Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, исто така ја демантира информацијата дека во Скопје ќе се градат бегалски кампови. Тој вели дека ова прашање било поставено од советниците на опозицијата на последната седница на градското собрание и дека им било одговорено дека бегалски кампови нема да има. Сепак ВМРО-ДПМНЕ и вчера излезе со прес конференција каде го тврди спротивното.
„Кога остануваат без аргументи и соочени со вистината, не прават ништо друго, освен што шират лаги и невистини. Градот Скопје и Министерството за труд и социјална политика, се грижат за сите наши граѓани, па макар биле и бездомни. Очигледно, некому не му одговара посветеноста и вистината. За креаторите на лажните вести, судете сами …“, напиша Шилегов на својот фејсбук профил.
Претходно и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, порача дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести и дека во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомни лица.
„Ги повикувам граѓаните да не наседнуваат на лажните документи кои се споделуваат по социјалните мрежи. Вистината е следната: Во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бедомните лица кои до неодамна живееа под Кале, а не камп за мигранти. Оваа одлука е усвоена уште пред една година со која Владата трајно ќе им се обезбеди дом на повеќе 80 лица кои живееја во на улица. Очигледно паниката кај ВМРО-ДПМНЕ е преголема па се спремни ваквите хумани решенија да ги злоупотребуваат. Повторно јасно порачуваме – бегалски кампови нема да се градат и бегалци нема да се населуваат во нашата земја“, порача таа.