Приказната на уличното куче Манго: Во Охрид му ја расцепија главата со секира, па си ја најде среќата во Чешка!

by Frosina Fakova

Манго, уличното куче од Охрид чија фотографија со расцепена глава од удар со секира пред две години ја обиколи земјата, денес живее среќен живот во Прага, Чешка.

И покрај тоа што сторителот, и покрај пријавите и апелите на јавноста да се пронајде и биде изведен пред лицето на правдата, се уште не е најден, сепак на Манго, кој сега се вика Барт, му се насмевнала среќата. Веќе две години живее со Матеј и Вилма, кои во меѓувреме добија и бебе, а вдомувачите имаат само пофални зборови за него.

-Уште од првиот ден лесно се вклопи, како цел живот да беше со нас, така велат Матеј и Вилма, раскажува младата активистка Анастазија Димзовска, која помогна Манго да си ја пронајде среќата и да биде сакано суштество.

Таа е член на здружението Охрид Стрејс, кое го основале заедно со нејзиниот другар Владимир Божинов пред две години.

-Манго го спасивме група граѓани љубители од Охрид. Досега имаме вдвомено над 500 кученца во странство и нешто тука, стерилизирано/кастрирано над 100 охридски кученца на база на донации и исклучително со помош на вдомувачите од странство. Моментално имаме над 30 кученца и неколку мачки кои чекаат на посвојување- раскажува активистката.

За Манго, а сега Барт, вели дека е во постојан контакт со неговите вдомувачи и како тој е доказ дека бездомните кучиња погрешно се претставуваат во лошо светло.

-Тоа е толку погрешно, Манго е жив доказ. Без разлика што се здоби со удар од секира, злоба и предавство од човек, тој продолжи да го живее животот како прав борец кога му најдовме дом во Прага. Стана куче бејбиситер на малечко девојче кое го чува како очите, ја научи дека тој има безусловна љубов за давање без разлика на неговото минато. Манго, а сега Барт е веќе две години член на три членото семејство и од Прага секогаш ги поддржува неговите пријатели во Охрид- раскажува Анастазија.
Додава дека и покрај пријавите, сторителот на монструозниот чин, за жал се уште не е најден.

За случајот со Манго пишуваше и „Фокус“ во август, 2018 година. Минувачи го забележале како со расцепена и крвава глава лутал по улиците низ Охрид, по што беше пренесен во ветеринарна станица и опериран.

Тоа беше втор случај на удар на куче со секира за една недела, и покрај Манго, беше повредено и куче во Скопје. Активисти нудеа награда од 200 евра за информација која би го открила монструмот кој напаѓаше кучиња, и апелираа на социјалните мрежи да се открие и казни сторителот, но случајот и до денес остана нерешен.

Вики Клинчарова

Поврзани новости