Ни фали творење на нови песни, а не само обработки на старите, вели Соколовски, уметничкиот директор на Фолк вечерта на „Охрид Фест“

by fokus

Како минатата, така и годинава, уметнички директор на Фолк вечерта на јубилејниот триесетти „Охрид Фест“ е Љупчо Соколовски. Фестивалската Фолк вечер ќе се одржи на први септември на Дони Сарај, а Соколовски појаснува дека и годинава се залагал да се слушне старата охридска песна и да доминираат тамбурата, кларинетот, мандолината…

Тој најавува еминентни имиња и квалитетни песни и открива дека ќе настапат Наум Петрески и Лилија Семкова, Тања и Новица, Зуица Лазова, Благица Павловска, Душко Георгиевски, Перо Христов, Петар Нечовски, ансамбл „Билјана“, Катерина Танева и група Сарај, Нино Величковски, но и повеќе дебитанти.

-Ќе бидат изведени 20 песни, различни автори, што значи дека песните стилски ќе се разликуваат, ќе имаме различни мелодии.

Во ревијалниот дел ќе настапи нашата фолк дива Сузана Спасовска, која има неколку настапи на „Охрид фест“ и тие песни ќе ги слушнеме токму сега. Ќе има и неколку изненадувања, да оставиме гледачите да уживаат во ова единствено музичко патување-вели тој.

Додава дека актуелната состојба со македонската фолк музика, за која и самите изведувачи не кријат дека е на незавидно ниво, се должи на повеќе фактори. Помеѓу нив ги набројува телевизиите кои не пуштаат доволно македонска музика, но и самите изведувачи, кои се почесто снимаат обработки на стари песни, додека се помалку се вложува во снимање на новокомпонирани, авторски песни.

-Првин ќе ги посочам телевизиите (оние со национална концесија), колку тие пуштаат македонска музика и во кој период. За жал, многу малку, што е и една од причините но и самите изведувачи не вложуваат во новите песни туку се насочени на обработки на народни песни или во голем број преработки на веќе авторски снимени песни.

Но, за среќа ќе речам, се уште ги имаме фестивалите како што е „Охрид фест“ каде навистина може да се чуе добра песна, она што останува како браник наспроти сите „наезди“ од соседите.

Тие што ќе бидат во Охрид ќе се уверат на лице место, а истото може да го направат и гледачите преку директниот пренос на „Охрид фест“ на МТВ- раскажа музичарот и композитор Соколовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости