Петровска: Евроинтеграцијата е безбедносно прашање, да не дозволиме трети страни да нè оттргнат од патот кон ЕУ

by Fokus

Интеграцијата е процес кој нè обединува и ни овозможува да развиваме блиска соработка, порача министерката за одбрана Славјанка Петровска на втората сесија на Балканската лидерска конференција насловена „Интеграција на Западниот Балкан во ЕУ: предизвици и перспективи“ организирана од Подгоричкиот клуб, со фокус на перспективите за мир и помирување во Западниот Балкан.

Петровска го поврза процесот на европска интеграција и помирувањето зашто, како што рече, во суштина Европската Унија е пример за помирување.

„Европската Унија е пример за помирување. Некогашните непријатели во 1958 година ја потпишаа спогодбата во Рим и всушност со ставањето на тие потписи, ставија потпис на основањето на Европската Унија. Помирувањето не може да настане преку ноќ. И не може да настане ниту за една година, ниту за една генерација. Треба да помине време во кое ќе се посветиме на помирувањето, преку различни облици на соживотот и заедничката соработка“, рече министерката.

Прашањето на евроинтеграцијата е и безбедносно прашање, рече министерката, и посочи на тоа дека ако нема процес на обединување, малициозните и непријателски влијанија на трети држави може да станат повидливи.

„Ако немаме процес околу кој се обединуваме, тогаш малициозните или непријателски влијанија на трети држави ќе станат сè повидливи. И ние иако сме земја членка на НАТО алијансата, сведоци сме на таквите малициозни или негативни влијанија на Русија во домашната политика на нашата држава и токму затоа се случи во изминатиот период голем број, официјално дипломати, да бидат протерани од нашата држава зашто се мешаат во политиките кои се дел од нашата национална агенда“, рече министерката. Додаде дека земјите од Западниот Балкан имаат перспектива и дека сите ние треба да опстоиме на тоа дека треба да бидеме дел од Европската Унија.

Петровска посочи дека процесот на реформи во Унијата, кој е исто така потребен и суштински не треба да го стави процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан во втор план зашто тогаш овој процес може да биде невозможен имајќи ги предвид надворешните влијанија и можноста за промена на геополитиката во овие држави која ќе го оптовари овој пат кон ЕУ.

Поврзани новости