Орбан му порача на Брисел: Ќе нѐ убијат фантазиите на ЕК, Полска е во право

by Fokus

Премиерот на Унгарија Виктор Орбан денеска изјави дека се противи на секаков вид санкции против Полска, а ЕУ ја обвинува дека без правна основа во Уставот на Унијата ги презема овластувањата од националните институции на земјите-членки.

-Полска е најдобрата земја во Европа. Сите санкции против Полска се смешни, рече Орбан, доаѓајќи на самитот на лидерите на ЕУ, прашан за позицијата на Унгарија кога станува збор за дебатата за владеењето на правото во чиј центар е конфликтот меѓу Варшава и Брисел околу надлежноста во областа на законодавството.

Орбан оценува дека врховната надлежност на законот на ЕУ ја нема во договорите на Унијата и дека институциите на ЕУ редовно ги надминуваат правата на националните институции и неовластено ги менуваат договорите.

-Полјаците се во право. Онаму каде што не сме ги пренеле надлежностите на ЕУ националното законодавство има примат. Тоа е јасно и едноставно правно прашање. Полска е успешна земја. Еден од најдобрите во Европа. Најдобра економија, демократијата напредува, изборите се фер. Не гледам проблем со Полска, рече Орбан.

Запрашан за поделбите во ЕУ, унгарскиот премиер рече дека во Европа не се прават блокови и ровови, туку дека земјите се собираат околу идеите што се важни за нивните граѓани и за кои имаат исти ставови.

-Ние правиме сојузи и тоа е логично, рече Орбан.

Тој додаде дека „вистинските поделби“ во ЕУ се околу тоа што е разумно, а што не.

Орбан како пример ја наведува моменталната криза со цените на енергенсите и оценува дека она што ЕК го предлага во рамките на Зелената транзиција е „фантазија што ќе ја убие средната класа“ во Европа.

-Клучот за демократија во ЕУ е средната класа. Скокот на цените на енергенсите преку новите регулативи на ЕК ја уништува средната класа насекаде во Европа. Тука имаме здрав разум на едната страна и фантазии на другата страна, а утописките фантазии нѐ убиваат, заклучи Орбан.

Поврзани новости