Неосветлените трактори во Тиквешијата, невидливи за полицијата

by Frosina Fakova

Откако започнаа сезонските работи во земјоделските области, честа слика во вечерните часови во Тиквешијата е да се наиде на трактори со приколки без светлосни уреди и ознаки, кои се голема опасност за сите учесници во сообраќајот. Во Кавадарци и Неготино, тракторите се доста застапени во сообраќајот.

Но, истата состојба е очигледна со години наназад, несовесните трактористи без осветлување продолжуваат да се движат по патиштата. Повеќето приколки и останати земјоделски помагала кои се прикачуваат на тракторите, освен што немаат светла, немаат ниту регистарски таблички. Во повеќе наврати граѓаните реагираат и апелираат полицијата да стави ред кога се тракторите во прашање, но безуспешно. -Од спротивната страна ни доаѓа возило и не осветлува, пред нас трактор со неосветлена приколка, ништо не се гледа.

Значи, малку треба да се случи трагедија. Тргаат на поле во тек на ден, се враќаат кога веќе се стемнува. Огромна неодговорност и кршење на законот за сообраќај, не знаеме зошто не се реагира и не се санкционираат сите учесници во сообраќајот кои управуваат со неисправни возила – раскажуваат луѓе од Неготино, општина во која што има над 1.000 трактори. Казната за управување со неисправен трактор изнесува околу 200 евра, но според она што може да се види на терен, трактористите очигледно дека не се плашат.

Дел од екипата на „Фокус” за само десеттина минути во тек на вчерашната вечер наиде на пет-шест неосветлени трактори кои се движеа низ градот, враќајќи се од поле. Многу од нив поминаа и пред Полициската станица, на очиглед на службените лица, но немаше никаква реакција, запирање и исклучување од сообраќајот.

Пред десеттина години во земјата беа зголемени казните за возење без регистарски таблички, а по тогашните зачестени апели од надлежните сообраќајни служби, во Тиквешијата следеше масовно регистрирање на тракторите и задолжителна поправка на фаровите и останатите неисправни делови. Сепак, старите опасни навики на трактористите не можат да се искоренат и неисправните фарови остануваат како црни точки на патиштата. На нашето прашање до СВР Велес, колку и дали воопшто оваа сезона се изречени казни за неосветлените трактори кои непречено се движат, велат дека немаат информација, но ќе ги проверат статистиките. До објавата на текстот, не добивме повратна информација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости