Предизборните анкети смеат да се објавуваат до 6 ти декември

by Fokus

Анкетите што покажуваат во која насока се движи јавното мислење во предизборниот период и колкав е рејтингот на политичките партии, според Изборниот законик, смеат да се објавуваат најдоцна пет дена пред денот на изборите, односно до 6 декември, објави новинската агенција Мета.

Резултатите од испитувањата на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите, пак, не смеат да се објавуваат пред 19 часот, односно пред затворањето на избирачките места.

При објавување на резултатите, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот што го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето.

Последната анкета,  објавена пред два дена, која ја спроведе агенцијата „Рејтинг“, по нарачка на „24 Вести“ покажа до сега најмала разлика помеѓу двете најголеми политички партии од македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ односно само 1,4 отсто предност за владејачката партија. Според истражувањето, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 29,9 отсто од испитаниците, за СДСМ 28,5 отсто, за ДУИ 6,8 отсто, а за ДПА 2,8 проценти.

Разликата во рејтинзите меѓу двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, е 4,2 отсто во прилог на владејачката партија, покажаа резултатите од последната анкета на агенцијата „Фактор плус Адриа“ објавена на 27 октомври.

На 15 октомври, анкета спроведе и институтот„Димитрија Чуповски“, чии резултати покажаа дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,6 отсто од граѓаните, за СДСМ 16,1 отсто, за ДУИ 6,3 отсто, а за ДПА 2,9 отсто од граѓаните. За одговорот „ниту една партија“ се одлучиле 22 отсто од испитаниците, а „не знам“ одговориле 17,4 отсто.

Меѓународниот републикански институт „ИРИ“, кој прави неколку истражувања на јавното мислење во текот на годината на повеќе теми, најави дека нема да прави предизборна анкета за рејтингот на политичките партии во Македонија.

Поврзани новости