Познато е чиј е автомобилот во кој беше пронајден машки труп кај Тиквешко Езеро

by fokus 13:05
13:05

На спореден пат кај Тиквешкото Езеро во близина на Кавадарци завчера вечер бил пронајден патнички автомобил со битолски регистарски ознаки и тело на починато машко лице во распаѓање, соопшти Обвинителството.

-Поради лошата пристапност на теренот, полициски екипи од ОВР Кавадарци и СВР Велес извршија увид на лице место. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци издаде наредби за обдукција на телото на починатиот со цел да се утврдат причините за смртта, како и за ДНК анализа со која ќе се утврди неговиот идентитет – изјавија од таму.

Сепак, од информации до кои дојде ,,Фокус” станува збор за автомобилот на Николче Николовски (34) од битолско Буково, кој се води за исчезнат од средината на месец мај.

Како што веќе пишувавме за неговиот случај, тој излегол од својот дом со автомобил Форд Фиеста на 13-ти мај, и од тогаш му се изгубил секој траг. Негови блиски апелираа за информација која би довела до негово пронаоѓање, а негова фотографија и основни податоци се објавени и на страницата за исчезнати лица на МВР.

Претседателот на Месната заедница Буково, Горан Кабровски, кој во неколку наврати апелираше за пронаоѓање на Николовски ни изјави дека цела заедница е вознемирена од случајот, и потврди дека има информација како пронајдениот автомобил е всушност автомобилот со кој исчезна младиот Николче.

-Она кое засега го знаеме е дека тоа е истиот автомобил со кој исчезна Николче. Други информации немаме, чекаме обдукцијата да ги даде одговорите – вели тој.

Од СВР Велес за ,,Фокус” велат дека не можат да откриваат повеќе детали за настанот, се додека не биде завршена обдукцијата врз пронајденото тело.

Вики Клинчарова

Поврзани новости