Османи: Мицкоски ме издвои како виновник за потпишувањето протокол со Бугарија, а сличен потпиша и министер Македонец

by irena 17:36
17:36

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи денеска се огласи на Фејсбук откако вчера премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување упати критика до него во врска со потпишувањето на вториот протокол со Бугарија и прашањето за македонскиот идентитет.

Османи вели дека Мицкоски вчера лично го издвоил како виновник за потпишувањето на протокол со Бугарија, и посочи дека бил едногласно одобрен од Владата и поддржан од 67 пратеници во Собранието.

Сличен протокол, вели ексшефот на дипломатијата, е потпишан во 2019 година од министер Македонец, но никогаш не се доведувал во прашање.

„Па, што се смени, протоколот или етничката припадност на министерот што го потпиша?“, пишува Османи на Фејсбук.

Според него, кога премиер почнува да прави разлика меѓу граѓаните според нивната етничка припадност, прашањето, како што вели, не е кого обвинува, туку кого претставува.

Премиерот во синоќешното гостување на ТВ Алсат го обвини Османи за непочитување на Македонците и посочи дека тој со потпишувањето на протоколот со Бугарија дозволил Комисијата за историски прашања да одлучува за прашања од средниот век поврзани со македонскиот идентитет.

„Првиот момент кога Бујар Османи стави потпис на вториот протокол и дозволи Комисијата за историски прашања да одлучува дали ќе бидеме дел од Европската Унија, а на таа комисија се одлучуваат прашања од средниот век што се однесуваат на мојот македонски идентитет, покажа непочитување“, рече Мицкоски.

На новинарската констатација дека Османи тогаш постапувал како министер во Владата, а не како Албанец, Мицкоски посочи дека прашањата поврзани со идентитетот не може да се менуваат во зависност од функцијата.

„Не е ова шведска маса, да сте Албанец во интервју, а кога сте министер за надворешни работи да се изземате и да бидете не знам што. Вие сте или не сте“, кажа премиерот во интервјуто.

Слични вести