Нова социјална бомба од Владата: Минималецот ќе расте за 148,26 денари секои 76 години

by lali

Некои можеби ќе го наречат ова предизборен маркетинг, други популизам, но факт е дека Владата влезе во костец со најгорливите социјални проблеми во земјата. Прво донесе одлука постепено да се зголеми минималната плата за неверојатни 2.000 денари до 2018 година, а уште неспласната радоста кај граѓаните од оваа одлука (масовно се плаче од радост во контактни и утрински програми), следи нова бомба: минималецот нема да остане на проектираните 10.040 денари ни по 2018 година, туку на секои 76 години ќе расте за дополнителни 148,26 денари!

– Во Владата имавме жестока расправија по ова прашање. Пешевски тврдеше дека оптимално е да биде 140 денари, ем округло, ем да не ги боде работодавците, додека пак Ставревски имаше пресметка дека 143,567 денари е максимумот и тоа ако засилиме малку со казни по фирмите и по возачите. Јас како голем работникољубец треснав со рака на масата и реков: нит ќе биде 140, нит 143,567, туку 148,26 денари, еднаш човек е премиер па нек ме памти по добро работничката класа – изјави Груевски за Протоѓер, а пренесуваат “Курир” и “Нетпрес” во два сосема идентични текста.

Во врска со периодот од 76 години, Груевски рече дека тој некогаш ќе биде и 75 години, ако се погодни финансиските показатели. Мерката е наречена “Халеева комета” бидејќи покачувањето е врзано со појавувањето на оваа комета на секои 75/76 години.

– Намерно го врзавме покачувањето со Халеевата комета за да не зависи од тоа кој е на власт. Од кај знаеш, можеби во 2061 година кога се очекува пак да помине оваа комета нема да бидам веќе на власт од некои причини. Зошто работниците да трпат поради тоа – порача Груевски.

Поврзани новости