Пендаровски: Нови барања од Бугарија не се дозволени, таа е последна што треба да зборува за критериумите од Копенхаген

by Fokus

Бугарија е последната земја членка на Европската Унија (ЕУ) која може да ни држи предавања за почитување на копенхашките критериуми, порача денеска претседателот Стево Пендаровски.

Тој ова го кажа како коментар на последните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев кој испрати и писмо до европските лидери и институции во кое бара пристапот на „Република Северна Македонија во Европската Унија да се заснова на исполнување на критериумите за членство, а не на лобистичка политика“.

На Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Југоисточна Европа, кој се оддржа вчера во Подгорица во Грна Гора под наслов „Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ)“, Пендаровски рече декасо Радев имале само куртоазна средба, а не зборувале на темата за ЕУ и бугарските барања.

Тој рече дека го видел писмото на бугарскиот колега и оцени дека станува збор за една стара бугарска политика, односно нема никакви нови податоци или предлози.

„Нашиот пат кон Европа е јасен, станува збор за преговарачката рамка која ја усвоивме лани. Нови барања од Бугарија не се дозволени, имено поради таа преговарачка рамка за која и Бугарија се согласи. Денеска ЕУ прославува 30 години од носењето на копенхашките критериуми, кои се главниот сет критериуми по кои се влегува во ЕУ, а не разговори за историја. Бугарија е последната држава членка на ЕУ која може да ни држи предавања за тоа кои се и што претставуваат копенхашките критериуми, имајќи предвид дека Бугарија е држава членка на Советот на Европа која има најмало почитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Има 15-16 кои не се реализирани. Ние многу добро ги знаеме тие критериуми и тврдам, сум тврдел и порано дека Македонија е најподготвениот кандидат во историјата на ЕУ во моментот кога ги почнува преговорите“, изјави  Пендаровски.

За изјавата на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, кој за разлика од Радев порача дека нема пречка за евроинтеграцијата на Северна Македонија и билатералните прашања нема да бидат обврзувачки, претседателот рече дека Борел е Европеец и не очекува ништо поразлично од него и другите кои долги години се промотори на тоа што е ЕУ и кои се критериумите за членство.

Според Пендаровски сите се свесни дека со обидите на Бугарија да ни постави историски критериуми за членство се прави преседан со нас.

„Борел е Европеец, многу добро ги знае европските критериуми, знае како и неговата држава Шпанија влегла во ЕУ. За луѓето кои се долги години следат која е и што е ЕУ и кои критериуми навистина треба да ги исполните, знаат дека се прави преседан со нас,  со обидите на Бугарија да ни наметне т.н. историски критериуми или критериуми за ревизија на историјата. Не очекувам поинаква реакција од сите луѓе кои навистина се чувствуваат како Европејци и знаат што е суштината на ЕУ“, рече Пендаровски.

Поврзани новости