Станува збор за тендерско чудо на природата со пипци кои не само што можат да ја прекријат комплетната територија на земјата, туку допираат и до најодалечените офшор острови на планетата Земја. Испливувањето на површина започнало некаде кај градската плажа во близина на Градскиот парк и арената Филип втори со телевизијата Сител под трибините, а во близина на Владата го донеле водните и други струи.
Научниците се шокирани. Тие веруваа дека матните води на Вардар не може да изродат октопод поголем од оној на Бранко, а граѓаните веќе осум години се убедени дека Грујо максимум може да одгледа некоја лигња, која не ги сфатила до крај неговите предавања за етика.
Но, ова што полека испливува на површината навестува дека ќе ги надмине и најцрните очекувања до каде може да мутираат некои животински видови кога се наоѓаат под долго влијание на благодетите на власта.