Најчесто оние кои не можат да се откажат од дружби без заштита им го пренесуваат вирусот и на домашните

by fokus

Нови 29 случаи на корона вирус се регистрирани денес во Кавадарци, 20 во Неготино и еден во Демир Капија. На возраст се од шест до 79 години. Најголемиот дел од позитивните лица, исто како и во минатото, не откриваат од каде се инфицирале.

Дали со цел да се заштитат контактите, свои блиски роднини или колеги, пациентите со Ковид-19, најчесто се решаваат да молчат и да тврдат дека воопшто не можат ниту да претпостават како го добиле вирусот.

И дали навистина не можат да се сетат каде и со кого имале близок и незаштитен контакт, посебно во затворена просторија, каде секој вирус полесно се пренесува, дали можеби имаат по многу такви контакти и поради тоа не знаат од каде точно се инфицирани, или пак едноставно се инфицирале почитувајќи ги мерките за заштита, останува нејасно.

Епидемиологот др-р Ристе Јовановски од ЦЈЗ Кавадарци вели дека редовна практика е да се кријат контакти, дури и сега, кога бројот на нови случаи секојдневно расте. Според него, големите приватни фабрики каде се вработени голем број на жители од Тиквешијата, за кои граѓаните стравуваа дека се потенцијални жаришта, сепак се места каде се води грижа за постојано носење на заштитна опрема, со што е минимализиран ризикот од пренос на заразата.

Но, она за кое смета дека е загрижувачки, е податокот дека во голем број на кафулиња, каде се седи во затворен простор, не се одржува дистанца, со што пренесувањето на вирусот е на високо ниво.

-Моја проценка е дека во затворените простории, како што се кафулињата и рестораните, каде се седи без заштитна маска, најлесно може да се пренесе корона вирусот. На една маса седат по три – четири лица, растојанието помеѓу нив некогаш е помало и од 20 сантиметри. Во изминатиот период, во фабриките и големите приватни компании, менаџментите и раководителите посебно водат грижа постојано да се носат заштитните маски. Нормално, каде што се користи заштита, минимална е веројатноста некој да се инфицира – вели тој.

Освен во кафулињата, каде голем број на млади секојдневно минуваат часови во затворен простор, без заштита, не се ретки и домашните дружби од кои и покрај сериозноста на состојбата со пандемијата, многу граѓани не можат да се откажат. Чести се фотографиите на социјалните мрежи од седенки во домашна атмосфера, со повеќе гости, за кои се добива впечаток дека се од времето кога вирусот не постоеше.

Ниту преполните болнички капацитети, ниту пак потресните приказни на пациенти и нивни блиски роднини, очигледно не допираат до скептиците, кои се уште мислат дека ковидот е светска завера, или пак нив тоа едноставно не може да им се случи.

Голем е и бројот на случаи кога млади, кои не се чувале доволно и не се откажале од дружбите со поголем број на луѓе, го донеле вирусот дома, тие поминале со лесни симптоми или пак биле асимптоматски случај, додека нивните повозрасни роднини кои од нив се инфицирале, минале многу тешко, а неретко и го изгубиле животот.

Помеѓу новите 50 случаи во Тиквешко денес, има ученик на возраст од шест години од Кавадарци, поради што 12 негови соученици и тројца наставници се во изолација. Позитивен е и вработен во градинка во Кавадарци, а во изолација се 13 деца и тројца вработени.

Вики Клинчарова

Поврзани новости