Шамбевски со поддршка за кандидатурата на Ѓорчев: Влатко е одлично решение за претседател на државата

by Fokus

Поранешниот амбасадор на Република Македонија во НР Кина и во Малта, Оливер Шамбевски, јавно на Фејсбук, ја изрази неговата поддршка за кандидатурата за претседател на Влатко Ѓорчев. Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:

Владимир Ѓорчев го познавам повеќе од 20 години. Вчера прочитав дека ќе поднесе кандидатура на Конвенцијата за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија и најискрено мислам дека е одлично решение од неколку аспекти.

Владимир е исклучително посветен човек на идеалите кои ја формираа оваа држава. Тој во ВМРО-ДПМНЕ е постојано и е активен од самите нејзини почетоци, а кога ова го зборам ги имам предвид и помалку тешките години за ВМРО, но особено ги имам предвид тешките години за ВМРО.

Заради природата на мојата работа како амбасадор сум бил сведок на неговата исклучителна популарност кај меѓународната заедница и тоа во неколку наврати. Неуморен е во градењето пријателства со влијателни луѓе во меѓународната заедница и сметам дека тоа многу ќе и помогне на Македонија.

Исто така, имав чест лично да сведочам за неуморноста на Владимир и во најбезнадежните моменти, кога многумина се откажуваа, со заразен ентузијазам да оди во секоја куќа во секој дом во секое село и град и да допре до секој човек најотвoрено и најпријателски.

Секогаш сакал да се запознае со проблемите на луѓето, да ги запознае по име, да сочувствува со проблемите, да се радува на нивните успеси, но исто така сум сведочел како жестоко се борел за решавање на нивните проблеми и во партиските тела, но и во Парламентот!

Во крајна линија тој е кандидат којшто целиот свој продуктивен живот и го посветил на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија и затоа сум убеден дека токму во овие тешки моменти може да и даде најмногу на Македонија за да може Македонија повторно да стане нормално место за живеење.

Ова секако е добар почеток на процесот за избор на кандидат за претседател на Република Македонија предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Oчекувам дека и други кандидати ќе поднесат свои кандидатури, ама секако честитки за ВМРО-ДПМНЕ за ваквиот процес кој во крајна линија одржува час по демократија и за останатите политички партии во Македонија.

Поврзани новости