Обвинетиот и амнестиран за „27 април“ и вработениот во АНБ му барале 75 илјади евра на бизнисменот

by fokus

Обвинетиот и амнестиран за „27 април“ и вработениот во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кои беа уапсени во вчерашната полициска акција му барале 75 илјади евра на бизнисмен од Битола кој се занимавал со градежништво.

Според неофицијални информации, едниот од осомничените е Михаил М.  кој заедно со неговиот брат први сведочеа што и како се случувало вечерта на 27 април, а потоа беа амнестирани со Законот за амнестија.
Според инфрмацииите од скопското обвинителство, коешто ја води постапката, Михаил на негов пријател, бизнисмен му барал 75 илјади евра за да запре постапка којашто наводно против него и други лица и фирми ја отворило Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

-Наредбата со невистинита содржина која му ја прикажал на оштетениот за да го увери во вистинитоста на своите тврдења осомничениот ја креирал на неговиот компјутер, со што го довел во заблуда оштетеното лице, соопштија од Обвинителство.

Во тоа му помогнал вработениот во АНБ, кој на средба со бизнисменот лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање и воедно истражител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

На 3 ноември, Михаил се сретнал со бизнисменот во ресторан во Скопје и зел од него парични средства во висина од 5.000 евра за услугата што ветувал дека ќе ја изврши.

Јавниот обвинител побарал притвор за двајцата осомничени, а според нашите информации за еден е одреден притвор, а на другиот му се одредени мерки за претпазливост.

Михаил се товари за измама, а вработениот од АНБ за лажно претставување.

Поврзани новости