Политичка теорија на игра – Нешовиот еквилибриум

by Фокус 16:26
16:26

Сосема природно е кога деца ќе ги пуштите во огромен простор со многу шаренолики играчки, тие да “збеснат“ од радост и од незнаење што со себе. Меракот е преголем. Не случајно и́ Библијата ни дала опомена, дека казна за еден народ е да го раководат “деца“. Исаија 3:4-5: “Ќе им дадам момчиња за началници, и деца ќе владеат над нив. А во народот, еден ќе угнетува друг, и секој својот ближен; момче бесрамно ќе се прави голем пред старец и простак – пред големец.“

Оваа опомена како да е измислена за нас Македонците. Токму ние сме еден од ретките народи кои во годините на независност и сувереност, постојано избираме “деца“ да ја раководат државата, скоро сите влегоа во власта (читај “простор со играчки“) под 30-тата година во животот. И токму сега е време емпириски да се осврнеме, што всушност, таквиот пристап и́ донесе на нацијата и државата?

- Advertising -

Од прва рака, можеме слободно да заклучиме дека и́ донесе се́ само добро не, да не речам повеќе зло отколку добро.  Ние во изминативе 25 години, не успеавме да изградиме одржлив вредносен модел на општење едни помеѓу други, не научивме да покажеме почит кон различниот од нас, кон поинакви светогледи, одиме одма “на нож“ со другиот, склони сме да навредиме, омаловажиме, секогаш да сме само ние во право, да не дозволиме другиот поинаку да мисли и делува од нас. Ова е се́, само зрелост на нацијата не.

Зошто, како општество не успеавме да создадеме здрава клима на критичко соочување едни со други, зошто не успеавме да изградиме демократски капацитет на нацијата за да знае како да се соочува со сите предизвици на еден зрел, современ, витешки начин, со почит едни помеѓу други па дури и во пораз, да научиме да се помириме дека не секогаш сме во право за се́. Не успеавме да се надраснеме себеси, за да сфатиме дека можеби нашата не е сета вистина, дека можеби нечија друга вистина е подобра за иднината на нацијата, а не само своето да си го гледаме. И во таква ситуација кога не постои зрело расудување, кога недостасува стабилно и отмено однесување, кога немаме ниту еден елемент на витешки пристап во политиката, кога усвитени глави насилно сакаат да владеат и само нивната вистина да ги покори сите останати, а кога и системот патем, е целосно урнисан и се затворени сите демократски издувни вентили, тогаш што друго ако не конфликт, е на повидок.

Парадокс од невидени размери

Внимавајте, Специјалното јавно обвинителство покренува постапка со обвиненија за сторени сериозни кривични дела, за кои и сите мали деца знаат дека се навистина сторени, а на тие кои се обвинети “око не им трепнува“, па се надеваат на семоќната партија и нејзиниот гуру да ги спаси со еден кренат телефон кај тие кои се востоличени во судии преку “тефтерчето“, токму на некои од сега обвинетите. Парадокс од невидени размери. Лагата е на сцена, и сега со една лага се сака да се прикрие претходната, и повторно да влезат во вртлогот на злото и ако е можно, да ја понесат и нацијата со себе. Оти нели, кај автократите важи синтагмата – државата тоа сум јас, или помодерно денес, народот тоа сум јас, Македонија тоа сум јас и после мене потоп. А се против мене е против народот и против Македонија. Бре мајката…! Од кога тоа така? Да не се умислил некој дека од мајка му ја добил државата во наследство?

Библијата е живо Слово Господово. Вистината во неа е остра како меч кој раздвојува како што месото се раздвојува од коските. И́, како и при секое породување, породилните маки се на сцена, но потоа доаѓа радоста оти се раѓа нешто ново.

Таа вистина вели: “Лажниот сведок нема да остане неказнет, и кој говори лага, нема да се спаси. Мнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци…Лажниот сведок нема да остане неказнет, а кој говори лага ќе загине…Стравот Господен води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде…Лукавиот сведок се потсмева со судот, и устата на беззакониците голта неправда. Готови се судовите за невоздржливи…“

Кој прв ќе попушти

Но, ајде сега да се соочиме со актуелниот политички миг.

Влијателниот меѓународниот фактор, сега веќе со преземена палка од САД, заедно со ЕУ, во својство на гарантори на политичкиот договор од Пржино, јасно и децидно дадоа до знаење дека се доцни со исполнување на сериозен дел од обврските по договорот, во сериозно значајни сегменти, како што се релевантноста на избирачкиот список, подјармените медиуми, партизираните институции, или ако сакате општата клима на недоверба во искреноста на политичките актери од власта, кои се́ понепристојно се препелкаат во калта, притоа надевајќи се дека, веќе избледнетите рутини и навики да доминираат со јавната сцена, ќе им донесат повторно лагодна состојба на владеење.

Според политичката теорија на игра, во науката добро познатиот Нешов еквилибриум во сите негови варијации на тема, можеби ќе може да не насочи во кои правец ќе се одвиваат работите.

Само за потсетување, основниот образец на теоријата на игра е затвореничката дилема. Имено, многумина претпоставувам веќе им е позната, но за пошироката јавност, двајца притвореници во две различни ќелии, се подложени на притисок од истражните органи да се “издадат“ еден со друг. Односно, било кој од нив да ја признае вината, при што им се ветува или целосна слобода при признание, или делумна доколку двајцата го признаат делото. Секако, варијациите одат во сите правци, само едниот да признае, а другиот – не, или другиот да признае, а првиот – не, или двајцата да признаат или двајцата да не признаат. Но, заедничкото кај двајцата е дека, не знаејќи како другиот ќе реагира, во тие мигови на притисок ќе преживуваат сериозна драма. И неизвесноста, која одвантре ќе ги “јаде“, сепак поверојатно е дека ги става во ситуација да попуштат под притисокот на примамливоста на понудата. Оската се става на себичниот порив, секој да се спаси себеси.

Е сега, ако еквилибриумот го поставиме во поширок контекст на актуелниов политички момент, тогаш ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претпоставен, се ставени пред следниве одлуки:

–         Прво, дали да продолжат со својата непромисленост и како лилјаците да удрат со глава во ѕид, па дури потоа да прогледаат што всушност им се случува, и́ второ, што е секако поизвесно

–         Дали да попуштат под притисокот на сега веќе здружениот меѓународен фактор, отсега под палката на САД и нивната реал политика, со се́ помасовната демократска јавност и интелигенцијата на нацијата, која веројатно се́ поизвесно, ќе одлучи да ја напушти зоната на комфорот и со тоа се ослободи од магнетот на конформизмот и масовно да се придружи на останатите прогресивни сили, па и́ да ги поведе истите, појавувајќи се и доминирајќи суверено на јавната сцена, и на крај, но не и помалку важно, со доскорешниот стабилен и доверлив коалиционен партнер ДУИ, кој во клучен момент му врти грб на ВМРО-ДПМНЕ со остар како нож аргумент, дека не им паѓа на крајот на паметта да и́ вртат грб на меѓународната заедница, поготово сега, под примат на САД. Така што во овој момент, ВМРО-ДПМНЕ е оставен сам на ветрометина на демократската бура која и́ се случува на Македонија.

Вториот сегмент, демократската опозиција и јавност, има на располагање неколку можности,

–         Прво, во случај ВМРО-ДПМНЕ да продолжи со својата тврдоглавост и непомирливост со реалноста, СДСМ, ДУИ, ДПА и другите опозициски настроени пратеници, имаат можност да одиграат “соло“ и да ги изгласаат потребните и очекувани измени за одложување на датумот за изборите, за точно определен датум или на неопределено време, се́ до создавање на одржливи услови за доверливи избори, секако по “пријателски совет“ и инструкција на меѓународниот фактор, предводен сега веќе од САД

–         Второ, ако имаат малку поголема храброст, можат дури и да предложат смена на владата и да изгласаат нов мандатар кој ќе предводи експертска влада, без учество на ниту една од, во овој момент “до коска“ зајадените политички групации, со цел да се релаксира политичкиот простор и во доверие да се овозможи еден пристоен период за рестартирање на политичкиот систем и репостулирање на демократските постулати на општеството, што би била максималистичка варијанта, иако не и сосема веројатна. Нели, политиката е пред се́ умешност на можното и уметност на извесното, така што јас не би советувал одење докрај во оваа фаза. Но, еве нека се има на увид на јавноста, зошто пак да не.

Созревање на нацијата

Политичко предвидување во вакви нејасни околности, кои се патем затемнети од политичките сили на темнината, во услови на хаос и постојани потреси на фундаментот на политичкиот систем, кога институциите на системот полека, но сигурно се кршат во пукнатините на потресот, е секако неблагодарна работа. Но, не смееме и да ја пренебрегнеме како потреба.

САД и нивната аналитика, вклучително и таа на ЦИА, не носат ниту една сериозна политичка одлука, ниту дома ниту било каде во светот, без да ги земат во предвид, дури и математички проверено, сите варијации на Нешовиот еквилибриум или поточно на секој поединечен дострел на политичката теорија на игра. Ниту одлуката за преземање на приматот од ЕУ во однос на решавање на политичката криза во Македонија, кога веќе нели се еден од гаранторите на вака сериозен потфат, ниту пак одлуката, со толкава сигурна увереност за потребата од понатамошно дотерување на демократските постулати на политичкиот систем во правец на создавање на веродостојни услови за кредибилен и доверлив процес на новото оцртување на политиката карта во Македонија.

Едно е сигурно и ме радува. Нацијата созрева во демократска и во секоја смисла на зборот. Споро, но сигурно и дај Боже на одржливо ниво. Социјалните мрежи се зовриени, се повеќе нови интелектуални ликови се појавуваат на јавна сцена, медиумите полека и срамежливо ги отвораат своите минутажи и страници за нешто ново, за нешто поинакво, за нешто од кое сегашнава политичка номенклатура има “уплав“, страв во коски од тоа нацијата да почне да промислува со своја глава. Сето ова е дополнителен импетус за разгорување на демократската искра во општеството и за конечно позиционирање на Македонија, на картата на модерните нации, на демократски стабилно профилирани, на патот на прогресот и просперитетот. Оти тие одат едно со друго, како крилјата на птиците. Нема лет во височина без двете крилја, нема успех, прогрес и просперитет без правда, слобода и еднаквост. Нема одраз кон повисоки цели за нацијата, без овие фундаментални вредности. По Божја промисла дојден е денот за конечен пресврт. Оти, нели денешниот е наш ден, утрешниот му припаѓа на Господа.

Авторот е претседател на ИНТЕГРА – Институт за доблесна и вредносна политика и еден од фронтмените на ФРОДЕМ – Фронтот за демократска Македонија

Поврзани новости