Нерегулиран и замрзнат имот, неуредни и незаконски членарини – што утврдија ревизорите за СДСМ, ВМРО и ДУИ?

Конечните ревизорски извештаи на политичките партии за сметките на редовно работење во 2021 година, меѓу другото, откриваат нерегулиран имот и неуредни членарини во СДСМ, замрзнат имот и неизмирени обврски во ВМРО-ДПМНЕ, како и членарини над законскиот лимит во ДУИ.

by Фокус

Државниот завод за ревизија ги објави конечните ревизорски извештаи на политичките партии што се однесуваат на сметките на редовно работење во 2021 година, кои, меѓу другото, откриваат нерегулиран имот и неуредни членарини во СДСМ, замрзнат имот и неизмирени обврски во ВМРО-ДПМНЕ, како и членарини над законскиот лимит во ДУИ.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Ревизорите за владејачкатата СДСМ констатирале дека за дел од градежните објекти, наследени од правниот субјект претходник на партијата, не e решен сопственичкиот статус, поради што тие не се воведени во евиденцијата кај надлежната агенција и во сметководствената евиденција на партијата,

И второ, како што се наведува во ревизорскиот извештај, кој се однесува на период кога на чело на социјалдемократите биле Зоран Заев и Димитар Ковачевски, средствата за членарина од секоја општинска организација се уплатуваат директно на трансакциската сметка на партијата, во вкупен износ за сите поединечни уплати, а не одделно за секоја уплата.

„Воспоставениот начин на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина во СДСМ не обезбедува целосен увид и потврдување во поединечно уплатените средства, по наведениот основ, која состојба овластениот државен ревизор во континуитет ја истакнува во конечните извештаи за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на СДСМ од претходни години“, навеле ревизорите.

Инаку, се забележува тренд на намалување на учеството на приватните извори на финансирање (донации и членарини) во вкупните приходи на СДСМ (како и на сите други партии), додека учеството на јавното финансирање од Буџетот на редовното работење бележи зголемување во 2021 година за 5,81 отсто во однос на 2020 година, што се должи на законското зголемување на процентот за годишно финансирање на политичките партии.

Што се однесува до опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, со ревизијата на финансиските извештаи за 2021 година констатирана е состојба која се однесува на забрана за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведена постапка, која влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот.

Овластениот државен ревизор во конечните извештаи од извршените ревизии во минати години, извести за судската постапка поведена од страна на надлежните органи во месец октомври 2018 година, со која на ВМРО – ДПМНЕ му се забранува дел од недвижниот имот/градежни објекти со вредност во износ од 1.315.541 илјади денари, сопственост на партијата, да го отуѓува, става под хипотека и располага со давање под закуп, се до завршување на постапката пред надлежниот орган.

Забраната за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведената постапка влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба, согласно член 14 од Законот за сметководството на непрофитните организации. Во деловните книги во 2021 година вредноста на имотот е зголемена за пресметаната ревалоризација во износ од 173.096 илјади денари“, стои во извештајот.

Во делот на Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет обелоденети се состојби кои се однесуваат на неизмирени обврски спрема добавувачите кои потекнуваат од минати години и за структурата на изворите на финансирање од аспект на учеството на приватните и јавните извори на финансирање.

Ревизијата изврши анализа на доставената документација и склучените спогодби за регулирање на меѓусебните права и обврски и плаќање на рати со добавувачите за периодот 2018 -2021 година со кои одговорното лице на ВМРО-ДПМНЕ има склучено договори/спогодби за регулирање на меѓусебните права и обврски и плаќање на рати со 21 добавувачи, во вкупен износ од 184.276 илјади денари, врз основа на кои заклучно со 31.12.2021 година исплатени се средства во износ од 43.672 илјади денари.

Со 8 добавувачи во целост се регулирани обврските согласно склучените договори/спогодби за регулирање на меѓусебните права и обврски, а заклучно со 31.12.2021 година останати се неизмирени обврски во вкупен износ од 140.605 илјади денари“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите констатирале одредени состојби и за владејачката ДУИ на Али Ахмети, кои се однесуваат на уплатени средства за членарина над законски утврдениот лимит, додека пописните листи не содржат вредносни показатели за дел од материјалните и нематеријалните средства и истите не се обележани со инвентарни броеви.

Висината на членарината како еден од приватните извори на финансирање на политичките партии, кој членот на партијата го плаќа годишно како редовен износ е уредена со член 14 од Законот за финансирање на политичките партии согласно кој износот на членарината за период од една година на секој член поединечно, не смее да биде повисок од една просечна исплатена нето плата во Република Северна Македонија во претходната година, што ја објавува Државниот завод за статистика.

Со извршениот увид во одредбите од Одлуката, со која се уредува начинот и висината на средствата по основ на членарина утврдивме дека истата е утврдена во висина од 5 отсто од платата на избраните и именувате лица од ДУИ. Имајќи го во предвид вака утврдена висина на членарина, констатиравме дека и во 2021 година дел од членовите имаат уплатено средства во повисок износ за 279 илјади денари, што не е во согласност со член 14 од Законот за финансирање на политичките партии“, стои во извештајот на ДЗР.

Заводот изршил ревизија и на Алтернатива на Африм Гаши, при што констатирал дека финансиските извештаи ја прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на сметката за редовно работење на партијата.

Поврзани новости