Пет луѓе заразени во една куќа: Не лекуваат само по телефон

by Fokus

Во земјава досега се регистрирани 1.442 пациент заразени од опасниот корона вирус, од кои 627 се оздравени, додека 73 починаа, покажуваат статистиките на министерството за здравство.

Поголемиот број од пациентите се со полесна клиничка слика, додека дел се хоспитализирани на скопската Инфективна клиника, Градската болница „8 септември“, Штипската и Битолската клиничка болница.

До редакцијата на „Фокус“ пристигнаа поплаки од пациенти кои се заразени со Ковид 19, ама се на домашно лекување, односно тие сакаа да споделат каков третман добиваат пациентите кои се лекуваат дома, со оглед на тоа што се работи за доста опасна заразна инфекција.

„Мојот сопруг е позитивен на корона вирус. Тој е секогаш дисциплиниран, носи маска и заштитни ракавци, не знаеме точно како го добил вирусот. Исто така, во поголема семејна куќа сме и вкупно пет луѓе се позитивни. Маж ми веќе осум дена е со температура и морам да признам дека среќа што имаме луѓе да ги консултираме, па веќе пие сумамед. Ниту некој се јавува да праша како, а ниту пак дали има потреба од медицинска помош. Единствено ние што ја консултираме нашата матична лекарка и тоа е се. Цело време ни вика да пие парацетамол на шест саати – објаснува нашата соговорничка, која сакаше да остане анонимна.

Таа уште раскажува дека еден од нејзините роднини поминал трнлив пат по здравствените лавиринти, не можејќи никако да стигне до болница каде ќе му биде пружена помош.

„Луѓето се лекуваат сами по дома и нормално кога ќе дојде до болница, таму завршува со тешка клиничка слика, затоа што во меѓувреме сам си е свој лекар, оти единствен избор ти е матичниот доктор кој те советува да пиеш парацетамол. Треба медицински лица да ги посетуваат, да измерат температура, да прегледаат плуќа, а они лекуваат по телефон. Тука, освен што страда плуќата, страда и срцето. Мора инфектолог да дојде да ги види – објаснува нашата соговорничка.

Министерот за здравство Венко Филипче во неколку наврати досега објаснува дека сите пациенти кои се заразени од Ковид 19 секојдневно се контактирани од матичните лекари и добиваат здравствена помош ако имаат потреба од неа.

И.М.

Поврзани новости