Невиден „успех“ на реформаторите – во 2014 година најмало производство на електрична енергија во независна Македонија

by Фокус

samoil malcevski malaПишува
Д-р Самоил МАЛЧЕСКИ

Изминативе месеци на разноразни трибини бројни експерти и научни работници остро ја напаѓаа енергетската политика на Владата и работењето на јавното претпријатие ЕЛЕМ. Но, како по обичај ниту од Владата, ниту од одговорните лица во ЕЛЕМ немаше никаква реакција. Се разбира, како реакција не може да се сметаат бруталните реклами во кои одговорните на ЕЛЕМ со слоганот “Енергијата на нашата земја” години наназад ја бомбардираат јавноста. Мене лично, но мислам и на повеќето граѓани никако не им е јасно која е целта на овие скапи реклами, односно што тоа рекламира ЕЛЕМ. Па така, размислувајќи на оваа тема успеав барем за себе да одделам две можни цели кои треба да се постигнат со рекламите и тоа:

  • одвлекување на вниманието на јавноста сè со цел истата да не покаже интерес за состојбите во ова јавно претпријатие или
  • непотребно пласирање на средства во одредени медиуми кои се благонаклонети на преродбениците, односно се во нивна служба, што во нормалните општества тоа едноставно се нарекува корумпирање на медиумите, за што веќе наголемо говорат и релевантните меѓународни организации.

Но, кога сме кај целите, најверојатно со еден удар се сака да се убијат и двете муви. Тоа е моето мислење и за втората цел сметам дека свој суд треба да донесе јавноста и се разбира релевантните институции. Се разбира за тоа треба да се створат услови, т.е. институциите да се ослободат од менгемето во кое веќе седум-осум години ги има ставено реформаторската клика. Меѓутоа, кога сме кај првата од споменатите цели, т.е. дали мојата претпоставка е точна или не, доволно е да ги погледнеме податоците за производството на електричната енергија изминативе 25 години.

ВРТОГЛАВ ПАД НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ПО 2010 ГОДИНА

Податоците за вкупното годишно производство на електрична енергија од 1991-2014 година се дадени во табела 1 и истите се прикажани на графиконот 1.

01 Malcheski 28 07 2015

Како што можеме да видиме од податоците дадени во табела 1 во 2014 година е остварено најниско производство на електрична енергија од осамостојувањето на нашата држава, што е особено чудно бидејќи, на пример во кризната 2001 година производството на електрична енергија било за 21,94% повисоко од истото во 2014 година. Понатаму, од презентираните податоци може да се заклучи дека по 2010 година вкупното годишно производство на електрична енергија драстично се намалува, па така тоа во 2010 година е за 36,55% поголемо од производството во 2014 година, во 2011 година е за 28,91% повисоко од производството во 2014 година, во 2012 година е за 19,74% повисоко од производството во 2014 година и во 2013 година е за 15,62% повисоко од производството во 2014 година.

02 Malcheski 28 07 2015

Се чини дека ваквото споредување година со година не дава можност за согледување на ефикасноста во управување со ЕЛЕМ, па затоа ќе го погледнеме просечното годишно производство за периодите од по четири години кога различни политички гарнитури го раководеле производството на електрична енергија. Од податоците во табела 1 лесно се гледа дека највисоко просечно годишно производство од 6665897,5 MWh имало во периодот од 2003-2006 година, а додека најниско просечно годишно производство од 5832737 MWh имало одма по осамостојувањето на Македонија во периодот од 1991-1994 година.

Меѓутоа, ако се има предвид дека во 2004 година е пуштена во употреба ХЕ Козјак, а во 2012 година ХЕ Света Петка и дека вкупната инсталирана моќност на овие хидроцентрали е 116,4 MWh и годишно производство од 216 GWh лесно можеме да заклучиме дека без овие два капацитети највисоко производство на електрична енергија имаме во периодот од 1995-1998 година, а потоа во периодот од 1999-2002 година.

Притоа, останува нејасно како тоа на јавноста постојано и се пласираат резултати за успешно работење на ЕЛЕМ, а податоците говорат дека во периодот од 2011-2014 година просечното годишно производство на електрична енергија изнесувало само 6048786,5 MWh, што значи дека истото е најмало во перидот после 1995 година, и истото во однос на сите останати периоди е помало од 7,8-10,2%.

Од претходно изнесените податоци се наметнува заклучокот дека и покрај изградбата на ХЕ Козјак и ХЕ Света Петка, сепак опаѓа производството на хидроенергија. Последното е дотолку парадоксално, што на јавноста преку континуираните реклами постојано и се најуваат изградба и пуштање на мали хидроелектрани, за чиј број скоро и да не може да се најде точен податок.

Сепак, разгледувајќи ги податоците за доделените концесии, може да се дојде до податокот дека во периодот после 2006 година се доделени најмалку 31 концесија за изградба на мали хидроелектрани, а веројатно овој број е далеку поголем. Што се однесува до про­изводството на хидроенергија и термоенергија, податоците во Статистичкиот годишник се оскудни, но сепак за перидот 1996-2014 година постојат графикони кои изворно ќе ги презентираме.

03 Malcheski 28 07 2015

Од податоците дадени во горните четири графикони е јасно дека во ЕЛЕМ се случува раритет. Имено, само во 2010, 2013 и 2014 година година производството на термоенергија е помало од 5000000 MWh, при што истото во 2014 година е околу 4000000 MWh. Понатаму, и покрај изградбата на ХЕ Козјак, ХЕ Света Петка и бомбастично промовираните мали хидроелектрани, освен во 2010, 2011 и 2013 година производството на хидроенергија е помало во сите години по 2006 година, на пример, од производството во 2004 година. Притоа, чудно е што во 2007, 2008, 2012 и 2014 година ова производство е околу 1000000 MWh, односно дека истото бележи неславни рекорди на минимално производство од 2003 година, па наваму.

Имајќи го предвид претходно кажаното, слободно може да се каже дека во ЕЛЕМ е присутно во најмала рака недомаќинско користење на постојните хидроенергетски капацитети. Притоа, не држи евентуалното објаснување за наводните неповолни хидролошки состојби, бидејќи, на пример, според податоците од Статистичкиот годишник за 2015 година, годишните врнежи во 2014 година скоро на сите мерни места се најмалку за 50% повисоки од просечните годишни врнежи во периодот 2009-2013 година, при што истите се скоро рамномерно распоредени во текот на годината.

Меѓутоа, производството на хидроенергија во 2014 година е околу 40% помало од просекот остварен во периодот од 2009-2013 година. Како е ова можно и зошто ако веќе имаме вакво минимално искористување на хидроенергетските капацитети, изминативе години нахално се инсистира на изградба на ХЕ Луково Поле и ХЕ Бошков Мост, чија изградба, барем според релевантни мислења на еколозите, ќе предизвика сериозни последици на биодиверзитетот во регионите каде што треба да се изградат.

ПРАШАЊА КОИ И ТОА КАКО ЗАСЛУЖУВААТ ОДГОВОР

Состојбите со производството на електрична енергија во перидот од 2011-2014 година се далеку од добри. Притоа, како што рековме и покрај зголемената инсталирана моќност на хидроенергетските капацитети и поволните хидрометереолошки услови, барем во 2014 година, имаме рапидно намалување на производството на хидроенергија, а производството на термоенергија по 2012 година драстично е намалено. Оттука, мене лично, а претпоставувам и голем број од граѓаните на Македонија ги интересираат причините за ваквите состојби, односно одговорите на неколку круцијални прашања.

Ако не се доволно искористени постојните, тогаш која е смислата за вложувања во нови хидроенергетски капацитети, со што патем речено државата драстично ќе се задолжи? Притоа, имајќи предвид колку чини изградбата на еден хидроенергетски капацитет, постои реална опасност надворешниот долг на државата сериозно да ги надмине оние 68,68% од БДП, кои деновиве ги соопштија релевантни институции, што укажува дека долгот е далеку над оние 40% од БДП со кои реформаторската клика со месеци ја замајува, т.е. лаже јавноста. Јас лично не гледам друга причина, освен ако некој не сака Македонија да ја стави во десетте топ задолжени земји во светот (сега е меѓу дваесетте), а притоа да има можност за договарање енормни провизии, нешто што е својствено на реформаторската врхушка, особено ако се имаат предвид случувањата околу изградбата на двата автопати.

Како е можно и покрај толку големите реформаторски успеси, на пример со изградбата ХЕ Света Петка, малите хидроелектрани и ветерниците, последниве години да расте енергетската зависност на земјата од сите видови енергенти, која, на пример, во 2003 година изнесувала 37,6%, за да во 2010 година, според податоците дадени во публикацијата Енергетски статистики на ДЗС, изнесува 44,1%. Имајќи го ова предвид, логично е да се постави прашањето дали и кој ќе ја понесе одговорноста за драстичното намалување на производството на електрична енергија по 2010 година?

Дали причина драстичното намалување на производството на електрична енергија после 2010 година е таканаречената “црна” струја, за која во јавноста тивко се говори дека истата е златен рудник за оние кои ја договараат? Ако тоа е така, тогаш кои се лицата кои тоа го прават и колкави профити остваруваат? Зошто надлежните органи не реагираат иако податоците сами по себе се индикатор дека нешто чудно се случува во ЕЛЕМ и неговата околина? Дали причина за молкот на институциите е нивното целосно подведување во служба на реформаторската клика, а не во служба на државата и нејзините граѓани, кои всушност и ги финансираат?

СОСТОЈБАТА СО ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЈАГЛЕН НЕ Е НИШТО ПОДОБРА

Покрај електричната енергија единствен енергенс кој се произведува во нашата држава е јагленот, па затоа во натамошните разгледувања ќе се осврнеме на производството на истиот. Во табела 2 се дадени податоците за производството на јаглен во периодот од 1991-2014 година и истите се нагледно прикажани на графиконот 2. Од презентираните податоци може да се заклучи дека разгледуваниот период производството на јаглен варирало и тоа од 6469819 тони во 2014 година кога имаме најмало производство на јаглен до 8144653 тони во 1998 година кога имаме најголемо производство на јаглен.

Како и во случајот со производството на електрична енергија и менаџирањето на производството на јаглен во разгледуваниот период е непосредно во надлежност на државата, т.е. истото е непосреден одраз на политичките групации кои соодветните подпериоди ја раководеле Република Македонија. Затоа и во овој случај ќе се обидеме да направиме компаративна споредба на производството на јаглен за соодветните подпериоди во кои со Македонија раководеле различни политички групации.

04 Malcheski 28 07 2015

05 Malcheski 28 07 2015

Од податоците во табела 2 лесно се пресметува дека највисоко просечно годишно производство на јаглен имало во периодот од 1999-2002 година, кога годишно просечно се произведувале 7560264,75 тони јаглен, а приближно исто било просечното годишно производство и во периодот од 1995-1998 година кога годишно се произведувале 7495608,25 тони јаглен. Од друга страна, по 1995 година најмало просечно годишно производство на јаглен е остварено во периодот од од 2003-2006 година, кога просечното годишно производство било 6968764,25 тони јаглен.

Понатаму, од презентираните податоци, но и од графичкиот приказ даден во графиконот 2 може да се забележи дека почнувајќи од 2011 година, па се до 2014 година имаме сериозно намалување на годишното производство на јаглен. Поконкретно, во 2011 година во однос на 2014 година производството на јаглен е повисоко за 22,14%, па во 2012 година во однос на 2014 година тоа е повисоко за 12,98% и конечно и во 2013 година во однос на 2014 година е повисоко за 2,53%. Како што може да се види во 2014 година имаме најмало производство на јаглен од осамостојувањето на нашата држава и тоа, на пример, во 1998 и 2001 година е за 25,89% и 24,52% повисоко од производството во 2014 година.

Имајќи го предвид претходно изнесеното, лично сум вчудоневиден од неколкуте соопштенија кои раководните кадри во ЕЛЕМ и надлежните во Владата ги лиферуваа во текот на минатата година. Имено, во овие соопштенија тие децидно тврдеа дека во складиштата на двете термоелектрани на нашата држава има доволно јаглен за да се обезбеди непречено производство. Зошто сум изненаден од ваквите соопштенија?

Па едноставно бидејќи во 2014 година производството на термоенергија е најмало во периодот од 1991-2014 година и тоа освен во 2010 и 2013 година, во сите останати години од разгледуваниот период е помало за најмалку 25% (спореди на графиконите за производство на термо и хидроенергија), а во 1998 година производството на термоенергија е дури 50% поголемо во споредба со 2014 година.

Оттука, логично е човек да заклучи дека евентуално одржувањето на вака ниското производство на термоенергија, пропратено со смирувачки соопштенија за јавноста е свесно направено, со што во функција е ставена таканаречената “црна” струја. Сето ова, која сакал некој да признае или не доведува до зголемување на надворешниот долг на Македонија, но има и други негативни последици по државата, а се разбира и придобивки за одредени лица кои се скриени далеку од очите на јавноста и кои се чини се креатори на ваквите состојби.

НА РЕФОРМАТОРИТЕ ИМ Е ПОТРЕБНА СЕРИОЗНА РЕФОРМА

Крајот од ова мое пишување ќе го започнам со една анегдота, која ја кажуваше мојот дедо и која само навидум нема никаква врска со темата за која пишувам. Притоа, за оние кои истата ја знаат напоменувам дека имињата и местото на случување се изменети. Но, еве ја анегдотата:

Некаде на почетокот на минатиот век, тргнал земскиот кмет на Мариово Аџи Трајко да го обиколи својот имот во село Крушевица, па бидејќи му останало доволно време решил да посјед до Прилеп, за да го посети својот пријател анџијата Аџи Ристе. Онака извалкан и неугледно облечен, после неколку часа стигнал во анот на Аџи Ристе, но пријателот моментално бил излезен. Нејсе, решил да го почека, па седнал и порачал едно кафе.

Момокот, кој патем речено бил нов во анот, го погледнал и набусито му рекол: “Такви како тебе не служиме кафе.”. Аџи Трајко се замислил, ништо не прокоментирал и се упатил до блискиот дуќан за облека. Купил нова облека и отишол на бања, каде се измил и се дотерал, но под новата облека ја облекол исчистената стара облека. Потоа се вратил во меаната и како што претпоставил момокот најљубезно го запрашал со што да го послужи.

На тоа Аџи Трајко се насмеал и проговорил: “Сакам да ми свариш казан кафе.” Момокот се зачудил, но делим чорбаџија порачува не рекол ништо и после опредлено време пред Аџи Трајко се нашол казанот со кафе. Тогаш Аџи Трајко, на запрепастување на присутните, меѓу кои бил и неговиот пријател Аџи Ристе, кој штотуку се вратил во меаната, почнал да ја соблекува новата облека и да ја става во казанот кафе и се разбира под неа се појавила старата и неугледна облека.

Јасно, никој од присутните не разбрал ништо, освен момокот кој ја наведнал главата и засрамен си отишол, а Аџи Трајко седнал на чаша ракија и муабет со својот пријател, без притоа и да дозволи некој да го праша зошто така постапил.

Навидум анегдотата навистина нема никаква врска со темата. Но, дали? Секако, не! Имено, веќе подолг временски период јавноста ја окупираат реформаторските групи, во кои покрај оние кои за себе сметаат дека се од Бога дадени политички лидери, не е мал бројот на припадниците на медиумите, но меѓу нив може да се забележат и луѓе кои на еден или друг начин се стекнале со научни титули.

Заедничка карактеристика на овие луѓе е дека она што го кажуваат не е ниту блиску до вистината, а тоа посебно се однесува на состојбите во земјоделството, образованието, производството на електрична енергија, но и за многу други сегменти на општественото живеење. Друга заедничка карактеристика на оваа групација се нивните статусни симболи, а тоа се скапите гардероби, коли, станови, куќи, викендици, телефони и други материјални добра, кои на овој или на оној начин постојано ги потенцираат.

Но, покрај претходно кажаното, може да се забележи дека заедничка карактеристика на припадниците на оваа групација е и нивната неинвентивност, необразованост и немањето способност да направат и елементарна анализа за состојбите во општеството, па затоа нивните јавни настапи се преполни со клевети, празни фускули и дезинформации на јавноста, кои имаат за цел нејзино замајување.

Јасно, сето ова настојуваат да го прикријат со бројни и брутални реклами, чија цел е на јавноста да и се пласира искривена слика, но и со порачани медиумски настапи во кои не е дозволено присуство на луѓе кои знаат да мислат и да анализираат и на крајот со пласирање на фризирани информации за случувањата во општеството, при што се елиминираат сите написи и анализи во кои се говори со факти.

Јасно, последното се прави преку одредени портали и пребарувачи на вести, што во најмала рака е фалсификување на јавното мислење, за што сопствениците на овие пребарувачи и портали примаат не така мали финансиски средства, што значи дека едноставно тие се скапо платени ефтини слуги на владеачката клика.

Но, да не должам! Поентата на горната анегдота е јасна. Господо реформатори, вашите скапи материјални добра со кои милувате да се гордеете и кои сакале да признаете или не, ги стекнавте злоупотребувајќи ги чувствата на македонскиот народ и неговата приврзаност кон светите за него четири букви ВМРО, не ве прават политички лидери, добри аналитичари, научни работници и интелектуалци. За тоа е потребно нешто друго, но пред се потребно е многу знаење, добро образование и се разбира високи морални квалитети, кои за жал повеќето од припадниците на реформаторската клика ги немаат.

Оттука, имајќи го предвид сето претходно изнесеното не ми останува ништо друго освен да забележам дека НА РЕФОРМАТОРИТЕ ИМ Е ПОТРЕБНА СЕРИОЗНА РЕФОРМА, но не реформа која се спроведе после 2009 година, кога едноставно квалитетните кадри забрзано беа заменувани со горди послушници.

Притоа, дел од кои ниту имале и ниту ќе имаат морален, општествен и политички кредибилитет, бидејќи на сегашните позиции се наоѓаат после низа скандали и бројни промени на политички партии и групации, а богами некои од нив имаат и тоа како сомнително образование.

Поврзани новости