Што му рекол Колишевски на Тито за Јованка?

by Фокус 17:44
17:44

Вториот дел од текстот кој е објавен во неделникот „Фокус“ на 5 јуни 2009 година. Првиот дел можете да го прочитате на следниов линк.

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

- Advertising -
"

 

Во Караѓорѓево најблиските соработници на Тито дошле да му реферираат за битни службени прашања. Состанокот набрзо завршил и функционерите веќе се подготвувале за враќање во Белград, кога Тито неочекувано ги замолил да му направат услуга и да останат на ручек: „На Јованка ѝ е роденден а цел ден се караме“, им признал видливо уморен и депримиран.

Ручекот поминал во мачна атмосфера, а причината за тоа била се разбира сопругата на претседателот. Дури ни присуството на гостите не ја спречило да продолжи со испадите, зборувајќи за стравот кој завладеал меѓу нејзините земјаци Срби во Лика. Имено, според неа, Србите во Лика се плашеле од хрватскиот национализам кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на минатиот век. Тито молчел, иако очигледно му пречело таквото однесување на Јованка, а таа продолжувала да ги прераскажува писмата што ги примала од своите сонародници.

Според словенечкиот историчар Миро Симчиќ, кој со години ги истражувал документите поврзани со односите на Тито и Јованка во седумдесеттите години, сите извори говорат дека Јованка Броз не била српски националист и никогаш не се дружела со белградските интелектуални и политички кругови кои отворено го покажувале својот големосрпски национализам, но со задоволство ги примала и се дружела со политичарите и генералите од Лика.

За време на ручекот цитирала писмо на некој Србин од Лика кој тврдел дека се приближуваат настани слични на оние од 1941-та година, но со таа разлика, како што пренела Јованка, што овојпат Србите нема да дозволат да бидат изненадени.

Тито се обидел да ја „смува“ сопругата на Кардељ

Се разбира, проблемите со Јованка кулминирале како што Тито стареел, но Владимир Дедијер, личниот биограф на Брозови, тврди дека никогаш, ни со него, ни со неа, не разговарал за нивните брачни недоразбирања. Единственеиот кому Тито му ги доверувал тешкотиите со сопругата и ги прашувал за совет, биле Едвард Кардељ и неговата сопруга Пепца. Ги прашал дури и дали да се разведе, а тие го советувале дека во негови години разводот нема никаква смисла.

Според сведоштвата на луѓето кои биле во нивна близина, Пепца Кардељ на Јованка Броз гледала како на помлада сестра, а себеси се сметала за прва дама на Југославија. Во една прилика дури се доверила пред сопругата на Дедијер, а таа изјава стои во неговата архива, дека еднаш, порано, Тито се обидел да ја „смува“ и неа. Во изјавата не пишува што се случило тогаш, веднаш по Втората светска војна додека Тито бил самец, но како што рекла Пепца тој не ѝ нудел само секс, туку и можност да се пресели кај него.

ШТО МУ РЕКОЛ КОЛИШЕВСКИ НА ТИТО ЗА ЈОВАНКА?

Како и да е, во последните години од животот на Тито, Јованка била под опсервација на повеќе комисии и тајни служби кои проверувале дали во целиот судир меѓу сопружниците, во брачниот судир на Брозови, имаат вмешано прсти и странски тајни служби. Работата на тие комисии, како што тврди Дедијер, ја иницирал Тито, па така нивните брачни проблеми станале најголем проблем на југословенската држава кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век.

Во јули 1977 година Тито од Бајкалското езеро телефонски ѝ се јавил на Јованка, а потоа го прашал Лазар Колишевски какви се резултатите на последната партиска комисија која требало да ја провери позадината на последните испади на Јованка. Колишевски не можел да му изнесе конкретни резултати на штета на Јованка, но на „фин“ начин му дал до знаење дека тоа сепак се приватни брачни проблеми кои мора да ги реши сам: „Нема брак без недоразбирања“, му рекол тогаш Колишевски, „но тие можат да се решат само во кревет или на суд“.

И подоцна, по „големата“ тајна афера за прислушување на кабинетот на претседателот, микрофоните откриени наводно во спалната соба на сопружниците Броз, никогаш не се покажани како крунски доказ. Никогаш не се најдени ниту лентите со материјалот снимен со прислушните уреди.

Сепак, пред крајот на  животот, Тито успеал да се исповеда за сѐ што му се случувало за оние 28 години брак со Јованка. Се исповедал пред Веда Загорец, хрватска комунистичка револуционерка во која имал голема доверба: „Ете, моравме да се разделиме“, ѝ рекол Тито на Веда, „од мене бараше да тргнам многу другари, а јас со тоа не се согласив“.

И Едвард Кардељ пред својата смрт му признал на Дедијер дека спорот меѓу Јованка и Тито имал политичка позадина. Всушност, таа сакала да го наследи: „Па ти сакаш да станеш госпоѓа Бандаранаике; ти сакаш да ме наследиш“, ѝ рекол во една прилика Тито пред сведоци.

Судирот меѓу неа и Тито имал политичка позадина

Од друга страна, таа сите свои постапки ги објаснувала единствено со грижа за претседатлот, кој, според неа, бил слеп и глув за сите закани што му се закануваат нему, но и нејзе. Во тој контекст, Јованка на еден хрватски политичар долго му ги објаснувала своите најдобри намери: „Тито е сосема слеп. Околу него постои завера, а тој ништо не гледа. Јас сум единствена што како квачка за своите пилиња се грижам за него; само јас можам да го спасам!“

ЈОВАНКА ФРЛИЛА ПО ТИТО КУТИЈА СО ПОДАРОК ОД НЕГОВОТО ПОСЛЕДНО ПАТУВАЊЕ?!

Во почетокот на 1975-та година, пак, кога започнуваат најголемите недоразбирања меѓу Тито и Јованка,  а таа штотуку наполнила 49 години и, како што злобно пишува Владимир Дедијер, пукала од здравје и дебелина, почнале да се шират гласини дека таа го шпионира. Тито се приближувал на 83-та, па и покрај сите напори на неговиот персонал да изгледа колку што може помладо, во јавните настапи делувал измачено и пропаднато. Веќе го имала начнато и болеста, па сѐ потешко се движел со помош на бастун.

Во меѓувреме, Јованка сменила дури четворица шефови на Титовиот кабинет, а отказите ги извела на крајно понижувачки начин, барајќи веднаш да ги предадат клучевите од своите работни бироа и да ја напуштат резиденцијата. Две години подоцна, сопружниците конечно се разијдуваат; избирајќи разделба без развод.

Во тоа време Тито се подговувал за својот пат на мирот во Советскиот сојуз, Северна Кореја и Кина. Патувањето траело три недели. На тоа патување требало да оди и Јованка; таа исто така имала намера да патува, но поставила три услови, односно дека на пат не треба да одат аѓутантот на Тито, вицеадмиралот Тихомир Виловиќ, личниот лекар д-р Александар Матуновиќ и физиотерапевката Даријана Грбиќ. Била категорична – или јас, или тие. Се разбира дека југословенската делегација отпатувала без Јованка.

Сите биле поважни од Јованка

Како и да е, по враќањето, Тито ги замолил луѓето од резиденцијата да ги аранжираат подароците шти ги донел за Јованка. Кога ги видела, Јованка едноставно збеснала. Ја повлекла покривката и сите подароци паднале на подот; во истиот миг грабнала една од кутиите и ја фрлила кон Тито. И тоа бил дефинитивниот крај.

Појавувањето на Јованка на погребот на Тито било последно нејзино појавување во јавноста. После тоа била во некаков куќен притвор, а политичкиот врв целосно ја игнорирал.

Идната година ќе се навршат триесет години од смртта на Тито а таа уште нема пасош, затоа што пасошот ѝ е одземен веднаш по неговата смрт. Дури поранешниот претседател на Србија, Воислав Коштуница ѝ го укинал куќниот притвор, а сегашниот претседател на Србија Борис Тадиќ донел одлука за годишна апанажа од околу 7.500 евра, или по околу 650 евра месечна пензија за сопругата на Тито, Јованка Будисављевиќ Броз.

Во своето прво интервју по три децении молк, Јованка Броз, вдовицата на Тито, конечно проговори за својата положба, но и за тоа како живее без основните, граѓански права. Објаснувајќи зошто веќе не оди на гробот на својот сопруг, Јованка остро го нападна Огњен Грковиќ, некогашен секретар на генералот Никола Љубичиќ, кој побарал веднаш по Титовата смрт таа да потпише документ дека сѐ остава на државата. Се разбира, Јованка тоа го одбила:

Jovanka Broz 8

„Кажав дека ниту сакам, ниту можам да се откажам од наследството, бидејќи од нешто мора да живеам. Тој ми ја пренесе пораката на Љубичиќ да молчам и да бидам среќна што ме остава жива?! Како не им е срам да ми погледнат во очи? Со години пишував протестни писма, молев тие луѓе да не ме дочекуваат на гробот, но залудно. Ете зошто ме нема на гробот на мојот сопруг“, вели меѓудругото Јованка Броз во интервјуто за „Политика“, додавајќи дека нема ни автомобил со кој би можела да дојде до гробот.

Во интервјуто таа исто така потврдува дека по смртта на Тито била исфрлена од „Ужичка“ 15 само со еден куфер, по ноќница, со празни раце, без да ѝ дозволат да земе барем некоја нивна заедничка фотографија, некое писмо, книга, облека…

„Од една страна во јавноста беше направен величествен погреб на кој дојдоа сите светски државници за да му оддадат почит, а од друга страна некои луѓе последните години од неговиот живот правеа што сакаат со него, а мене ми украдоа сѐ. Како сопруга на претседател на една земја, но и како борец, како потполковник и како носител на Споменица, имам право на пензија и на трајно а не привремено сместување“, вели Јованка Броз во краткото интервју за „Политика“.

„ЗНАМ ДЕКА НЕ МОЖЕ НИШТО ДА НАПРАВИ, ОСВЕН ДА ГИ ПЛЕСКА ПО ЗАДНИКОТ!“

Според хроничарите што ги следеле односите на Тито и Јованка во последната деценија од неговиот живот, Јованка била опседната со фикс-идеја дека нејзе ѝ се заканува опасност да биде отфрлена и како жена и како сопруга на претседателот, и тоа поради две убави девојки, масерки на Тито, сестрите Радојка и Даријана Грбиќ. Јованка сметала дека односот на неговиот сопруг кон тие девојки ги поминува дозволените граници и дека нејзиниот статус со тоа е битно загрозен:

„Јас сум растроена, не можам да спијам, се чувствувам отфрлена како жена и како сопруга, и тоа по цели 30 години. Наместо мене, тој сега ги сака оние две девојчишта. Ја знам дека тој со нив, со оглед на своите години, не може ништо физички да направи, освен да ги плеска по задникот, но тој се врза психички за нив а тоа посебно ме погодува“, им се жалела Јованка на лекарите од тимот на Тито.

 Масерките на Тито ја збеснувале

Посебно била алергична на Даријана Грбиќ, па со рацете покажувала како би ја задавила, велејќи дека таа е крајно неморална девојка и дека УДБ-а ги има подметнато двете сестри затоа што сакаат да ја отстранат од Тито и да ја ликвидираат. Бидејќи сестрите Грбиќ се од Хрватска, Јованка сметала дека нивното доаѓање во тимот што се грижел за Тито е масло на хрватското раководство.

Од персоналот во Ужичка 15 побарала обете масерки да се тргнат и на нивно место да дојде некој масер. Велела дека Тито го има во рака, тврдејќи дека има документи за него со кои може да докаже како се држел за време на националистиката еуфорија во Хрватска во 1971-та година:

„Тој е лош човек, велела Јованка, тој не е Тито од порано; последните години е сосема променет“, тврдела таа пред секој што бил спремен да ја слуша.

Кажувала дури и такви небулози, меѓу кои и тоа дека Тито сака да го напушти Белград и да се отсели во Хрватска или Словенија, но таа го спречила токму тоа. Од лекарите барала да подметнат документи со кои би се докажало дека двете масерки не се стручно способни, но и политички се непримерни за обавување на работата.

Ликарите сметале дека таа има типични параноидни напади, па нивниот едногласен заклучок бил дека Јованка итно треба да се отстрани од кругот околу Тито.

(крај)

Поврзани новости