Претседателката на Лекарска комора, Старделова: Лекарска грешка утврдуваат судски вештаци

by fokus

Извештајот на комисијата за стручен надзор не влијае за понатамошна одлука за страните во процесот да покренат постапки пред надлежните судски органи. Доколку комисијата за стручен надзор констатира пропусти во процедурата односно во стручното постапување тоа не значи дека е утврдена лекарска грешка. Лекарска грешка утврдуваат судски вештаци кои се ангажирани од суд кога целиот тој процес оди во судска процедура. Судските вештаци се доктори.

Ова денеска на прес-конференција го истакна претседателот на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова појаснувајќи ги надлежностите на комората во врска со случајот со родилката во Струга. Таа посочи дека размислуваат да побараат законски измени за зголемување на нивните надлежности.

-Во Лекарската комора оваа избрана комисија за стручен надзор не е комисија од судски вештаци, не се прави судско вештачење, тоа е сосема различно од ова. Како претседател на Лекарска комисија не сум дел од работење на таа комисија, ниту една таква комисија и немам увид. Значи, како претседател не значи дека имам слобода да земам увид и да читам документи. Сепак постои закон за права на пациенти каде се заштитени сите податоци на пациенти. Само одредена група луѓе може да ги разгледа тие податоци и да донесе некакво свое мислење околу редот на нештата, рече Гривчева Старделова и додаде дека нема ингеренции да го види извештајот.

Таа потенцира дека претседателот на Лекарската комора ја претставува Комората во правниот промет, но не учествува директно во работата на сите органи и тела. Комисиите за конкретен стручен надзор, појасни таа, ги формира друго тело во Комората, односно друга комисија, чии членови се јавно достапни на веб-страницата на Лекарската комора.

-Направениот стручен надзор се доставува до Министерството за здравство согласно Законот за здравствена заштита до барателот за правење на стручен надзор и до установата во која е правен стручниот надзор. Извештајот од стручниот надзор ја констатира состојбата односно ако постојат недостатоци, неправилности или пропусти во вршење на нашата стручна работа во однос на спроведени на стручните упатства и начинот на укажување на здравствена заштита. По разгледување на извештајот министерот донесува решение. Состојбата која ја констатира извештајот се прави врз основа на достапна медицинска документација, таа што ни е приложена. Прибраните изјави во моментот кога комисија оди на увид на одредена здравствена установа од потенцијално инволвирани колеги и медицински персонал кој работел таму судското вештачење е наспроти тоа сосема поинаква процедура која се спроведува од други надлежни институции и органи, рече д-р Гривчева Старделова.

Таа рече дека Лекарската комора не е регулаторно тело.

-Нашето мислење, односно нашиот надзор е само стручно мислење на одредена избрана група на колеги од областа. Комисијата кога одредува кои луѓе би биле најсоодветни за да го направат тој стручен надзор зема предвид што треба се согледа, што треба да се анализира избира повеќе од три до пет члена во комисијата, меѓутоа избира повеќе од од три или пет, затоа што прво членувањето во комисијата за стручен надзор е доброволно, второ колегите можеби не можат да ја преземат таа работа, зафатени се со нешто друго и не можат да се нафатат да го работат стручниот надзор, додаде д-р Гривчева Старделова.

Заменик-претседателот на Лекарската комисија, Илбер Бесими рече дека во комуникацијата која ја имаат и за измените на Законот за здравствена заштита и за нивното работење барале неколку измени.

-Силината на нашите аргументи би требало да оди преку измена на законот, да се дадат овластувања во законот кои на крај ги усвојува Собранието. Бараме да имаме и повеќе ингеренции, но некои работи не се во наш домен на работење и делување. Во медицината постојат рани и доцни компликации во секоја интервенција. Можни се неколку типа компликации кои му се објаснуваат на секој пациент. За конкретниот случај крајното решение ќе го каже министерот за здравство, додаде д-р Бесими.

Поврзани новости