Полемика (5): Големите сили единствени – обединета Македонија, невозможна

by Фокус

Пишува
Д-р Никола ЧИНГОСКИ

Универзитетски професор во пензија

Повод:

ВМРО длабоко се пасивизира во времето на НОБ“, колумна на Стојан Андов.

Илинденците се бореа во НОБ − ВМРО беше со фашистите!“, реaкција на генерал Тодор Атанасовски.

Вистинското прашање од Втората светска војна“, реакција на Љубчо Георгиевски

Историјата како гума за џвакање“, реакција на Бошко Нацоски

Во своевидното ривалство меѓу Хитлерова Германија и СССР по потпишувањето на пактот РибентропМолотов за тоа кој ќе ја придобие Бугарија, се покажа дека Германија беше далеку посилен партнер во споредба со СССР.

Иако СССР ја имаше поддршката на бугарско-советските друштва, на Бугарската работничка партија и традиционалните симпатии на бугарскиот народ кон Русија, сепак во Бугарија посилно беше германското влијание. Владејачките монархистички сили на Бугарија беа целосно наклонети кон остварување потесен сојуз со Хитлерова Германија.

Како резултат на тоа, владата на Богдан Филов на 1 март 1941 година го потпиша пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт. Иако со тоа Бугарија не ги доби Македонија и југоисточните делови на Србија, сепак владејачките монархистички сили сојузништвото со Хитлерова Германија го славеа како голема победа на патот кон „обединување на бугарските земји“.
СССР не презеде каква било акција против пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт. Неговиот пример го следеа и бугарско-советските друштва, како и БРП, кои, исто така, освен вербално негодување, не презедоа никаква друга акција. Некои од нивните претставници дури изразија и задоволство од територијалните проширувања на Бугарија што беа остварени како резултат на сојузот со Хитлерова Германија, па дури и го повикуваа бугарскиот народ германските војници да ги дочека како „ослободители“.

АНГЛИЈА ГИ ПОМАГА АНТИФАШИСТИЧКИТЕ ДВИЖЕЊА

Единствено, незадоволство од пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт, изразија само оние политички сили во земјата што беа проанглиски ориентирани. Меѓу нив, најголеми поборници за остварување пријателство и сојузништво со Англија беа претставниците на Бугарскиот земјоделски народен сојуз, на чело со неговиот идеен водач Ѓеорѓи Димитров Гемето.

Претставниците на БЗНС, на чело со Ѓеорѓи Димитров – Гемето, се подготвувале да извршат и државен удар со цел да го анулираат пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт. Меѓутоа, нивниот заговор бил откриен од страна на безбедносните служби.

Поради тоа, бидејќи Англија не успеа Турција да ја вовлече во војната и нејзините вооружени сили да продрат на Балканот, не можеше ништо друго да преземе, освен да го спасува Гемето, со тоа што со дипломатската пратка го префрлиле во Истанбул, а оттаму во Каиро.

Таму, пред тоа, биле сместени кралот Зогу и албанската емигрантска  влада. На Гемето и на неговите приврзаници, Aнгличаните им ставија на располагање радиостаница, наречена „Васил Левски“, преку која тие остваруваа врски со своите приврзаници во земјата и повикуваа Бугарија да го откаже сојузот со Хитлерова Германија и да се сврти кон Англија.
За разлика од Бугарија, проанглиските политички сили во Југославија успеаја на 27 и на 28 март 1941 година да покренат масовни демонстрации против пристапувањето на Југославија кон Тројниот пакт и да извршат успешен државен удар. Беше урната владата на Цветковиќ-Мачек и создадена нова влада на чело со генералот Душан Симовиќ. За Хитлерова Германија и за СССР тој успешен државен удар во Југославија претставуваше големо изненадување.

Иако новата влада на Симовиќ даде изјава дека ќе го почитува пристапувањето на Југославија кон Тројниот пакт, а на 5 април со СССР потпиша дури и посебен „Договор за пријателство и ненапаѓање“, Хитлерова Германија изврши жесток вооружен напад врз Југославија и за кратко време ја окупира и ја разби како држава. Притоа, усташите создадоа „Независна држава Хрватска“, а прогерманските сили во Србија, на чело со генерал Милан Недиќ, прогласија создавање некаква „Независна Србија“.

Меѓутоа, обидите на вмровските сили, на чело со Ванчо Михајлов, да издејствуваат од Хитлер создавање „Обединета Македонија“, не беа реализирани, туку Македонија, како окупациона зона, Хитлер му ја препушти на царството Бугарија. Југословенската кралска влада и кралот ја напуштија земјата и со помош на Англичаните беа сместени во Каиро.
По продорот на Хитлеровите сили на југ и по разбивањето на Грција, грчката кралска влада и кралот, исто така, беа сместени во Каиро.

НЕМА ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРОШИРУВАЊА НА БАЛКАНОТ

Така, Англичаните во Каиро ги прибраа и ги ставија под своја заштита и контрола своите приврзаници од сите балкански земји. На сите ним им ставија на располагање радиостаници, со цел да одржуваат врски со своите приврзаници во своите земји и да организираат движења на отпорот против фашизмот. Притоа, движењата на отпорот на Балканот, како експоненти на политиката на Англија, имаа не само антифашистички, туку и „антиболшевички“, т.е. антикомунистички карактер.

Меѓутоа, со оглед на фактот што Англија, како основен приврзаник на версајскиот систем и на Атланската повелба, се стремеше по победата над фашизмот на Балканот да биде возобновена предвоената политичката карта, не можеше на кого било од нив да им вети какво било територијално проширување на нивната земја. Бидејќи СССР, кој по фашистичкиот напад се најде во многу тешка ситуација, ја прифати и ја потпиша Атланската повелба, фактички ја прифати таа цел за возобновување на предвоената политичката карта на Балканот.

Меѓутоа, бидејќи Англија на претставниците на балканските движења на отпорот не можеше да им вети какви било територијални проширувања на нивните држави, фактички ги намалуваше мотивите за нивната антифашистичка борба.

Оттаму, освен во Југославија, каде што проанглиските сили, на чело со Дража Михајловиќ, успеаја да развијат позначајно движење на отпорот против фашизмот, кое истовремено беше и антикомунистички ориентирано, во другите балкански држави движењата на отпорот што ги покренаа проанглиските приврзаници беа доста слаби.

За да се засилат тие движења, Англичаните се обидуваа да се оствари нивна поголема меѓусебна соработка, како и поврзаност со четничкото движење на Дража Михајловиќ. Беше направен дури и обид тие сили, како антифашистички и антикомунистички ориентирани движења, да создадат и посебен Балкански штаб, што требаше да ги координира нивните акции и да претставува нивно раководно тело за целиот Балкан.

Паралелно со тоа, со цел да го надоместат она што не можеа да го остварат со ветувања за територијални компензации, Англичаните се обидоа движењата на отпорот на Балканот да ги мотивираат со идејата за создавање Балканска унија. Таа идеја, покрај другото, претставуваше и парирање, па дури и спротивставување, на дамнешната идеја на Коминтерната и на балканските комунистички партии за создавање Балканска Федерација.

За пропагирањето на таа идеја, Англичаните во Каиро го имаа својот приврзаник Ѓеорѓи Димитров – Гемето со радиостаницата „Васил Левски“, но Русите во Москва го имаа Георги Димитров, кој, не само како лидер на БРП, туку и како генерален секретар на ИК на Коминтерната, преку радиостаницата „Христо Ботев“ и на други начини, имаше далеку поширок опсег на пропагирање и дејствување.

ТЕШКА ДИЛЕМА ОКОЛУ СТАТУСОТ НА МАКЕДОНИЈА

Со оглед на фактот што идејата на комунистите за Балканска Федерација предвидуваше и конституирање на Македонија како една од нејзините федерални единки,тие се соочија со тешка дилема околу статусот на Македонија во рамките на таквата нивна идеја за создавање Балканска Унија; каква било идеја за обединување на Македонија беше контрадикторна на политиката на Англија за неменување на постојните државни граници на Балканот по победата над фашизмот.

Тоа прашање навлегуваше во мошне заплетканите односи меѓу Југославија, Бугарија и Грција. Поради тоа, идејата за обединување на Македонија фактички претставуваше само средство за манипулирање од страна на разузнавачките служби, а не израз на политиката на Англија.

Како таква, таа, всушност, претставуваше само обид за манипулирање со македонското прашање, без каква било намера за нејзино практично реализирање. Меѓутоа, сепак, таа идеја фасцинираше некои македонски активисти, пред сѐ, од протогеровистичката струја на ВМРО и од земјоделските партии. Оттаму, дури и при самиот крај на војната и по неуспехот на Хитлерова Германија да конституира „Обединета Македонија“ на чело со Ванчо Михајлов, ветувањата на англиските разузнавачки служби за обединување на Македонија беа вешто користени во посебни намени.

Без оглед на фактот дали некои од тие македонски бивши активисти на земјоделските партии и приврзаници на протогеровистичката струја на ВМРО, што беа инфилтрирани дури и во редовите на партизанското движење, идејата на англиските служби за обединување на Македонија ја прифатија како израз на својот македонски патриотизам, тие ветувања фактички претставуваа опасна антимакедонска стапица.

Меѓутоа, која опција ќе преовладееше на Балканот, дали проанглиската четничка или просоветската партизанска, зависеше од реалниот придонес на секоја од нив во општата борба на сојузниците на Антихитлеровската коалиција против фашизмот, од политиката на сојузниците на Антихитлеровската коалиција за повоеното уредување на политичката карта на Европа и на Балканот, односно од договарањата и договорите меѓу нив, посебно од договарањата и спогодбите меѓу Черчил и Сталин.

Според тоа, Хитлерова Германија, СССР и Велика Британија немаа како цел на своите државни политики обединување на Македонија. Туку преку своите разузнавачки служби, заради свои интереси, манипулираа со македонското национално прашање.

Поврзани новости