Почна гласањето на најобемните локални избори досега

by fokus

Гласањето на локалните избори во 80 општини и Градот Скопје започнa во 07 часот и ќе трае до 19 часот.

За денешните седми локални избори, дистрибуирани се 60 тони хартија и 45 милиони ливчиња, а право на глас имаат 1.824.864 граѓани.

На овие најобемни избори во историјата на Македонија ќе се гласа за 10.831 кандидати, од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници.

Право на глас има секое лице што е запишано во изводот од избирачкиот список и поседува важечки документ за лична идентификација – лична карта или патна исправа.

Гласачите пристапуваат да гласаат еден по еден, избирачкиот одбор ќе го провери личниот идентитет на гласачот, што се докажува со важечки личен документ и со отпечаток од прсти.

За важечки личен документ се смета важечка лична карта или важечка патна исправа или лична карта чија важност истекла во периодот од распишување на изборите до денот на нивното одржување.

Гласачот нема да може да гласа доколку нема еден од претходно наведените важечки лични документи или доколку отпечатокот од прсти не се совпаѓа со отпечатокот од прсти во електронскиот избирачки список, иако го има во Избирачкиот список.

Избирачкиот одбор врши проверка дали гласачот претходно гласал. Потврдувањето на идентитетот и проверката дека гласачот нема гласано претходно се врши на тој начин што на гласачот ќе му биде земен отпечаток од показалецот од десната рака.

На гласачот ќе му се издадат гласачките ливчиња, едно за избор на градоначалник на општината и едно гласачко ливче за избор на советници и советнички во Советот на општината, при што на гласачките ливчиња им се става печат од гласачкото место на местото предвидено за ставање на печат.

Се гласа самостојно зад гласачкиот параван со заокружување на редниот број пред само еден кандидат со пенкалото што е оставено во параванот.

Со заокружување на повеќе кандидати, внесување дополнителни симболи, пишувања на страна, или одбележување на ливчето со фломастер или пенкало во која било боја освен сина, гласачкото ливче станува неважечко.

За избирачите – лица со попреченост што не можат да влезат, односно да пристапат до гласачкото место, избирачкиот одбор е должен на овие лица да им овозможи на соодветен начин да влезат, односно пристапат во гласачкото место за да го остварат своето право на глас.

Секој гласач има право да поднесе до Општинската изборна комисија приговор за заштита на личното избирачко право во постапка на спроведување на гласањето, а ОИК е должна на секој гласач што ќе се обрати да му издаде формулар на кој ќе го поднесе приговорот.

Поврзани новости