Добар евровизиски претставник за четири минути може да ја промовира земјата подобро од цела Влада за четири години!

by Fokus

Синоќа во Малме, Шведска се одржа првото полуфинале на 68-то издание на популарната музичка манифестација „Евровизија“. Настанот на кој европските земји кои се активни членки на Европскиот радиодифузен сојуз традиционално испраќаат свои музички претставници, е еден од најгледаните во светот, во стотици земји.

Токму поради тоа на „Евровизија“ се гледа како на можност да се промовира земјата и нејзината култура, но и како можност за промовирање на земјата победник како туристичко одредиште.

Вчерашниот настап на хрватскиот претставник Беби Лазања, кој се пласираше во финале и важи за еден од фаворитите на настанот, е само уште еден доказ дека кога земјата има добар преставник, има и одличен промотор кој го привлекува вниманието на светската јавност.

Само во Хрватска синоќа настапот на Лазања го гледале 979.147 лица на ХРТ, а младото момче полно со ентузијазам успеа да ја крене на нозе арената во Малме.

Уште по завршувањето на првата полуфинална вечер, тој е топ тема на евровизиските форуми, а неговите триипол минути на екранот и донесоа огромна промоција на Хрватска, како што ретко која владина пропаганда успеала. Дека добриот избор на евровизиски претставник може да донесе подобра промоција за една земја за само неколку минути, отколку политички партии за неколку години, пишува и хрватскиот „Јутарњи лист“, потсетувајќи дека ретко кој пејач успеал да предизвика таква еуфорија кај публиката и да ја крене на нозе.

Песната „Рим тим таги дим“ веќе има неколку милиони прегледи на музичкиот канал Јутјуб, како и десетици илјади коментари, во кои луѓе од целиот свет оставаат пофални зборови за Лазања.

И додека Хрватите се гордеат со својот досегашен успех на „Евровизија“, Македонија втора година по ред не учествува на настанот, а како што информираа од МРТ кон крајот на минатата година, одлуката била во најдобар интерес на граѓаните.

Причината, како лани, била од економска природа, но и поради тоа што наредната година јавниот сервис требало да се фокусира на одбележување на 80-годишен јубилеј од постоењето на Македонското Радио, и 60 години јубилеј од постоењето на Македонската телевизија.

Иако не учествуваме, сепак годишната членарина во ЕБУ (Европски радиодифузен сојуз) и ЦИРКОМ (Организација под ЕБУ), која изнесува над 260.000 евра ја плаќаме.

Како што појаснија за „Фокус“ наши извори од МРТ, без разлика дали учествуваме или не, членарината кон ЕБУ мора да се плати, бидејќи ЕБУ е сојуз кој е најпознат поради организацијата на Евровизија, но исто така имал и други активности, како на пример отстапување на права за емитување на различни програми, филмови, серии и други културни и забавни содржини. Ако не се платело, се губел статусот на член, како и правото за емитување на голем број на настани, филмови и серии.

Вики Клинчарова

Поврзани новости