларација од Владата со укажување дека, во врска со изборите, нема да се дозволи заплашување и притисок врз администрацијата, со охрабрување да се пријавуваат евентуалните случаи на притисок до надлежните органи при што ќе следи суспензија на раководните лица доколку се утврди злоупотреба.

– Доколку во следниот Извештај на ОБСЕ/ОДИХР за изборниот процес се констатира небалансирано известување, истото ќе биде услов за разрешување на директорот на јавниот радиодифузен сервис – Македонска радио-телевизија

– Доекипирање на правното одделение во Државната изборна комисија (ДИК), со цел да може да дава навремено мислења по поднесените приговори.

– Доекипирање на секторите за Избирачки список и ИТ во ДИК, со цел да се зголеми ефикасноста на Комисијата.

– ДИК да подготви извештај за поднесени приговори во текот на изборниот процес како основа за евалуација на системот за приговори.

– Усвојување на упатство за забрана за користење на државни ресури од страна на учесниците и кандидатите за време на изборниот период.

– Владата ќе донесе мерки со кои ќе ги спречи учесниците и кандидатите да користат државни ресурси за време на изборниот период (користење на службени возила, репрезентација, службен канцелариски простор и административни капацитети).

– Постепено усвојување на потребните подзаконски акти согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и експертот на Венецијанската комисија.

– Се препорачува седниците на ДИК да бидат отворени за јавноста, во насока на зголемување на транспарентноста во нивното работење.

– Донесување Одлука за трајно решение за просторот во кој е сместен ДИК.

– ДИК во соработка со МВР да продолжи со тековното ажурирање на Избирачкиот список.

Во делот на работата на Собранието, Владата ќе се фокусира на целосна поддршка на сите мерки за враќање на демократскиот амбиент во оваа клучна институција, низ политички дијалог и соработка со сите парламентарни партии и особено со опозицијата. Владата ќе даде свој придонес во насока на обезбедување на услови за целосна имплементација на договорените Препораки по немилите настани од 24/12/2012, поврзано со насилните настани од 27/04/2017. Владата, коалиционите партнери и мнозинството во
Собранието, во отворена и искрена соработка со опозицијата, ќе се погрижи надзорната функција на Собранието и собраниските тела над работата на Владата и нејзините безбедносни и разузнавачки служби, да биде редовна и рутинска, со највисок можен степен на транспарентност и вклученост на претставници од граѓанското општество.

– Заради зајакнување на отчетноста, Владата му предлага на Собранието, покрај редовните, да воведе и тематски пратенички прашања, еднаш неделно во траење од еден час.

– Задолжително елаборирање пред собраниските тела на предлог законите од страна на Владата на експертско ниво.

– Зајакнување на улогата и учеството на претставници на граѓанското општество, во работата на работните тела на Собранието.

– Враќање на суштинската надзорна улога на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, преку редовни состаноци во кои задолжително активно ќе партиципираат УБК и Агенцијата за разузнавање.

– Враќање на суштинската надзорна улога на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, преку редовни состаноци во кои задолжително активно ќе партиципираат сите надлежни институции.

– Вклучување на собраниските комисии за надзор на разузнавачките служби во проектот за реформа на разузнавачките и безбедносните служби.

– Реактивирање на Клубот на жени пратенички.

– Реактивирање на Постојаната анкетна комисија за човекови права.

– Зголемување на улогата на опозицијата во работата на Собранието преку овозможување на мнозинство и претседавање во значителен број на собраниски комисии.

Владата ќе стори се од своја страна, да обезбеди соработка (кохабитација) со Претседателот на Република Македонија, како и непречено функционирање на сите државни институции со целосно почитување на дефинираните уставни и законски обврски и нивните надлежности.

– Отпочнување консултации со Претседателот на Република Македонија за пополнување на упразнетите места во дипломатските претставништва.

– Избор на член на Советот на јавни обвинители, кој се бира по предлог на Собранието.

– Избор на член на Уставниот суд, на кој му престанува мандатот.

Во делот на имплементацијата на Охридскиот договор, во духот на кохезија, Владата се договори за унапредување на имплементацијата на легислативните елементи.

– Усвојување на Предлог-Закон за употреба на јазиците од страна на Владата, кој потоа ќе биде доставен на конслутации во Венецијанската комисија.

Граѓанското општество, Владата ќе го третира како рамноправен партнер и коректор на нејзините одлуки, со целосно право, граѓанското општество да партиципира во градењето на политиките, да сугерира и критикува. Владата има намера дијалогот со граѓанското општество да биде континуиран, транспарентен и целосно инклузивен.

– Воспоставување функционален Совет за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, преку изменување на Одлуката за формирање на Совет за соработка и повторување на постапката за избор на членови на Советот во консултации со граѓанскиот сектор.

– Оценка на актуелноста на нереализираните мерки и активности од Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор (2012-2017).

– Зголемување на минималниот број денови за консултации на ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар на прописи) од 10 на 20 дена, со измена на Деловникот за работа на Владата.

– Воспоставување механизам со цел да се обезбеди, во владина процедура да влегуваат пред се, оние закони и подзаконски акти кои ја имаат поминато процедурата по ЕНЕР и се придружени со сите потребни пропратни акти.

– Спроведување истраги за заплашување и притисоци врз граѓанските организации (односно да се истражат сите пријави за говор на омраза, напади, притисок).

– Воспоставување електронска база на податоци на доделените средства за граѓанските организации од Буџетот на Владата на Република Македонија за периодот 2012 – 2016 година, во која ќе бидат внесени сите донесени одлуки.

Во делот на медиумите Владата ќе гради партнерство со асоцијациите и граѓанскиот сектор, со цел да го ослободи медиумскиот простор од било какви институционални или персонални влијанија, вклучително и финансиска зависност. Владата го стопира комерцијалното рекламирање, ќе го зајакне и целосно професионализира јавниот радиодифузен сервис и ќе ги отвори сите информации за јавноста кои се од јавен карактер и јавен интерес.

– Усвојување изјава за изразување на силна политичка волја и поддршка од Владата и институциите за континуирана примена на Етичкиот кодекс за медиумско известување.

– Донесување Одлука на Владата за стопирање со владини реклами на комерцијалните радиодифузери (со исклучок на социјални медиуми) и пренесување на комуникацијата со граѓаните преку јавниот радиодифузен сервис.

– Објавување на сите трошоци за рекламирање на Владата и објаснување на критериумите за избор на медиумите за периодот 2008-2017, во форматот доставен од Европска комисија.

– Одржување јавна консултација со медиуми, медиумски здруженија и граѓански организации.

– Подготвување предлог – измени на Закон за медиуми и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои ќе овозможат примена на Етичкиот кодекс за известување во и вон изборите, како и за зајакнување на независноста и капацитетот на медиумскиот регулатор и јавниот радиодифузен сервис.

– Подготвување предлог – измени на законска регулатива кои ќе обезбедат избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио визуелни и медиумски услуги (ААВМУ), врз основа на заслуги.

– Подготвување преглед на сите досегашни случаи на физички и вербални напади и притисоци, говор на омраза и сл. врз новинарите.

– Одржување неделен брифинг на Владата со медиумите.

Реформата на јавната администрација (РЈА), на краток, среден и долг рок е еден од клучните приоритети на Владата, при што ќе се тргне од дефинирање на квалитетна и сеприфатена Стратегија за РЈА, во насока на целосна деполитизација и професионализација на администрацијата, и градење на квалитетна и сервисно ориентирана администрација која ќе функционира и работи во подобрени работни услови, користејќи ги сите можности на современ пристап преку е-влада, е-услуги и интероперабилност.

– Владата ќе донесе Одлука за декласификација на сите документи од интерес на јавноста.

– Укинување на одлуката за утврдување на надоместок за материјални трошоци за дадена информација, од имателите на информации.

– Ревидирање на Регистарот на иматели на информации од јавен карактер и лица надлежни за слободен пристап до информации од јавен карактер во сите институции и задолжување на институциите да ги објават на веб страните документите од јавен карактер.

– Објавување на дневните редови за седниците на Владата на веб страната.

– Формирање на тематски работни групи и започнување со ревизија на нацрт Стратегијата за реформа на јавната администрација и нацрт Акцискиот план, со претставници од институциите и граѓанскиот сектор и согласно коментарите на СИГМА.

– Продолжување со процесот на ажурирање на Регистарот на вработени во јавниот сектор со цел да се објави вкупната бројка на вработени по сектори.

– Започнување на сеопфатен дијалог за нацрт Програмата за управување со јавните финансии 2018-2021.

Во делот на судските реформи, Владата ги прифаќа забелешките и препораките на Европската комисија и на Советот на Европа (Венецијанската комисија и ГРЕКО), со што на краток, среден и долг рок се обврзува да изгради независен, непристрасен, професионален и ефикасен судски систем. На краток рок, Владата ќе направи целосна ревизија на Нацрт Стратегијата за реформа на правосудниот систем и ќе започне да гради атмосфера на слободно судство, без политички притисоци, со цел да обезбедиме простор и за неопходните законски измени на среден и долг рок.

– Укинување на Законот за Советот за утврдување факти и дисциплинска одговорност на судии и подготовка на измени и дополнувања на Законот за судски совет, заради враќање на надлежностите во Судскиот совет.

– Владата го охрабрува Судскиот совет да ги поттикне судиите за сите евентуални случаи на политички или друг вид притисок, веднаш да го информираат Судскиот совет, Здружението на судии и медиумите, а доколку притисокот доаѓа од Јавен обвинител, веднаш да информираат во Советот на јавни обвинители и медиумите. Доколку пак притисокот доаѓа од член на Судскиот совет, веднаш да го информираат претседателот на Судскиот совет и медиумите.

– Формирање на работна група за подготовка на Закон за изменување и дополнување на Законот за судови и Законот за Судскиот совет во делот на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, основите за дисциплинска одговорност, дисциплински мерки и оценување на судиите.

– Формирање на нова работна група за ревидирање на Нацрт-Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, согласно препораките на Европската комисија, Венецијанската комисија и ГРЕКО.

– Одржување редовни консултации со ЕК по однос на текстот на Нацрт-Стратегијата.

– Организирање јавна расправа во однос на Нацрт-Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и усвојување на Стратегијата.

– Формирање на Совет за спроведување на реформите во правосудството.

– Спроведување контрола и увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС), за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност.

– Целосна институционална поддршка на работата на СЈО, во согласност со соодветните закони.

– Формирање работна група за подготовка на предлог текст за измени на Законот за заштита на укажувачи, во согласност со препораките на Венецијанската комисија и ЕК.

– Подготвување на нов предлог на Закон за заштита на сведоци.

– Формирање на работна група која ќе ги разгледа препораките на Венецијанската комисија по однос на Законот за заштита на приватност и ќе бидат подготвени предлози и препораки за натамошни активности.

– Зајакнување на кадровските капацитети на Народниот правобранител.

Владата смета дека реформата на разузнавачките и безбедносните служби, се повеќе од неопходни. Имајќи предвид дека станува збор за сеопфатна реформа, Владата ќе обезбеди транспарентна и инклузивна дебата, во која процесот на консултации ќе биде соодветно спроведен. Реформите ќе се спроведуваат конкретно и на терен, дури откако ќе обезбедиме јасна слика, план и динамика за потребните промени, со кој ќе ги отстраниме причините за пројавените слабости во безбедносниот механизам и службите за безбедност и разузнавање и ќе ја вратиме довербата во истите.

– Започнување со инклузивна дискусија во Собранието за избор на моделот за реформа на системот на следење на комуникациите.

– Подготвување план за реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), со листа на правни акти, административни и технички мерки и финансиски импликации.

– Операционализирање на Националниот координативен центар за борба против организиран криминал.

– Дефинирање на модел и правна рамка за надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата во соработка со Советот на Европа и Народниот правобранител.

– Формирање и именување на членови на Национален комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализација која води кон тероризам.

– Назначување Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам и негови заменици.

Владата ќе се погрижи борбата против организираниот криминал и корупција од хартија да ја пренесе во пракса, со ослободување на механизмите од политичките влијанија и притисоци. Ќе дефинираме и спроведеме реформи кои ќе обезбедат непристрасен и професионален однос кон секој пријавен случај на корупција, со еднаков пристап и примена на законите за секој граѓанин на Република Македонија. Тоа ќе го направиме транспарентно и со целосен респект на сите препораки кои доаѓаат од домашните и странските експерти и од граѓанското општество.

– Започнување со реформа на одделението за борба против корупција во МВР.

– Владата ја повикува Државната комисија за спречување на корупција да подготви детален аналитички Извештај за сите покренати постапки и истраги за корупција, за последните 5 години, врз основа на форматот на ЕК.

– Зајакнување на Финансиската полиција и формирање на меѓуинституционална работна група со цел зајакнување на капацитетот и експертизата за спроведување на истраги и конфискација на имот на посистематска основа.

– Овозможување опрема/пристап и потребен персонал за спроведување на следење на комуникации на Царинската Управа и Финансиската полиција, зависно од моделот кој ќе биде избран за реформа на разузнавачките служби.

Во делот на миграциите, Владата ќе ги започне преговорите со Европската комисија за Статусниот договор за (ФРОНТЕХ) Европската служба за гранична и крајбрежна стража, бидејќи смета дека тоа е од обостран интерес, за нас и за ЕУ.

– Формирање на преговарачки тим, усвојување на преговарачки позиции и започнување на преговори за Статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража.

– Иницирање технички состаноци со ЕК за усогласување на националниот систем со релеватните барања на ЕУ и Шенген правилата.

– Формирање специјална единица (task force) за борба против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти, составена од претставници од Основно јавно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција и МВР.

– Организирање регионална работилница со учество на националните координатори од земјите од Западен Балкан и ЕУ за борба против трговија со луѓе.

– Ревидирање на Законот за азил и времена заштита согласно препораките на експертот на ЕК.

Поврзани новости