Падна балкански нарко картел во Шпанија – запленети неколку тони кокаин и околу 200.000 евра

by Fokus

Шпанската полиција на 11 септември заедно со американската агенција за борба против наркотици – ДЕА, заплени неколку тони кокаин, скриени во рибарски брод кај Виго, соопшти шпанската полиција.

При оваа акција се уапсени пет лица, а според полицијата дрогата е на „Балканскиот картел“.

Имено, полицијата го пресретнала рибарскиот брод и уапсила четворица членови на екипажот, а подоцна и лицето кое го придружувало товарот од Виго. Тоа лице прво побегнало во Мадрид, но било уапсено во еден од хотелите.

Полицијата упаднала и во два стана и запленила луксузен автомобил и околу 200.000 евра.

Целата акција е спроведена откако истрагата утврдила дека „Балканскиот картел“ планира да го користи шпанското пристаниште како транзитна точка за кокаин од Јужна Америка.

Шпанската полиција навела и дека шверцерите на дрога со контејнерски бродови ја донеле дрогата во околината на шпанскиот брег, по што била претоварена во помали пловила, пренесува Телеграф.

Поврзани новости