Пола Европа ќе се зарази со Омикрон, прогнозира СЗО

by fokus

Повеќе од половина жители на Европа се очекува да се заразат со Омикрон сојот на коронавирусот во следниве два месеца, соопшти Светската здравствена огранизација денеска додека милиони во Кина се соочуваат со нови затворања на двегодишнината од првиот смртен случај од ковид во светот. Високозаразниот сој се шири низ земјите со брзо темпо поради што владите преземаат новите мерки и повикуваат на земање засилувачка трета доза вакцина.

Сега Европа е епицентар со алармантно високи бројки на новозаразени што придонесува да се зголеми бројката на хоспитализации и смртни случаи, соопшти СЗО, наведувајќи дека ако продолжи заразувањето со истото темпо вирусот ќе го добијат половина од жителите на континентот.

-Институтот за здравствена метрика и евалуација прогнозира дека повеќе од 50 отсто од населението во регионот ќе биде заразено со Омикрон во следните шест до осум недели, рече Ханс Клуге, регионален директор на европската канцеларија на СЗО.

Клуге потврди дека Омикрон се шири побрзо од претходните соеви на коронавирусот, но додаде дека вакцините продолжуваат да даваат добра заштита од посериозно заболување и смрт. Инаку сето ова се случува точно на две годишнината од првиот смртен случај од Ковид19, 61 годишен маж од Вухан, Кина. Од 11 јануари 2020 година досега на светско ниво починаа речиси 5,5 милиони луѓе како последица на вирусот.

Кина во голема мера ја држеше под контрола епидемијата прземајќи мерки како заклучувања, затворање граници и масовни тестирања, но бројката на новозаразени во некои големи градови ја тестираат стратегијата „Нулта ковид“ на само неколку недели пред Зимските олимписки игри во Пекинг.

Поврзани новости