СДСМ без Бранко е исто што и СФРЈ без Тито!

by Фокус

Текстот е објавен на први јули 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 835

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

Со него не можат, без него не знаат. Тоа е односот меѓу СДСМ и Бранко Црвенковски во минативе пет години. Прво Бучковски ја загуби битката со Груевски во 2006-та. Уште полошо помина Шекеринска во 2008-та. Сега, во 2011-та, со Бранко на чело, СДСМ прокнижи уште еден пораз, но, со битно намалена разлика. Затоа Б.Ц. го гази принципот, па не дава оставка од лидерската функција. И за тоа добива аплауз од партискиот врв. Очигледно, луѓето си знаат дека СДСМ без Бранко е исто што и СФРЈ без Тито!

Немав намера да се занимавам со СДСМ. Мислев дека на тој начин ќе го одвлечам вниманието од протестите на младите и составувањето на новата влада меѓу Груевски и Ахмети. Но, еве, младите ги напуштаат улиците сѐ до инаугурацијата на новата извршна власт, а таа, пак, се крои без некои особени бранувања во јавноста. Значи, нема опасност да добијам „петка“ од Груевци, за вртењето на нишанот кон нивната омилена мета – Бранко Црвенковски!

Се разбира, анализирањето на Б.Ц. не ми е никаков предизвик. За разлика од огромното мнозинство т.н. вмровци и нивните најгрлести медиумски мегафони, јас за „државникот“ пишував критички кога тој беше власт во земјава. Фокус никогаш немал позитивна оценка за неговото владеење. Напротив, ценевме дека со него можеше и дефинитивно да се раскрсти уште во далечната 2004-та, на претседателските избори после загинувањето на Борис Трајковски. Но, Груевски тогаш направи пакт со него. На два часа пред затворањето на гласачките кутии, неговите гавази го повикаа членството на масовно гласање, оти, замислете, ептен малку фалело за Кедев да победи!?

Останатото е историја. Денешниот Пастир преташе како обезглавена кокошка, заради „ножот во грбот“ што наводно му го зарил Љубчо. Бараше и некаков меѓународен „рикаунтинг“ за глумат да добие на уверливост, иако од авион се гледаше неговиот договор, Црвениот да стане шеф на државата, за потоа да му се реваншира на Груевски за обезбедениот цензус, со поддршка во следната парламентарна битка. И, бидна така. Денес бездруго и на Бучковски му е јасно, дека неговиот пораз во 2006-та е копродукциски производ на Б.Ц. и Н.Г. Зар треба одново да потсетувам на Латасовиот восхит кон нивната идила, која траеше се до Букурешт 2008-та? Точно, среќна беше земјата што имаше економски бард како Груевски за премиер и човек како Црвенковски за Претседател, тој корифеј на политиката, особено надворешната, беседеше пастировиот пријател се до НАТО дебаклот. Дури потоа се разврескаа против Б.Ц., но, тоа е предмет за друга анализа!

Меѓувремено, во премиерскиот мандат на Бучковски, сите тие прдеа во негова одбрана. Не чекаа, на пример, ниту еден ден да помине, туку истата вечер по излегувањето на аферата „Швајцарски сметки“ од сите нивни медиуми јадеа бурек за мене, како божемен фалсификатор на чесното Бранково минато. Големите опозиционери се вклучија во негова одбрана, со желба, веројатно, да се оствари неговото барање до тогашниот јавен обвинител, да добијам минимум три години затвор за наводен фалсификат. Истите гниди, кои нескриено ликуваа над највисоката парична казна што некој новинар ја добил во срамен судски процес на просторите на ЈИЕ, денес, гледам, бараат споменица за првоборство во битката против Црвенковски!? Бати латасоидните вмровци..!

И, што сега? Груевци повторно биле загрижени за состојбите на Бихаќка. За сите нивни глупости, повторно Б.Ц. е виновен. Го згазил зборот, не сакал да замине од лидерската функција, како што заминуваа неговите поразени претходници. Тоа им било речиси неподносливо, оти, замислете, нивната диктаторска власт просто плачела за силна опозиција. Ама, не било каква, туку – реформирана. По нивна мерка, бездруго. Што би рекле некогашните комунисти – конструктивна опозиција. Не треба човек да оди подалеку, па да сфати дека денешните вмровци се изреформирани до нивото на КПМ од 1952-та. Само на малоумните треба да им се објаснува дека и конструктивната опозиција е синоним за дрвено железо, кое може да се создаде единствено со назначувањето на некој Мартин Протогер за стечаен управник на СДСМ. Едноставно, секоја опозиција е деструктивна. За власта, разбира се, која, доколку има минимум политичка култура, никогаш не би се дрзнала со давањето оценки од тој тип за карактерот на опозицијата!

Ептен шизофрено е кога ВМРО-ДПМНЕ се топори себеси, како пример за демократска партија. Навистина е срамно, после сите хајки против нивните неистомисленици, токму тие да мрсулават за демократијата. Партијата што гледа душмани во сите што не климаат послушно и пред најкретенските и потези, која бега од јавно соочување со политичкиот противник, криејќи се зад своерачно организираните контрапротестанти на било кое граѓанско незадоволство… Простете, но, таквите луѓе во цивилизирани земји не заслужуваат ниту името да им се спомене, а не, пак, лекции за демократија да држат!

За жал, денешните вмровци се пример за милитантна организација, која умее да владее само со помош на закани и подмитувања. На тој начин ги доби и последните избори. На тој начин и владее со земјава веќе цела петолетка. Прво не ги плаќаат обврските кон земјоделците, на пример, за потоа, пред избори, со кредитот од ММФ да им го дадат она што им го ускратувале со месеци, ама во замена за нивниот глас. Оние, пак, што не виткаат кичма, завршуваат како Душко млекарот, недолжната жртва на нивниот Сведмилк, преку ноќ сурово трансформирана во одгледувач на марихуана. За жал, безбројни се примерите на најсурова злоупотреба на пендрекот и парите, единствените механизми за владеење кои ги познава владеачката партија. Оттаму, сосема бесмислена станува темата за опозицијата воопшто. Доколку Груевски успее да си обезбеди пет-шест месеци спокојна власт од новиов мандат, се сомневам дека тој човек воопшто ќе може да биде срушен на мирен начин. Па макар Бранко бил протеран од земјава, сосе семејството до трето колено наназад!

Да, кој е тој јунак, кој денес може да биде демократски лидер на СДСМ, а за недела дена да не биде расчеречен од платениците на Преродбата на јавната сцена? Сите досегашни шефови на Бихаќка, од Бучко преку Шекеринска до Заев, беа на најдолен начин дискредитирани, како криминалци или продолжени раце на Црвенковски. Кој тоа би водел партија на демократски начин, ако знае дека власта не се стега од инсталирање на свои луѓе и во најневажни невладини организации, а, не, пак, во водечка опозициска сила? Да не зборуваме за подготвеноста, на севозможни начини да ги поткупува/ уценува и најверните партиски соработници или цели партиски разграноци, за во даден момент да го урнисаат водачот. Зошто власта би ја менувала победничката тактика, кога друга и не знае?!

Кој е тој јунак и од стопанството, кој би инвестирал во било како „реформираниот“ СДСМ, без претходен благослов од Пастирот за правење на посакуваната му „конструктивна опозиција“? Зарем некој сака доброволно да си го уништи бизнисот, или, уште полошо, да биде приапсен како „нелегален“ финансиер на опозициска партија? Ве молам, па нели гледате дека бизнисот не донира јавно ниту во изборната кампања на самата власт, а не, пак, да влезе во било каков ризик со опозицијата, што е најдобар показател за лудилото во кое живееме!

Тоа се, впрочем, само мал дел од причините, зошто СДСМ без Црвенковски е исто што и СФРЈ без Јосип Броз. Со него не можат да успеат, без него не знаат што да прават, освен за гуша меѓусебно да се фатат. Затоа, ако треба и на шкрги ќе го одржуваат во живот. Море, и од кал ќе го прават, без оглед на тоа што сите добро знаат, дека токму тој е најголемиот виновник за дереџето во кое се наоѓаат. Нормално, мнозина со право ќе негодуваат, недобројни ќе даваат мудри совети за демократизирање на СДСМ, меѓутоа, сето тоа ќе биде залудно. Ако до сега Бранко работеше за непобедливиот Грујо, од сега Грујо уште повеќе ќе работи за неприкосновениот Бранко.

Во услови на автократска власт, не може да вирее демократска опозиција. Во услови, пак, на авторитарна свест кај мнозинството граѓани, промената на режимот може да се случи само после драматична грешка на власта или на надворешно режирана акција. На здравје!

Поврзани новости