Рестораните на Софија Лорен во Италија со цени пониски од некои македонски локали!

by Фокус

Филмската дива Софија Лорен неодамна го отвори својот втор ресторан во Италија. Нејзиниот прв ресторан беше отворен во Фиренца, додека пак новиот се наоѓа во Милано. И двата ресторани се именувани според актерката, Софија Лорен, а од она кое може да се види на официјалната страница, пијалоците и кулинарските специјалитети кои се нудат, се со цени дури и пониски од оние во повеќето македонски угостителски локали.

Така на пример, еспресото изнесува 1,20 евра, капучиното е 1,50 евра, а десертите се од 1,20 до 1,80 евра. Во менито се наведени разни видови на кроасани, мафини, колачи со суво грозје и чоколада и друго. Има и еклери, чија цена е 1,50 евра. Парче торта пак, изнесува 3,50 евра. Безалкохолните пијалоци изнесуваат од три до пет евра, чаша вино четири евра, пиво од четири до пет евра. Пивото на точење е три евра. Печива полнети со месо изнесуваат 2,50 евра, пиците се од четири до шест евра, а шпагети со разни сосови изнесуваат 16 евра.

Додека ресторанот во Фиренца е наменет повеќе за лесна храна со пониски цени, во новоотворениот во Милано се нудат и разни морски и месни специјалитети, од кои најскапиот изнесува 39 евра. Стартерот наречен Лорен кој се служи на даска изнесува 30 евра, а содржи разни видови на сирење, омлет, чадено месо од бивол и домати. Пиците во ресторанот во Милано се 13 евра, а пицата која е специјалитет на куќата и е наречена Софија Лорен изнесува 19 евра.

Салатите се од десет евра, до најскапата од 18 евра, која е оброк салата со авокадо, ракчиња, тофу и портокали. Подготвена риба за килограм е од девет евра, па нагоре, во зависност од тоа каква свежа риба имало на маркетот тој ден, а најскапи се порциите телешко со печурки и свежа туна, кои изнесуваат по 39 евра.

За споредба, во земјава, посебно во Скопје и Охрид, речиси и да нема модерен угостителски локал каде кафето изнесува помалку од сто денари, пица од 300 денари, десерт од сто денари… Со цени кои се пристапни за италијанскиот, но и европскиот стандард, рестораните на филмската дива се доста популарни. За време на отворањето, 88-годишната Лорен изјавила дека ова е нејзина нова авантура на која и се радува.

-Во животот имав многу страсти, една од нив без сомневање е храната. Ниту еден режисер никогаш не успеа да ме стави на диета, и никогаш во животот не одбив тањир со вкусна паста, во име на добрата линија! Среќна сум поради оваа авантура, отворање на ланец на ресторани каде најдобрите готвачи ќе ги покажат своите умешности – изјавила актерката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости