Пендаровски, Апасиев, Муцунски – меѓу најактивни на социјалните мрежи

by fokus

Од вкупно 120 пратеници 115 биле присутни на најмалку еден социјален медиум во 2022 година. Претседателот Стево Пендаровски во целост бил онлајн, додека Владата ја заврши минатата година со 20 од вкупно 21 министер кои биле онлајн на најмалку еден социјален медиум. Бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми останува непроменет во однос на 2021 година и изнесува 80 од вкупно 81, покажува редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

Меѓу најактивните пратеници на социјалните мрежи се двајцата од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов.

Во анализата се оценува, дека сепак, политичарите и јавните институции како полека да забораваат дека нивното активно присуство на социјалните медиуми е важен сегмент од транспарентноста и отчетноста кои се нераскинлив дел од принципот на добро управување. Токму изложувањето на властите и институциите на коментарите, критиките и мислењата на граѓаните преку ваквите дигитални алатки треба сериозно да се земе како уште еден фактор за тоа дали тие се вистински подготвени да се справат со корупцијата, клиентелизмот и одлучувањето само во тесни партиски кругови.

-Властите и политичарите и на централно и на локално ниво веќе втора година зборуваат колку многу се залагаат за дигиталната трансформација на општеството. Меѓутоа, во овој сегмент на можност за дигитална комуникација со граѓаните и медиумите и нудење на квалитетни и брзи онлајн услуги во голема мера потфрлија. Сведочиме на еднонасочна комуникација, пад на институциите како активни корисници на дигиталните алатки, а за квалитетот на содржините не може да стане збор бидејќи тие во огромен број се претворени во класични политички гласила каде речиси целиот фокус е ставен на политичарите и нивните агенди, наместо на потребите на граѓаните, вели Бојан Кордалов, комуниколог и автор на оваа Анализа изработена за потребите на ИДУЕП.

Кај Претседателот на Републиката, Анализата покажува позитивно непроменет резултат. И во 2022 година, како и претходните три, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страна, како и редовни онлајн активности и активно присуство на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Статус кво или вкупно 115 од 120 пратеници во Собранието биле активни на Фејсбук во 2022 година. Пад за шест пратеници кои користеле Твитер споредено со 2021 година, односно вкупно 18 биле активни на оваа мрежа лани. Инстаграм меѓу пратениците и пратеничките останува непроменет како во 2021 и 2020, односно вкупно 35 ја избрале оваа мрежа за потенцијална комуникација со граѓаните.

Според истражувањето и Владата ја заврши 2022 година со благ пад во користењето на социјалните медиуми при што 20 од вкупно 21 министри биле активни на Фејсбук во 2022 година. Твитер бил изборот на 12, додека Инстаграм на 17 (тука се бележи раст од два министри повеќе споредено со 2021 година). Вкупно 12 министри биле активни на сите наведени платформи, додека еден министер не користи ниту еден социјален медиум.

Споредено со 2021 година кога сите министри користеле Фејсбук, односно барем еден социјален медиум, Твитер бил изборот на 16, додека Инстаграм на 15 министри, а 13 министри биле истовремено активни на сите наведени платформи. Во 2020 година вкупниот број на активни министри на сите три платформи изнесувал 10. Меѓу најактивните од Влада се премиерот Димитар Ковачевски, Артан Груби, Славица Грковска, а ниту една социјална мрежа нема новиот министер за локална самоуправа, Ристо Пенов.

Споредено со 2021 година (сите 17 министерства биле активни на Фејсбук, осум на Твитер, пет на Инстаграм, ЈуТјуб користеле пет од 17 министерства, а Владата и уште две министерства биле активни истовремено со своја веб страна и трите социјални медиуми. Во 2020 година, пак, едно министерство не нудело можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, додека во 2019 година оваа опција не ја обезбедувале дури пет министерства.

-Очигледно е дека ковид-пандемијата ја нагласи потребата од забрзано присуство на институциите на дигиталните канали, но според сите истражувања кај граѓаните и понатаму постои незадоволство од степенот на јавните услуги кои тие ги даваат. Дополнително, најголем дел од услугите сеуште се достапни само во хартиена форма или, пак, во најдобар случај во хибридна форма на електронско поднесување и шалтерско подигање. Потребно е да се прифати дека граѓаните се тие кои ги финансираат овие јавни услуги и тие имаат право да добијат брзи, ефикасни и навремени услуги како на централно, така и на локално ниво. Тоа вклучува и избор за секој човек, дали сака да ја изврши услугата онлајн, во хартиена форма, односно да оди на шалтер или тоа да го направи за неколку секунди преку официјална веб страна или мобилна апликација за е-услуги, истакна комуникологот Кордалов.

Статус кво, благ раст, но и пад и кај користењето на социјалните медиуми кај единиците на локалната самоуправа. Од вкупно 81 градоначалник 80 биле активни на Фејсбук во 2022 година. На Твитер биле активни само шест градоначалници, додека, пак, на Инстаграм тој број изнесувал 40, односно половина. Вкупно четворица градоначалници во 2022 година истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека еден градоначалник немал свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми. Најактивен е градначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Кај општинското онлајн присуство статистиката за 2022 година посочува дека свои официјални веб страни имале сите 81 општина, 60 биле присутни на Фејсбук. На Твитер свое присуство имале само 2, Инстаграм бил изборот на само 9 општини, додека Јутјуб низ годините користеле 39 општини. Свое истовремено веб, како и присуство на социјалните медиуми (Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб) и оваа година, како и неколку претходно имаат Градот Скопје и општина Карпош, додека, пак, во 22-та година од 21 век, дури на 13 општини граѓаните не можеле да им пристапат преку која било од овие социјални медиуми.

И оваа година, основните препораки кои произлегуваат од анализата до институциите и јавните функционери остануваат непроменети а тоа се: двонасочна комуникација, односно многу повеќе вклучување, слушање и одговарање на барањата од јавноста, а помалку ПР памфлети и реклами на дигиталните алатки; градење на интерни професионални ПР тимови кои ќе се фокусираат на прашањата и барањата од граѓаните и медиумите, наместо само кон имиџот и сликата за функционерот/ката. Се препорачува и поставување на дигиталните канали како дел од задолжителните елементи за двонасочна комуникација го граѓаните и медиумите, бидејќи тие се должни да бидат присутни секаде каде што на јавноста ѝ е наједноставно и најдостапно да стапи во контакт со нив.

Поврзани новости