Се бара шеф на држава со квалитети на восочна фигура!

by Фокус

Текстот е објавен на 12 декември 2008, во неделникот „Фокус“ во бројот 702.

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Како што наближуваат претседателските и локалните избори Никола Груевски сака да остави впечаток во јавноста дека е повеќе загрижен околу тоа кој ќе седне во фотелјата на скопскиот градоначалник и како дефинитивно ќе ја лиши СДСМ од локална власт, отколку кој ќе биде неговиот избор за шеф на државата.

Од темата кандидат за претседател премиерот бега како ѓавол од крст. Не сака никој да му чепка по раните како и со кого има намера да ја вади Македонија од калта во која заглибивме. Колку до вчера шеретски нѐ мафташе дека кандидатот можел „и да биде и да не биде од ВМРО-ДПМНЕ“!

Но, кога по фијаското со НАТО и ЕУ интегрирањето, на крајот од годинава беше испалено и француско торпедо во владините надежи за визна либерализација, на премиерот му останува само љубоморно да ги таи восочните фигури за новиот музеј на ВМРО и меѓу нив да го бара кандидатот за претседател на државата! Каков што го дал Господ, несигурен во себе, ранлив, фрустиран и сѐ повеќе анти-западно, анти-НАТО и контра-ЕУ ориентиран, беспомошно вгнезден во сопствената преродбеничка чаура, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ сигурност може да бара само во свежо излеаните фигури на апостолите на организацијата.

ДЕСЕТ ПРИЧИНИ ЗА МОЛК

Постојат најмалку десет причини зошто Никола Груевски сѐ уште не го соопштил името на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во март следната година.

Првата причина е злосреќниот факт, нему познат од порано, дека не може на таа функција да ги кандидира ниту Миле Јанакиевски, ниту Гордана Јанкуловска, а толку доблесни и умни други сопартијци не познава.

Втората причина е неговиот обичај да ги менува одлуките за своите кадровски решенија и да решава во последен миг, зашто е несигурен во својот избор. Ивица Боцевски, на пример, бегалецот од СДСМ во ВМРО-ДПМНЕ не е неговиот прв избор за вице-премиер за евроинтеграции во новата влада, па сепак излезе „европски шенген шампион“.

Третата причина е неговата тоталитарна свест (третирањето на граѓаните како веќе преродени), поради која никој не смее да се сомнева во изборот на вождот, та затоа и не е важно кога тој избор ќе ѝ биде соопштен на јавноста, зашто треба да превладее впечатокот дека решението ќе биде безгрешно.

Четвртата причина е дека таењето на кандидатот за претседател ќе ги држи на синџир амбицираните партиски пци, за да помислат дека таквиот избор демек може и да се заслужи, па да продолжат да лаат и да касаат колку што треба погласно и посилно за да ја добијат милоста на премудриот, од чија одлука ќе зависи кој ќе биде октроиран.

Петтата причина е истата онаа поради која Груевски всушност и владее авторитарно – неговиот вроден страв поради чувството на интелектуална инфериорност, во последен момент да не мора да избере личност која ќе може да го засени – државнички, визионерски, политички и не дај Боже, преродбенички.

Шестата причина е да не му се случи личноста која ќе ја избере да му се одметне, онака „дрско и безобразно“ како Борис Трајковски на Љубчо Георгиевски.

Седмата причина е дека Груевски нема вистински партиски кандидат за претседател на државата што за него лично нема некакво значење, зашто најголемиот дел од нео-патриотските кадри му се новоосвестени вмровци, но има значење за легацијата на ВМРО-ДПМНЕ како партија, која по случајот на Сашко Кедев очигледно е дека не може да понуди кадар од претседателски калибар.

Осмата причина е сладострасниот обид да се тенчат нервите на спротивставените потенцијални кандидати од опозицијата или од пошироките вмровски кругови, кои треба до последен миг да стрепат од неговиот избор и нервозно да прават грешки во кампањата (како Љубе Бошкоски, на пример).

Деветтата причина е што Груевски не сака да ја дели власта со никого, а себе си се поима како единствен и неприкосновен владетел на Македонија. Затоа, всушност би сакал функцијата претседател воопшто и да не постои, ниту со минорни ингеренции какви што ги има, но кога веќе ја има, а не може да се елиминира, тогаш да го игнорира нејзиното постоење до последен миг.

Десеттата, а можеби и најважната причина е што Срѓан Керим, човекот кој слови за најблизок до кандидатурата за претседател што ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ, не ги исполнува најголемиот број од авторитарните желби на премиерот – не е партиски кандидат, премиерот не може да го контролира, може лесно да се случи да му се одметне, за очекување е да го засени Груевски, поумен е од него, поспособен, а сепак има една голема предност: вождот е уверен оти Керим не дува во американскиот глобалистички рог, кој според него по секоја цена сака да ја натера Македонија да направи компромис со Грција околу името! Убеден е дека со него тој полесно ќе може да глуми Запад, додека вози на Исток, сигурен е дека со Керим во комбинација ќе може непречено да продолжи да ја оживува античка, додека ја саботира евро-атлантска Македонија. Од каде ваква идеја?

СУДИР ВО СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Во моментот кога се расчу дека Сашо Кокаланов, службеник за односи со јавноста во македонското МНР ќе стане нов главен и одговорен уредник на „Дневник“, мнозина побрзаа да констатираат дека дилот меѓу ВАЦ (Медиа принт Македонија) и Груевски е веќе стокмен. Попусто „претседателот на светот“ (шеф на Генералното Собрание на ОН) среде Њујорк се чудеше кој е „новинарскиот великан“ што ќе стане нов „глодур“ на неговиот медиумски бисер?

Керим радо го предаде новинарскиот бастион на бранковизмот на олтарот на Преродбата, за да авансира во претседател на Македонија. А има ли  нешто пологично во развојот на неговата блескава дипломатско-државничка кариера? Но, дипломатот притоа сакаше да остави впечаток дека сѐ уште не се откажал ниту од СДСМ, ниту од Б.Ц., не барем по своја волја и никако не – сосема! Керим знае дека и покрај изречните одрекувања на „папата“ оти со него ништо не договарале, кумовските врски со Радмила Шеќеринска и речиси татковските релации со Киро Глигоров не го оддалечуваат од симпатиите на многу социјалдемократски посткомунисти. Тој е всушност дел од водњанската елита, но за разлика од другите тој не се гади од вмровска одора. Беше впрочем и министер за надворешни работи во „озлогласената“ влада на Љубчо Георгиевски, како личен избор на премиерот! Ова ВМРО за него е бајадера!

Како велеучен дипломат, Керим сега постојано повторува дека партиите одлучуваат за тоа кој ќе биде кандидат за претседател. Со тоа, тој прагматично сведочи дека нема никакви илузии за некаква „народна револуција“ во демократските процеси во Македонија. Во божемниот „глас на народот“ кој го таламбаса Груевски на сите камбани, Керим сосема прецизно препознава глас на водачите. Како елитист пар екселанс, тој го следи пулсот на елитите.

Во исто време, препорачувајќи им се и на едните и на другите, Керим остава впечаток дека на крајот ќе биде заеднички кандидат, а всушност зад кулисите „веќе склучил договор“ со победникот на следните избори. Тој е политички итрец кој никогаш не ризикува, туку ако оди, оди на сигурно. Притоа, не сака да си навлече противници уште пред изборната кампања. Керим е дипломат по емоција, по искуство и практика и по вокација. За него политичките душмани се во најлош случај конкуренти, а противниците – соработници. Тој ги мастерира еуфемизмите, за да го прикаже својот исусовски лик.

Керим е обединител, кој, за разлика од Љубе Бошкоски, на пример, не се ни повикува на народот. Тој знае кој го води стадото. Затоа не дозволува да биде овца.

Но оваа тирада за карактерот и дипломатско-политичките карактерни црти на Срѓан Керим е потребна само како кроки за она што би можело да го натера Груевски да го кандидира. Значи, премиерот мисли дека Керим е вистинскиот дипломатски виртуоз кој ќе умее да игра на жицата на македонските суверенистички интереси, а истовремено ЕУ, НАТО и САД да ги поведе „жедни преку вода“, додека тој со Паско Кузман ги забива колците во наколната населба во Охрид. Груевски се радува на фактот дека Керим е единствениот (веројатно по Јосип Броз), кому му успева да биде „почитуван дома, а сакан и во светот“, нешто што на премиерот и покрај силната волја никако не му оди од рака. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го сака оној Керим кој во ОН го туркаше мултилатерализмот и дијалогот, наспроти политиката на унилатерализам, сила и хегемонија.

Предизвиците од иднината надвладеаја над сенките од минатото“, ќе изјави меѓу другото тазе вратениот од Њујорк дипломат, по победата на Барак Обама на претседателските избори во САД. Со тоа, тој во нотесот на Груевски се легитимира како политички противник на американскиот глобализам и унилатерализам. Вождот е среќен што заедно со амбасадорите на некои НАТО земји во ЕУ, Керим се срамел од учеството на Македонија во „Коалицијата на добра волја“ на земјите учеснички во операцијата „Слобода за Ирак“. Груевски е воодушевен што својата идеолошко-политичка матрица дипломатот секогаш знае да ја завитка во легитимна политичка обланда (за разлика од него, кој по ЕУ и по Ерван Фуере, на пример, мава како со секира).

Како што се зголемуваат американско-европските шлаканици поради изолационистичката политика на власта, премиерот конечно повеќе ја сака „германската црта“ на дипломатот, презирајќи го, да речеме, од овој ракурс „американското подаништво“ на Борис Трајковски.

На 16 септември годинава, кога за последен пат претседаваше со Генералното собрание на ОН, Керим сведочеше дека членките на ОН се наоѓаат пред амбисот на голема делба. Тогаш дознавме дека на полноќна сесија, всушност, македонската влада ѝ дала инструкции на нашата делегација во ОН да ја поддржи Германија, односно групата Г4 предводена од Германија, Јапонија, Бразил и Индија, поборници за брзо проширување на Советот за безбедност со постојани и непостојани членки, наспроти САД и групата Обединети за консензус, предводени од Италија, Аргентина, Канада, Колумбија и Пакистан, кои беа за тоа да не се менува постојаниот состав од пет земји со право на вето. Од таа непријатна епизода, кога Македонија за прв пат требаше да гласа против својот стратегиски партнер САД, „повторно нѐ извлече Срѓан Керим“.

Приказната заврши со компромис и усвојување резолуција што тој ја предложи. Така барем прочитавме во „Дневник“. Владата одеше остро на германска карта, а Керим, демек, балансираше. Така премиерот всушност и си ја замислува нивната заедничка игра и во иднина. Груевски ќе биде лошиот, а Керим добриот полицаец. А кога се полицајци во прашање, на крајот следува казна. Се стравува дека казната може да ја добие Македонија.

Таа несомнена способност за дипломатска еквилибристика на амбасадорот ја оправдува емоцијата на Груевски кон неговата кандидатура. Значи, доколку таа навистина се случи, пресудна би можела да биде токму вештината на Керим за политичка камуфлажа, да речеме, на изворните анти-американски и анти-НАТО ставови на актуелната власт. Груевски има впечаток дека со Керим, на Американците ќе може помајсторски да им мачка очи дека во НАТО сака сега и веднаш, а на ЕУ да ѝ продава басма дека со Грците божем преговара за решение околу името. А при сето тоа, заедно жестоко да се борат за Македонија и за нејзиното име.

ГЕРМАНКАВА Е ИСТОЧНА, НЕ Е ЗАПАДНА

Но каква е генезата на таа и таква политичка емпатија на премиерот?

Пред две години во „Фокус“ објавивме анализа на надворешно-политичкиот курс на Владата на Груевски. Невино зачната на јулските избори 2006-та, власта на ВМРО-ДПМНЕ таа есен почна да покажува рогови. Стануваше значи збор за нејзината нагласено про-германска агенда, која одредени интелектуални кругови во Македонија ја прокоментираа како „иста приказна како и американската, односно нејзина филијала“. Но, тогаш многу прецизно го нотиравме токму чудењето на дипломатските кругови во Вашингтон за нашиот став за поддршка на Германија да стане постојана членка на Советот за безбедност на ОН, на што САД се спротивставуваа.

Свое влијание за про-германскиот одиум на новата власт, се разбира имаше и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, германски докторант, тазе пристигнат од Дојчланд, потоа вице-премиерката Габриела Конеска, со работно искуство во штабот на Пактот за стабилност на Ерхард Бусек во Виена, кого го наметна како советник на Владата. Конечно, врските на владеачката Христијанско-демократската унија со ВМРО-ДПМНЕ, помошта на фондацијата „Конрад Аденауер“ на партијата на Груевски во предизборните обуки, контактите со Паневропското движење на Ото Фон Хабзбург од раните деведесетти години, па сѐ до задржувањето на германскиот екс министер за финансии Тео Вајгел за советник и во Владата на Груевски, наследен од поразениот и омразен Бучковски, говореа за нагласена германска релација.

Сето тоа одлично се поклопуваше со бекграундот на Срѓан Керим. Амбасадорувајќи речиси два мандата во македонската амбасада во Германија како личен пратеник на Глигоров, Керим создаде пријателство и кумовски врски токму со Бодо Хомбах, кој стана шеф на медиумската групација ВАЦ. Таму дипломатот подоцна ќе стане член на Бордот и директор за изданијата на Југоисточна Европа.

Гласините дека во овој германски медиумски концерн има и акционери кои се поранешни источно германски разузнавачи (Штази), со испрани биографии и дебели конта, само ја подгреваа приказната за источниот шмек на нашата германска надеж.

Дополнително, екс-комунистичкото наследство на амбасадорот, неговото другарување со Будимир Лончар (кој во меѓувреме стана советник за надворешна политика на претседателот на Хрватска Стипе Месиќ), работењето во компанијата „Копехим“ во Париз на почетокот од 90-тите заедно со Будо Вукобрат, фирма за чија сопственост имаше најразлични контроверзни озборувања од разузнавачка провениенција, не само што го сместија Керим во југословенската масонска посткомунистичка елита, туку отворија и други суптилни прашања за неговиот „дворски“ имиџ.

Такви разузнавачки бомби пукаа и во Македонија, како онаа на екс безбедњакот Јанко Бачев, чија партија е дел од омнибус коалицијата на Никола Груевски, за наводно кодошкото минато на Керим под псевдонимот „консултант“. Бачев дури се обиде да го спречи Груевски да го кандидира Керим за функцијата во ОН, нешто што веќе беше завршена работа, не толку по заслуга на власта, колку по лична на амбасадорот.

ШТО ЌЕ НАПРАВИ ВАШИНГТОН

Но, како и да е. Силната германска нишка на новата власт тогаш не му пречеше никому. Всушност, јалови беа сите наши анализи дека Германија, онаа на Герхард Шредер, кој како пријател на Путин (и самиот резидент на КГБ во времето на комунизмот во Источен Берлин), по крајот на мандатот стана менаџер на руски „Газпром“ во Германија, на Балканот може да игра соодветна улога во корист на руските енергетски и економски интереси.

Сите посочуваа на новата канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот нагласен про-американизам како доказ дека некаква автентична германска приказна е обичен пропаганден балон. Но, НАТО самитот во Букурешт, а особено грузиската војна и јасниот став на Берлин за јакнење на германско-рускиот дијалог, само го засилија впечатокот дека германските и американските интереси во Европа се спротивставени, а причина за тоа не е само милитарниот глобализам на Буш.

Потврда за ескалацијата на таа германско-американска геостратегиска конфронтација, добивме неодамна на Косово. Притворањето на двајца агенти на германската тајна служба БНД, обвинети дека на 14. ноември поставиле бомба пред седиштето на Меѓународната цивилна канцеларија, сега штаб на ЕУЛЕКС во Приштина, сериозно го вознемири официјален Берлин.

Германија е главниот спонзор и поддржувач на независно Косово, а Владата на штотуку испилената држава апси нејзини агенти и ги обвинува за тероризам!? Властите во Приштина не сакаа ниту да чујат да му дозволат на специјалниот авион на германската тајна служба да слета и да ги преземе своите агенти. Белградски НИН пренесе анализи на германски стручњаци за разузнавачките служби, како и политички аналитичари, според кои не е можно косовските власти да апсат агенти на БНД без дозвола на САД!?

Во прашање, според тие анализи, е фактот што Американците не сакаат агенти на туѓи служби да им се меткаат низ дворот, а своите акции да не ги пријават во базата „Бондстил“. Приказната отиде дотаму што аналитичарите потсетија дека ЦИА и БНД уште во 1998 г. дошле во судир поради ОВК. Познато е дека германската тајна служба го формирала штабот на ОВК во Тирана уште во средината на 90-тите, а потоа ги вооружувала и опремувала косоварите за конечна пресметка со режимот на Милошевиќ и формирање независна држава.

Но, на крајот од летото 1998 г. дошло до серија убиства на челниците на ОВК, за кои биле обвинети деветмина Албанци, кои никогаш не биле судени, а потоа го презеле водството на ослободителната војска! Всушност, германското водство на ОВК било ликвидирано, а местата ги зазеле проамерикански луѓе – Хашим Тачи и Агим Чеку! За ова постоеле прецизни податоци. Оттогаш ЦИА и Американците ја водат косовската приказна. Но, Германците никогаш не се откажале од своето влијание.

Своевремено висок македонски политички функционер за „Фокус“ анализираше дека секому му е јасно оти по Втората светска војна на Балканот клучните геостратегиски, безбедносни и политички работи ги водат САД и Франција. Германија, како губитник во војната, иако членка на НАТО, може да добие само делегирана задача да помага во тактичките и теренските активности на набљудувањето на мировните операции.

Кризата од 2001 г. во Македонија даде потврда токму за таа приказна. Французите Франсоа Леотар и Ален Лероа, како и Американецот Џејмс Пердју беа назначени за олеснувачи. Не беше случаен ниту фактот што во тетовско Еребино, проектил на ОНА го погоди дворот на касарната, каде што беше сместен германскиот тенковски гарнизон. Да беше случајно, Германците немаше да се повлечат.

Во „Фокус“ исто така пишувавме дека во европските медиуми своевремено се појавија написи оти и Калид Ел Масри, либанскиот Германец кој „по грешка“ бил уапсен од македонските тајни служби, а потоа со авион на ЦИА од скопскиот аеродром пренесен во Авганистан, каде што доживеал физичка тортура, не бил обичен турист кој сакал да ја мине Нова Година во Македонија, како што се тврди, туку агент на БНД кој сакал да се инфилтрира во исламистичките фундаменталистички кругови на Косово.

Овие геостратегиски разузнавачко-безбедносни шеми некако влегуваат во матрицата на случувањата во и околу Македонија. Германија минатата недела му го додели највисокото државно признание на Срѓан Керим, Орден за заслуги, кое се доделува за заслуги од општо добро. Амбасадорката притоа рече дека тој ден за неа бил Монт Еверест! Дали Срѓан Керим ќе успее да се искачи на функцијата шеф на државата во Македонија, е одговор кој засега му е познат само на Никола Груевски. Останува уште да видиме како Вашингтон ќе ја следи таа разврска и дали, како во времето на кандидатурата на Борис Трајковски, можеби ќе поддржи друг кандидат, ако не е сигурен во изборниот кастинг на власта и на опозицијата.

Стратегија
СО РУСКИ ЕНЕРГЕНСИ ГЕРМАНИЈА СТАНУВА ЕВРОПСКА СИЛА

Стара максима е дека стратегиски интерес на Русија е излегувањето на топли мориња, а единственото место каде што Русите би можеле да бараат излез на топло море на Балканот е Црна Гора. Токму затоа и највисоки руски политички претставници, откако олигарсите го купија брегот, даваат изјави дека Црна Гора не треба да стане членка на НАТО. Предноста на Русија во геостратегиската игра во Европа се нејзините енергетски и природни богатства. Германска константа, пак, е политиката drang nach osten– ширење на Исток, кое за разлика од времето на Хитлер, денес претпоставува мирно освојување на пазарите и енергенсите на Русија.

Германија денес би сакала да стане силен воен и политички фактор во Европа со помош на руските природни ресурси. Таа, како што тврдат повеќе аналитичари, веќе 15 г. ја живее илузијата на Петар Велики. Во тој контекст значаен е и договорот Путин-Шредер за изградба на гасовод меѓу двете држави, потпишан пред крајот на мандатот на поранешниот германски канцелар. Идејата е Германија прва во Европа да ги ползува руските енергенси.

За возврат, според анализата, Германија на Балканот би требало да ја поддржи идејата на Русија за излез на топло море. Токму затоа Германците и не поддржуваа осамостојување на Црна Гора, а огненото крштевање на соработката треба да биде токму Косово, каде што по независноста и одлуката за распоредување на силите на ЕУЛЕКС, која е повеќе по ќефот на Белград, сега добива на значење. Во таа балканска шема, според истата анализа, се и Македонија и Србија.

Но не како зони на директно германско влијание и интерес, како што е Хрватска, на пример, туку евентуално како монети за поткусурување кои Германија би можела да ги употреби за да се реализира руското влијание на Балканот.

Поврзани новости