Почина легендарниот рок-музичар Горан Баре

by irena 17:39
17:39

Хрватската рок-сцена остана без еден од своите најпрепознатливи музичари. Горан Баре, фронтменот на култната група „Мајке“, почина на 62-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потврдија членовите на бендот, Марио Рашиќ и Ален Тибљаш.

Според нивните изјави за „Вечерњи лист“, безживотното тело на Баре било пронајдено денеска околу 13 часот во неговиот стан. Тие посочиле дека во изминатите пет години се обидувале да го убедат да побара стручна помош поради здравствените проблеми, но без успех.

Баре беше една од највпечатливите фигури на хрватската рок-сцена. Како пејач и автор на „Мајке“, зад себе остави музика што одбележа генерации слушатели. Меѓу најпознатите песни на бендот се „Тешке боје“, „Мене не занима“, „Вријеме је да се крене“ и „Буди поносан“.

Неговата кариера ја одбележаа препознатливиот глас, енергичните настапи и автентичниот музички израз. Со групата „Мајке“ изгради култен статус и остави значаен белег врз рок-музиката во регионот.

Кон крајот на септември, на Баре му се слошило за време на настап во Макарска, поради што концертот бил прекинат уште по првата песна. По инцидентот, бендот најавил двомесечна пауза за пејачот да може да се одмори и да закрепне. Со неговата смрт, регионалната музичка сцена загуби уметник чиј глас и песни оставија трајна трага во историјата на рок-музиката.

Слични вести