Шилегов предложи 5 до 7 денари на саат за паркирање мотор, моторџиите незадоволни: Ќе паркирам јас како сакам

by fokus

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска одржа средба со моторџиите од неколку мото клубови по однос на информациите дека е во план регулација на паркирањето мотори. Како што рече Шилегов идејата на Градот е во првата година паркирањето на специјализираните паркиралиште да биде бесплатно, а по првата година да се наплаќа од 5 до 7 денари за саат.

-Тука сме за да дебатираме, ниедна одлука не носиме нагло. Целта на нашата идеја е да одбележиме пет до десет места на постојните паркиралиште за да можете да си го оставите моторот кога ќе стасате некаде. Нашиот план е после таа година да се наплаќа саат помеѓу 5 и 7 денари за паркирање на мотор, но ќе го регулираме прашањето. Мислам дека сума во износ од 5 до 7 денари на саат не е многу – рече Шилегов.

Неговиот предлог предизвика незадоволство кај присутните моторџии, кои рекоа дека никаде во светот не се наплаќа ова.

-Зошто сакате да наплаќате? Дали ова што го правите е со причина прибирање финансии или регулирање? Дали сте размислиле низ какви улици возиме, не водите грижа за нас. Покажете прво чувство за наша безбедност па после да дебатираме. Пред да донесете ваква одлука не сум слушнал да поканите било кој од било кој мото клуб на разговор. Размислите пред да донесете одлука, ние ова го сфаќаме само како начин градот да добие финансиски средства, ништо повеќе – рече еден од моторџиите.

На тоа градоначалникот рече дека Градот нема да заработи од 5 денари на саат, но дека се потребни средства за изградба на таа инфраструктура каде моторите би се паркирале.

-Не ни треба паркинг места и така плаќаме поголеми давачки за регистрација. Ќе паркирам јас како сакам, а не вие да ми кажете како да паркирам, се фаќате за најбенигниот проблем – возвратија моторџиите.

Поврзани новости