САД најавуваат испораки нафта од стратешките резерви, цените нагло паѓаат

by fokus

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден веќе неколку месеци размислува за ставање на пазарот до 180 милиони барели нафта од Стратегиската нафтена резерва, како резултат на напорите на Белата куќа да ги намали цените на горивото. Ова би било третпат САД да ги користат своите стратешки резерви во последните шест месеци, но и најголемото ослободување нафта во речиси 50-годишната историја на Стратегиската нафтена резерва, пишува Ројтерс, повикувајќи се на три американски извори.

Досегашното лансирање на нафтата не успеа да ги намали цените бидејќи глобалната побарувачка речиси го достигна нивото пред пандемијата, додека условите на страната на понудата се затегнати на глобално ниво. Имено, цената на нафтата почна да расте кон крајот на февруари со нападот на Русија врз Украина, на што САД и западните сојузници одговорија со санкции против Русија, вториот најголем извозник на сурова нафта во светот.

Цената на референтната нафта брент скокна претходно овој месец на околу 139 долари за барел, што е највисока од 2008 година и беше блиску до 110 долари за барел на азиското тргување во четвртокот. Претседателот Џо Бајден денеска ќе ги претстави плановите на неговата администрација, соопшти Белата куќа, одбивајќи да го коментира планот за ослободување нафта.

Стратешките нафтени резерви во моментов имаат 568,3 милиони барели нафта, што е најниско ниво од мај 2002 година, наведува Ројтерс, повикувајќи се на податоци од американското Министерство за енергетика.

На лондонскиот пазар утринава цената на барелот падна за 3,92 отсто на 109,05 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 4,62 отсто на 102,85 долари.

Поврзани новости