Поповски: Граѓаните ќе имаат увид во сите пари од Буџетот кои се потрошиле поради кризата со корона вирусот

by fokus

Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, на денешната прес конференција истакна дека граѓаните ќе имаат увид во финансиските трошоци или јавни набавки поврзани со корона вирусот. Поточно граѓаните ќе можат да го следат секој денар кој излегол или се слеал во Буџетот, а е поврзан со корона вирусот.

-Пандемијата во целост го смени начинот на живот во светот. Македонија се наоѓа во уште покомплицирана состојба од останатите земји, бидејќи е без функционален парламент, па се најдовме во ситуација кога техничката влада која требаше да ги организира изборите, ја водеше државата. Владата донесе низа мерки кои го ублажија ударот од кризата. Во овој период се појави потреби и од итни јавни набавки. На мој предлог се надгради веб страницата koronavirus.gov.mk за финансиска транспаретност поврзана со корона кризата. На оваа веб страница ќе бидат објавени сите јавни набавки, нефинансиски донации, финансиски донации и податоци за сите исплати од Буџетот како мерки за справување со корона кризата, истакна министерот Поповски.

Алатката е достапна на надградената веб страница и на едно место ги сублимира сите трошења, субвенции, донации и јавни набавки направени за справување со КОВИД кризата.

– Со поврзување на базите на институциите со електронскиот систем на јавни набавки граѓаните, медиумите и сите заинтересирани ќе можат на едно место да се информираат за сите трошења поврзани со КОВИД-19. Одговорното владеење и транспарентност се еден од суштинските приоритети на Владата во изминатите три години и во таа насока е и оваа алатка. Само така се гради систем на доверба во институциите наспроти машинеријата на лажни вести, изјави  Поповски.

На веб страницата ќе бидат објавувани јавни набавки направени од институции на централно ниво кои се однесуваат на справување со кризата, податоци за нефинансиски донации од сите институции, податоци за финансиски донации на наменски сметки на генерален секретаријат на Влада и на Министерство за здравство и податоци за сите исплати од буџетот направени како мерки за справување со кризата.

Надградбата на веб-страницата е изработена од компанијата „Нексенс“ и нуди детален преглед на сите донации, извештаи за исплати од буџетот за справуавње со КОВИД-19 кризата, како и информации за сите јавни набавки. Изработката, информираше министерот Поповски, е во соработка и помош со УСАИД, ИРИ и нема да чини ништо.

Поврзани новости