Поранешната раководителка во Агенција за вработување се луксузирала на државна сметка, патувала во Брисел, Нинберг, Унгарија…

by Fokus 09:00
09:00

На листата на раководители кои ја злоупотребиле службената положба се најде и Слободанка Алексовска како раководител во Агенцијата за вработување, која истовремено ја извршуваше и функцијата советничка во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во претходниот совет.

Таа се најде на мета на јавноста благодарение на луксузниот живот кој го терала на сметка на оваа државна институција, за што обелодени новото раководство. Од таму излегоа со информации што се Алексовска купувала со буџетски пари, каде шетала, на какви луксузни патувања одела?

- Advertisements -

„Фокус“ испрати барање по слободен пристап до информации до Агенцијата за вработување со цел да ни кажат на колку службени патувања била Алексовска како раководител во АВРМ, во кои земји најчесто патувала, колку и биле патните трошоци и сместувањето и колкави дневници земала? Од документите кои повратно ги добивме од Агенцијата можеме да забележиме дека екс раководителката била на службени патувања во Брисел, Белгија, потоа во германскиот град Нинберг, во Унгарија, Полска…

Според документите со кои располагаме, Алексовска годинава била на службено патување во Брисел, каде што за дневница (хранарина) потрошила 138 евра, додека пак за такси превоз потрошила уште 204 евра. Раководителката во АВРМ, исто така за патни расходи, односно за авио билет потрошила 408 евра. На нејзината листа на службени патувања била ставена и Варшава во Полска, но во документите се наведува дека ова патување воопшто не било реализирано. Така да, останува нејасно дали парите кои се наведени за патни трошоци и хотелско сместување воопшто се искористени, иако се работи за сума од околу 700 евра.

Исто така, на сметка на Агенцијата за вработување пред две години, односно во 2015 година, Алексовска била на службено патување во германскиот град Нинберг, каде како што се наведува во документите потрошила 175 евра за хранарина и уште 308 евра потрошила за патни трошоци за друго службено патување истата година во Унгарија. Пред три години, во 2014 година, раководителката за службено патување во Брисел потрошила 266 евра за хранарина.

Сепак, во моментот располагаме со сумите за службените патувања на Алексовска како раководител на Агенцијата за вработување, но тука не влегуваат и нејзините патувања како советничка во Град Скопје, каде што била на фукција во истиот временски период.

Пред само неколку месеци јавно беа соопштени и парите кои таа ги потрошила на државна сметка, а со кои купувала машки чорапи, влажни марамчиња , козметика, аутан, спрејови, млеко за тело, смоки, цигари, мешан кашкавал, напитоци од соја, гумени бонбони, свежа риба лосос, сувомеснати производи, како и јајца од јапонска потполошка. Сето тоа, според тврдењата на актуелната директорка Билјана Јовановска го купувала Алексовска во периодот додека раководела со Центарот за вработување во Скопје.

Но, тоа не се вкупните трошоци што на државна сметка ги направила раководителката. Од буџетот на оваа институција во 2016 година потрошила 429.597 денари (околу 7.000 евра), а за првата половина од оваа година 116.625 денари (околу 2.000 евра) за свои лични и семејни потреби од маркети, молови и аптеки. На овој начин биле злоупотребени околу 9.000 евра.

Слободанка Алексовска несовесно, спротивно на правните прописи, со злоупотреба на службената положба и овластувања нанела штета на имотот и буџетските средства на Агенцијата за вработување. Спротивно на Правилникот за користење на службени моторни возила, Алексовска користела две службени возила надвор од работното време, по 16 часот и 30 минути и тоа за време на викенди, за време на користење слободни денови и при користење на годишен одмор. Од буџетот на Агенцијата Алексовска трошела средства за патарини и паркинг услуги надвор од работното време во неработни денови и во доцните вечерни часови. Исто така, за угостителски услуги правела повеќе сметки во износи над 6.000 денари во доцните вечерни часови и за време на викенди – информираше Јовановска.

„Фокус“ веќе контактираше со новата директорка која ни потврди дека е поднесена кривичната пријава против Алексовска во однос на трошоците што ги има направено на сметка на Агенцијата и додава дека очекува тие пари да бидат вратени.

Сепак, тоа не се единствените кривични пријави кои и се товарат на грбот на Алексовска. Против неа е поднесена уште една кривична пријава, за кражба на хард дикс од Агенцијата за вработување. Од Министерството за внатрешни работи пред неколку месеци потврдија дека против поранешната советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје е покрената постапка за кражба на хард диск, а кражбата била пријавена од новото раководство на Агенцијата.

Таа пред неколку недели си поднесе отказ од Агенцијата за вработување. Алексовска за сите обвинувања кои беа упатени на нејзина адреса тврдеше дека се работи за политички реваншизам.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости