Се случи струмичко чудо, кажа градоначалникот Костадинов по повод Интернационалната карневалска поворка

by Фокус

Струмица вечерва беше центар на светот. Се случи уште едно струмичко чудо! Се случи Интернационалната карневалска поворка, главниот настан на овогодинешните карневалски свечености во нашиот град, пред очите на илјадници струмичани, но и пред бројните гости од земјата и странство. Беше тоа Струмички карневал кој долго ќе се памети, порача струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов по повод вчерашната карневалска поворка, на која продефилирале над 1.100 карневалџии.

Помеѓу нив имаше луѓе од повеќе земји, Хрватска, Србија, Грција, Босна, Бугарија, Црна Гора… Традиционалниот Струмички карневал започна во средата, кога градоначалникот симболично им го предаде клучот на градот на карневалистите. Во изминатите денови следуваше богата културна и забавна програма, со многу изложби, музички концерти и литературни настани на тема карневал. Како најголема атракција на карневалот секогаш е Интернационалната карневалска поворка, која се одржа синоќа.

Денес се одржува Детскиот карневал, а пак утре следува објавување на резултатите за најуспешни маски од карневалската вечер. Во 13 часот утре, исто така е предвидено и традиционалното варење на бел грав на плоштадот Гоце Делчев. Во вторник на програмата е карневалското корзо, доделување на наградите, а пак во среда следи тримерски ручек и настап на локални музичари, како и враќањето на клучот на градот на градоначалникот од страна на карневалистите.

Вики Клинчарова

ФОТО: Столе Ангелов

Поврзани новости