Началникот на СВР Тетово на повисока позиција во МВР – против него има кривична за примање поткуп и злоупотреба на службена положба

by fokus

Началникот на Секторот за внатрешни работи Тетово, Амир Далипи, од Тетово заминува на повисока позиција во Министерството за внатрешни работи. Оваа информација ја потврдија од МВР, од каде додаваат дека Далипи заминува на друга позиција на негово барање.

-Началникот на Секторот за внатрешни работи Тетово, Амир Далипи, кој повеќе од пет години со успех ја извршуваше оваа функција, на негово барање, од утре заминува на друга, висока позиција во Министерството за внатрешни работи во Скопје. Во изминатите пет години, покрај другото, началникот Далипи посебно внимание и посветуваше на транспарентноста и отчетноста пред јавноста за сите реализирани мерки и активности, преку отворена и конструктивна соработка со сите медиуми. До назначувањето на нов началник на СВР Тетово, должноста ќе ја врши помошникот началник во СВР Тетово, Ивица Михајловски, велат од МВР.

Но, како што дознава „Фокус“, група граѓани кон крајот на јуни против Далипи поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за кривичните дела „примање поткуп“ и „злоупотреба на службената положба“.

-Кривичната пријава за која покажувате интерес е поднесена од група граѓани до Основнотo јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за кривични дела од член 357 и 353 од КЗ, по што на 26.06.2023 година пријавата е отстапена на надлежно постапување на ОЈО Гостивар. Гостиварското обвинителство, постапувајќи за проверка на наводите, издаде Наредба до МВР – ПС Гостивар за прибирање потребни известувања. По наредбата се постапува,потврдија од Обвинителството за „Фокус“.

Напредувањето на Далипи доаѓа откако јавен обвинител од гостиварското обвинителство, постапувајќи по кривичната пријава поднесена до ОЈО ГОКК донел наредба за собирање на известувња.
Имено, оваа наредба била издадена на 7 септември, а Далипи деновиве заминува на повисока позиција.

Инаку Далипи е кадар на ДУИ и порано се споменуваше меѓу имањата кои требаше да бидат поставени на високи раководни позиции во МВР.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости