Реформите на Грујо можат вода да им носат на петолетките на Колишевски!

by Фокус

Текстот е објавен на 9 септември 2011 година во неделникот „Фокус“. 

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Интересно, ама и индикативно, ем инспиративно, е колку Никола Груевски и неговите обожаватели и поданици се зафатени од вирусот на мегаломанијата. Тие патат сенешто да биде поголемо или најголемо. Колку само им беа „озарени” очите кога ветуваа изградба на стокатници. Гордоста им се вивна до небески височини, оти ќе сме го имале најголемиот споменик на Александар, и тоа – Велики.

Како голем национален дострел се третира и тоа што ќе имаме најмногу споменици на километар квадратен во центарот на метрополата. Дури и за автобусите, за кои мислевме дека не може да биде поголеми, Груевци најдоа излез – ќе бидат двокатни!

Море, се правеа сарми за Гинис, па гравче за Гинис… И така, сетики ја распостилаат нивната фасцинација од некаква грандиозност. Ма, си имаат луѓето математички пристап за сите овоземски нивни дострели, оти, нели, оние небесните им се – немерливи!

Да, цифрите им се силната страна во нивниот преродбенички опус. Знаат, де, наизуст да изрецитираат и на која страница од Манифестот, во кој пасус, што втиле. Не штедат ни на „материјал”, оној од финансиска природа, ама, богами, како да се срамат само од овие цифрички.

Ете, секој чесен преродбеник – упс, се извинувам за тавтологијава, оти, нели, секој преродбеник по природа и општество е чесен! – буквално секој знае до милиметар колку е висок Воинот, ама не знаат колку чини кубен метар од споменичното здание!? Иако, сè повеќе верувам дека егото ќе им нарасне како квасец, доколку е тројно преплатен. Што повеќе, тоа, демек – подобро!

И ако ваквиот нивен светоглед можеби е тема за експерти од неколку природни науки, фрапантно е тоа што Груевци ја сфаќаат и демократијата искажана само преку бројки, метри и километри. Потоа ваквите математички операции, а без фискална сметка, си ги воспеваат како реформа, преродба, демократија..!


КАКО ШТО ЌЕ ОДЛУЧИ ПОЛИТБИРОТО

И, кога Македонија слави две децении од прогласувањето на независноста, жално е што допрва треба да се разјаснуваме и да мериме колкави ни се демократските капацитети. Наспроти ставовите на оние опседнатите со димензии и со бројки, суштината на парламентаризмот, на демократијата кон која тргнавме наспроти еднопартизмот, се темели на поделба на власта и на нивната меѓусебна контрола.

Дали законодавната власт ја контролира извршната? Дали судската власт ја контролира екипата на Илинденска бб? Дали јавноста, медиумите пред сè, како некаква четврта власт, се контролори на власта, за таа да не забега? Ако одговорите на овие прашања ви се потврдни, тогаш мислам дека сте пасиониран љубител на цедени портокали. И дека ви нема спас!

Ако сакате без специјална преродбеничка диоптрија да ги опсервирате „дешавките”, нема да можете да избегнете од горчливиот заклучок дека во Македонија групировката што ќе седне во коцките покрај Вардар, ги контролира и оние што по дефиниција треба да се нејзини контролори. Така е 20 години, а сега – дибидус!

Владата, поточно и по правило, една мала група, каква што е врхушка на владеачката партија, а сега се ословува како Груевски и фамилијата, е страв и трепет за сите други ѓоа власти. А тоа веќе е „сшто като исто”, како што беше и во времето на Тито и Лазо. Тоа што ќе одлучи Политбирото на партијата – тоа е закон, тоа е вработување, тендер, притвор, динамит..!

Ако поделбата на власта и меѓусебната контрола на нејзините полуги е сржта на демократските системи, а овде само мртва буква во Уставот, во времето на Тито и на Лазо, барем официјално, без извртување се знаеше дека партијата е закон.

Ако не си член на Сојузот на комунистите, немаше шанси да се вработиш државно. Дали сега можеш да помислиш на државна работа ако немаш партиска книшка? Ако не си послушник на партиската фамилија на власт?

Затоа, ме далдисуваат од ум ѓоа учени луѓе, кои во метрите на Грујо гледаат реформи! Во бројките виѓаат – демократија! Арно ама, ваквото гуслање испушта звуци што навредуваат.

Која е логиката на преродбениците? Порано, во социјализмот, имавме една партија, сега имаме повеќе – и оп, тоа е демократија. Ако имавме само 20 партии, тогаш демократските процеси ќе бидат позагрозени отколку кога имаме 50? Ако, пак, ги имаме стотина, гарант тоа демократијата ќе доживува екстазни моменти. Чиста математика!

Така е, мили мои, особено драги професионалци, и со слободата на медиумите. Имаме 100 медиуми, и тоа по автоматизам значи дека слободата на медиуми е фиксирана со армиран бетон. Ако беа 80, ќе беше троа помалку?! А тоа така делува, оти реперот е многу професионално издигнат – согласно тв разгласот, каде денот започнува и завршува со успесите на Груевски, или каде што нивните остварувања одат не на една, ами на две ленти на ТВ екраните, како да се двокатни автобуси – тогаш, нормално е што и избалансираната Телма ја прогласија за опозициска.

Веројатно и музичкиот канал Џангл, само затоа што не емитува песни преродбенички, го сместуваат во опозицијата!!!

 


ЗЛАТНО ВРЕМЕ ЗА КОЗИ, АМА И ОВЦИТЕ ПРОСПЕРИРААТ

Ако го критикуваш жестоко режимот, а уште си жив – не си притворен, не те рокнале од силните тужби за клевета, не те расчеречиле „професионалните“ новинари – тогаш тоа е сигурен знак дека слободата цвета.

Нормално, додека не те сотрат. По овие мерни единици на „професионалците“ на Груевски и на фамилијата, во времето на Милошевиќ цветаше слобода на говорот и на медиумите. Оти, за сето време на неговото владеење, имаше таму жестоки критичари на режимот на Вождот.

По истиот аршин, не заостанува ни Бранковото. Море, ако пресметаш, може во одреден период дури и повеќе медиуми да имало во негово време, па дури да излезе и поачик демократ. Јаооо… Оти, барем ако сакаш со своја глава да размислуваш, се знае дека секоја власт играла да ги придобие неколкуте влијателни телевизии и уште неколку влијателни весници.

Битката се водела за А1, Канал 5 и Сител, а МТВ, без дискусија, се подразбирала како освоен трофеј, со победата на изборите. Од дневните весници пак, секогаш предизвикот бил „Дневник”. Па сега, пресметајте, љубители на бројки и букви, колкав е процентот на преродбеничкиот медиумски зафат денес!

Да бидам конкретна, во што би требало да се разликува една демократија од стариот режим? На пример, не е реформска поента во тоа колку субвенции дала една влада во земјоделието, во големината де, туку во тоа колку ние јадниците забегани можеме да го контролираме аршинот – како се делат. Доминира ли при тоа партискиот клуч? Има ли алаш вериш?

Во времето на Колишевски беше опасно да се посомневаш во стилот со кој се трошеа народните пари, а не дај боже уште да сториш некаква клеветничка дума за конкретен функционер, тогаш црно ти се пишуваше.

Страшно е што и денес не е многу различно, со тоа што заштитените ликови се одѕиваат на други имиња. Исто како што СКМ беше главен дрматор во општеството, така денес ВМРО-ДПМНЕ е фактор кој одлучува каква судбина ќе има секој од нас, поради своите ставови!

Зарем денес партиите на власт не функционираат и како своевидни агенции за вработување? А тоа што се во множина, тоа што не е сал една партија, не го прави системот демократски. И во времето на Лазо партиската книшка железни врати отвораше. А морално-политичката подобност беше официјална категорија.

Денес, пак, само неофицијално, но затоа 102 отсто жива и здрава.

Всушност, на некој начин, после дведецениското плурално живеење, нашите партии веќе ја убија суштината на политичкото организирање – собирање околу една идеја. Се разбира, освен ако не ја есапиме рационалната одлука да земат партиска книшка заради вработување или бизнис, како темелна идеологија која обединува.

gruevski drvo

И, на крајот, ако според истите математички аршини за мерење на реформите се истакнува како главен адут колку Грујо изградил, доаѓам до заклучок дека во времето на Лазо Колишевски, во првата петолетка – 1945 до 1950 година, Македонија доживеала реформски бум.

Па, знаете ли, другари и другарки, браќа и сестри професионалци, за колку фабрики, за колку пруги и патишта, хидроцентрали и други капитални објекти Другарот Лазо сечеше црвени ленти?

Тогаш спинуваа – Док траје обнова, нема одмора. Што му доаѓа како пандан на модерново – Остваруваме 24/7. Да, тогаш работел турбо и Голи Оток, ама зарем предавниците заслужуваат поасална локација?! Во контекст.

Е, денес козите можат мирно да живеат, ама и овците богами опасно се намножија! на споредбениве мои размислувања, а во чест на големиот празник, ви пренесувам неколку акценти од говорите на Колишевски од првата петолетка. Доколку забегате и помислите дека речникот е сличен, а и непријателите исто така, морам да напоменам дека тука има една голема разлика – иако другарот Лазо бил активен во Сојузот на пријатели на шумите, па одиграл значајна улога во пошумувањето, како што, нели, и сега си ја имаме акцијата – „Засади ја својата иднина”, сепак, Колишевски ги забрани, а со тоа и ги уништи козите во Македонија.

КАКО БЕСЕДЕШЕ ДРУГАРОТ ЛАЗО

Судбина
ПРОДАДЕНИ ВМРОВСКИ ПОЛИТИКАНТИ

„Ние нема да говориме за еден грст продадени вмровски политиканти и нивни пријатели, кои одамна го продаваат својот сопствен народ, тргувајќи со неговата судбина!“
(реферат од Првиот конгрес на Народниот фронт на Македонија, 2 и 3 август 1946-та)

Апстиненција за ликвидација
ОПОЗИЦИЈАТА ПЛЕТЕ ИНТРИГИ ПРОТИВ НАРОДНАТА ВЛАСТ

„Оние реакционери од надвор и даваат инјекции на нашата реакција (опозиција) за да плете интриги против народната власт и против придобивките на нашата НОБ. Денеска таа опозиција апстинира од изборите, апстинира затоа што знае дека не може да добие на овие избори. Но, токму тоа апстинирање ќе ја ликвидира наполно опозицијата кај нас. Денес, заради ваквите махинации на ова малубројна опозиција, се јавува кај одделни луѓе страв од враќање на старото!“
(предизборен митинг во Битола, 14 октомври 1945-та)

Противнародна дејност
ПРИКРИЕНИ АГЕНТИ НЕ КРИТИКУВААТ, ОТИ ГИ КАЗНУВАМЕ ШПЕКУЛАНТИТЕ

„Одделни поединци, под маската на демократијата и како големи македонски „патриоти”, а всушност прикриени агенти на фашизмот, се обидуваат „добронамерно” да ја критикуваат нашата политичка линија по однос на казнувањето на воените злочинци, саботерите и шпекулантите. Ние не треба да ги изедначуваме шпекулантите со трговците. Нашата борба треба да се насочи кон нечесните трговци- шпекуланти, кои за својата противнародна дејност ќе треба да сносат законска одговорност!“
(вонредно заседание на АСНОМ, 17 август 1945, по составувањето на првата Влада)

Остваруваме
НИКАКВИ КЛЕВЕТИ НЕ МОЖАТ ДА НЕ СОПРАТ

„Во деноноќен труд, со пот и жртви, градејќи социјализам под раководството на партиските организации, нашите работни маси покажуваат нови примери на херојство. Планот за 1948 година во основа е исполнет, беа подигнати нови згради и нови објекти на нашата индустријализација. Нови фабрики се пуштени во погон, најдобрите наши колективи фатија да го исполнуваат планот за 1949 година… Се покажа дека никакви клевети ни сопки не можат да го за­прат незапирливиот од на нашата земја кон социјализмот!“
(прв Конгрес на КПМ, 19 до 22 декември 1948)

Поврзани новости