Александар Велики, заборавениот лудак од историјата

by Фокус 11:07
11:07

Колумната е објавена на 16 јануари 2009 година во неделникот „Фокус“.

Пишувал
Сем ВАКНИН

- Advertising -

Владата на Република Македонија минатата година го промени името на својот малечок аеродром во „Александар Велики“. Ова беше само последен симптом на растечкиот култ на личноста. Современите Македонци, кои очајнички трагаат по своите антички корени во регионот кој е непријателски расположен кон нивната национална припадност, се закачија за својот наводен предок со предаденост која им пркоси на историските истражувања и на бурните протести на нивниот сосед, Грција.

Во типичен балкански одмазднички манир, Грција го блокираше членството на Македонија во НАТО, на кое таа долго време работеше, наведувајќи ги, покрај мноштвото други здодевни причини, „иредентистичките провокации“, како што беше преименувањето на аеродромот. Македонија има претензии врз дел од Грција, тврдат отворено грчките политичари. Жителите на оваа мала држава, според нив, немаат право на наследството на Грција чиј интеграелен дел е и Александар Велики.

ПОРЕМЕТЕН, КРВОЖЕДЕН УБИЕЦ

Да не биде ништо покусо, Македонската телевизија сега е преплавена со долги рекламни филмови во кои е прикажан предвреме созреаниот лидер како ги прекорува своите малодушни и плашливи команданти пред решавачката битка. Тој зборува течен македонски јазик (современ словенски јазик) и го игнорира нивниот мудар совет. Патетичната злоупотреба на телевизиското време треба да ги индоктринира современите Македонци да се осмелат да бидат решителни и да се соочат со предизвиците. На Александар Велики воопшто не би му се допаѓале современите Македонци: тие го сакаат мирот, премногу се внимателни, трагаат по консензус и компромис. Се чини дека според нивната сопствена влада овие квалитети се еднакво офанзивни.

Не можам да разберам зошто и Македонија и Грција од еден душевно растроен масовен убиец сакаат да направат свој амблем и родоначалник. Она што може да се пофали од личноста на Александар или неговите храбри дела навистина е многу малку. Пролевајќи ја крвта на неброени илјади луѓе за да ги исполни своите грандиозни фантазии на освојување на светот, тој себеси се прогласи за бог, ги задушуваше во крв другите религии, го масакрираше најголемиот дел од нему лојалните луѓе и ги предаде сонародниците со тоа што ги ангажираше своите поранешни непријатели, Персијците, да ја заменат неговата Македонска пешадија.

Александар Велики бил очигледно луд, дури и според културните стандарди на неговото време

Александар Велики беше очигледно луд, дури и според културните стандарди на неговото време. Според Диодор, еден месец пред неговата милосрдна смрт (или, што е поверојатно, пред атентатот), неговите сопствени генерали поканиле вавилонски свештеници да истеруваат ѓаволи кои го опседнале неговото тело. Плутарх го нарекува Александар „пореметен“. Тој опишува екстремно менување на расположението кое за да се совлада и контролира денес би барало медикаменти. Авторитетната Енциклопедија Британика му припишува „мегаломанија и емоционална нестабилност“. Во неа се вели:

„Беше брз во лутината и под притисок на неговите долги воени кампањи оваа страна на неговиот карактер растеше се’ понагласено. Немилосрден и своеглав, тој се’ повеќе прибегнуваше кон терор, не покажувајќи двоумење при елиминацијата на луѓето на кои престанал да им верува, со или без изговор на фер судење. Години по неговата смрт, Касандер, син на Антипатар, регент на Македонската империја во времето на Александар, не можеше да помине крај неговата статуа во Делфи без притоа да се згрози“.

Александар беше параноичен и не поднесуваше критика или несогласување. Кога неговиот заменик Клејт имаше мала караница со него во 328 г. П.Н.Е., Александар едноставно го зари копјето во телото на својот доверлив генерал и и’ порача на армијата да го прогласи за предавник, за на тој начин да го оправда убиството. Истата судбина ги снајде несреќните наследници на Клејт, како второстепени во командата.

 

„АКО САКА, НЕКА БИДЕ БОГ“

Од својата рана младост, Александар беше безобзирен (иако касметлија) и невообичаено крвожеден. Тој го искористи случајот на убиството на неговиот татко за да ликвидира секого што ќе му се спротивстави, дури и индиректно. Во тој момент започнуваше со своето дивеење кое против него ги обедини сите Грци. Дури и неговата славна кампања против Персијците својот успех многу повеќе му го должеше на стрмоглавото пропаѓање на Персијците отколку само на воениот гениј на Александар.

Долго време пред да се појави на сцената, други Грци (Десетте илјади, Агесилај од Спарта) пресудно ги уништија Персијците. Неговата крвожедност никогаш не се намали: кога неговата армија се побуни во Индија и го принуди да се вратат во Вавилон, штом стигна таму, тој егезкутираше маса свои сатрапи, воени команданти и други функционери.

Александар беше познат по своето самопреценување и неублажен нарцизам. Користејќи понижувачки јазик, тој двапати ги одби понудите за мир од Дариј, големиот крал на Персија, чие семејство го држеше во заложништво. Кога Пармениј го советуваше да ја прифати втората понуда со зборовите: „Јас би ја прифатил, кога би бил Александар“, тој му одговори: „И јас би го направил тоа, да бев Пармениј“.
Пармениј плати со својот живот поради тоа што размислуваше со својот својот ум: подоцна Александар нареди врз него да биде извршен атентат, а син му да биде егзекутиран. Тој исто така убиваше секого кој имаше каква било врска со нив двајцата.

Кога се обиде на своите трупи со слободен дух да им наметне обврска да паѓаат ничкум во негово присуство, беше толку силно исмеан што мораше да ја преиначи својата одлука. Но, продолжуваше да ја носи персиската кралска одежда и го егзекутира Калистен, дотогаш понизен и нему покорен историчар (и внук на Аристотел) кој не сакаше да му се поклонува. Спартанците му се ругаа на Александар. Тие објавија декрет во кој се велеше: „Ако тој (Александар) сака да биде бог, нека биде бог“.

Го следеле писари чија работа била да ја разубават историјата и да произведат легенди за својот работодавец

Каде и да заминеше, Александар беше придружуван од писари чија работа беше да ја разубават историјата и да произведат легенди за својот работодавец. Како последица на тоа, најголемиот дел од она што вообичаено е „познато“ за Александар, е фалсификат. Но, дури и да е вистина, остануваат бројни примери на пијани и насилни секвенци, во кои тој вообичаено ги убивал луѓето и ги уништувал културните богатства (како што е палатата на Ксерксес).

Дека Александар беше необичен винопиец не може да се негира. Речиси сите очевидци се подудираат во своето мислење за него: Птоломеј, телохранителот на Александар; Неарх, неговиот адмирал; писарот Еумен, неговиот секретар; Шар, неговиот дворски благајник; Аристобал, неговиот воен инжинер, исто како и историчарите кои се потпираат на ваквите приказни: Диодор, Плутарх, Аријан и анонимниот автор на „Хисториа Алеџандри Магни“ (Историја на Александар Велики).

Може само огнено да се надеваме дека Владата на Република Македонија нема да успее во својата кампања да ги трансформира своите граѓани во мини-верзија на ова чудовиште.

Поврзани новости