Напад на власта од кочијата на Александар Македонски

by Фокус

Текстот е објавен на 22 септември 2006-та во неделникот „Фокус“ број 586

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Уметниците постојано говорат дека нивниот живот и уметноста што ја создаваат најчесто се испреплетуваат. Преку таа поетска метафора ја прикажуваат својата чиста уметничка душа. Да се живее уметноста е, велат, нивен постојан сон. Скопјанецот Зоран Илиев Роџер има многу причини да биде среќен дека живее дел од својот уметнички сон.

Минатата недела тој на јавноста ѝ ја претстави својата животна инспирација отелотворена во невообичаено уметничко дело – дом во кој ќе живее со сопругата и трите сина.

Нашиот домаќин уште на почетокот пред панорамскиот лифт кој води до влезот, нѐ предупредува дека за најдобро да се доживее, посетата треба да се сфати како патување низ времето, историјата, религијата, уметноста, мистичното…

ПРЕДАДЕНОСТ КОН ДРЖАВАТА

Престојот во домот на Илиеви, распослан на околу 250 метри квадратни и три нивоа е навистина несекојдневно доживување. Уште со првиот поглед на живописниот и екстравагантен ентериер останувате со широко отворени очи. Обичниот посетител, лаик во уметноста, секако ќе забележи дека станува збор за спој на различни стилови. Меѓу 50-те уметнички дела што ја чинат целината на просторот, во очи веднаш ви паѓаат религиските симболи, ангели, светци и иконостаси, обележјата на античка Македонија, шеснаесеткракото сонце, копја и штитови, но и астролошки знаци, маркери на египетската култура, пирамиди и фараони, кинески вази, прастари универзални симболи.

Во неверојатна хармонија се мешаат дрво, метал, камен, стакло, гипс, смола, златни и пастелни бои, мозаици и витражи, скулптури и икони. Како исконски антиподи се спротивставени оган и мраз, небо и земја, доминираат златното, синото, портокаловото.

– Длабоко во себе јас сум уметник, меѓутоа имам силна поврзаност со историјата и сето ова го работев со чувство на одговорност кон државата и народот, вели Зоран. Сакав да направам нешто што ќе остане за сите. Ако правев нешто само за себе, колку што чини фасадата можев да купам три-четири стана, да ги издавам и да живеам од тоа.

На куќата, на која Илиев потрошил 1.300.000 евра, 15-тина мајстори од различен профил секојдневно работеле пет и пол, шест години. Тој ни вели дека не е работата во тоа да се прикаже богатство. Парите, како што нѐ уверува, ги заработил со многу пот изминатите 15 години, а за да ги доврши работите на куќата подигал дури и кредити од банка. Претходно шест години работел во Австралија, а во Македонија беше сопственик на бутикот „Роџер“ во ГТЦ, бизнис од кој морал да се откаже, затоа што немал доволно средства да го откупи деловниот простор. Љубител е и на стари автомобили, има мала колекција олдтајмери која е сместена во дворот на куќата.

ИНСПИРИРАН ОД ДАЛИ

Александар Македонски и Тито се двете омилени историски личности на Зоран, па тие и нивната иконографија доминираат во одредени делови од куќата. Фасцинантна е и малечката тераса на самиот врв од куќата од која се простира поглед кон Собранието. Терасата е во облик на кочијата на Александар Македонски, тука се шеснаесетте копја и сето тоа симболизира „напад на власта“. Местото делува многу моќно.

– Тоа е мојот однос кон власта, вели Роџер. Кон сите власти што ѝ направија лошо на Македонија изминативе 15 години. Но тоа не значи дека некоја наредна власт, можеби и оваа нема да почне да влече добри потези. Сите сакаат да почне подобар живот.

Јосип Броз Тито, пак, за нашиот домаќин симболизира време на убаво живеење, време, како што вели, кога немаше дрога, кога можевме да патуваме по светот слободно, кога бевме среќни.

Нашиот интерес при посетата на куќата беше – како од архитектонски аспект, значи и функционално и естетски, успеал да го изведе сето тоа што го направил во просторот.

– Човек мора во себе да има некаква дарба, визија, која не може да се изучува. Јас тоа најдобро го чувствувам и затоа многу често кога ги работев ентериерите, на другите им кажував: за да се направи оригинално уметничко дело, тоа не може да се проектира.

Една од најголемите уметнички инспирации на Роџер, е сликарот Салвадор Дали, па неговиот стил, се разбира со многу автентичен авторски потпис, е застапен во осмислувањето на куќата.

Во една уметничка секвенца дури ги споил и првите букви на неговите деца по редот на раѓање – Давид, Александар и Леонардо Илиеви и излезгло името ДАЛИ. А Дали, според Роџер, бил најголемиот уметник во светот – надреалист. Во салонот, воопшто во куќата, како што вели тој, доминира бесконечноста. На сводот во еден дел се насликани два лика на Бог (тој и сопругата) и три ангели (децата), а тоа ја претставува сегашноста и рајот во кој семејството живее. Малиот ангел е најмалиот син кој продолжува во бесконечноста, која е прикажана со осум столбови – осумката е симбол на бесконечноста.

НЕВОЗМОЖНИ РЕШЕНИЈА

Ентериерот има неколку оригинални и невозможни дела, тврди нашиот домаќин. Од металното дрво на животот, кое извира од дното на куќата (во корените има катанци, како заробеното минато на Македонија), и се извива до самиот врв, преку некои математички невозможни уметнички решенија на дел од таванот.

– Мајсторите ѕидари и молери не можеа да изведат поделба на дел од таванот на четириаголни – ромбоидни површини, при што секоја од нив да биде со различни димензии. Тоа го направив сам и се чудам како го изведов, вели тој.

Бидејќи станува збор за куќа за живеење, функционалноста е исто така меѓу доминантните идеи водилки при нејзината изградба. Куќата е исклучително практична и функционална. Во долниот кат, кој е уреден како во бајка, има посебни соби за сите три деца, две бањи, два балкони, дневна соба и игрална. Во горниот дел има голем салон, тоалет, трпезарија, простор за дневен престој и една споредна маса за дружење. На третиот кат има галерија со бања, балкон, спална соба.

Уметникот е особено приврзан кон семејството.

– На сопругата и подарив спална соба целата во рози, а причината е што еднаш ми рече дека никогаш не сум и’ подарил роза.

По неговите уметнички интервенции во просторот, астролошките знаци на сите членови на семејството, според Зоран, се појавиле на повеќе места во куќата. На пример, Бикот на неговата сопруга Ана е во кујната, а станува збор за дрво што тој го донел од куќата на неговиот дедо и делкајќи го – излегол бик. Неговите Риби пак, ги има на повеќе места, но најпрвин излегле на една метална уметничка конструкција во салонот која потоа ја застаклил и ја обоил во витраж.

Бев особено изненаден кога разбрав дека древниот симбол што го има на повеќе места во куќата, круг испреплетен со повеќе знаци – каде што е застапено и Шеснаесеткракото сонце и Давидовата ѕвезда и други денес познати симболи, всушност кругот од Стариот завет, по стариот календар датира од 5776 година, што одговара на 2005 година, а тоа е точно годината кога е завршен овој објект, вели Зоран Илиев Роџер, кој за своето животно уметничко дело говори со нескротлив жар и инспирација.

Поврзани новости