Роберт Саздов и Стојне Николова ќе избираат нова македонска музичка ѕвезда!

by Fokus

Овој петок на Балкан Мјузик ТВ и Алфа ТВ започнува со емитување втората сезона од македонското музичко талент-шоу „Пат до Ѕвездите“, каде ќе се избира нова македонска музичка ѕвезда.

Како што информираат од организацијата, во новата сезона на „Пат до Ѕвездите“ се пријавиле над педесеттина кандидати, но само 25 од нив ќе имаат можност да се натпреваруваат и да бидат во „трка“ да станат новата македонска музичка ѕвезда.

– Минатата сезона гледавме интересно шоу, со 25 учесници, и интересно финале кое на ТВ екраните го следеа дури 300.000 гледачи. Продукцијата „Арт Студио“, еден од победниците, Бранко Смоквоски од Прилеп, кој го освои третото место, го награди со песна и видео запис. За кратко следува песна и видео запис за Кристијан Демјански, кој пак го освои првото место.

Оваа година критериумите се навистина построги, а кандидатите ќе ги оценува стручна жири-комисија составена од Уметничкиот директор на „Макфест“ и истакнат композитор – Роберт Саздов од групата „Куку Леле“, како и една од нашите најпопуларни фолк-пејачки, Стојне Николова.

Покрај нив двајца, во секоја емисија ќе има и трет член на жири комисијата кој ќе биде изненадување за кандидатите и кој ќе биде постојано променлив- велат од шоуто.

Истото ќе започне да се емитува во петок во 20:30 часот на Балкан Мјузик ТВ и на „Алфа“ ТВ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости