На Груевски ќе му се суди и за „Талир“

by fokus

Од Кривичниот суд денеска официјално потврдија дека обвинението за случајот „Талир“ е позитивно оценето, поради што набрзо ќе започне и судењето.

Во овој случај за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2015 година  обвинетите се поранешни високи функционери на партијата, односно Никола Груевски, и неговите доскорашни соработници Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска. Сепак на Чингаровска нема да и се суди, бидејќи таа неодамна доби двегодишна условна казна откако се спогоди со СЈО и призна вина.

-Советот за оценка на обвинителен акт при одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по оценка на обвинителен акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите во предметот од обвинителството означен како „Талир“ за Незаконско финансирање на правно лице – политичка партија, по одржана јавна седница во присуство на странките, донесе решение со кое обвинителниот акт го одобри во целост, велат од Кривичниот суд.

Оттаму додаваат дека по формирање на кривичен предмет по оценетиот обвинителен акт, истиот согласно АКМИС системот ќе биде распределен на судија за понатамошно постапување, а по закажана главна расправа странките и јавноста ќе бидат благовремено известени.

-Што се однесува до вториот обвинителен акт за истиот предмет кој се однесува на Незаконска изградба, истиот веќе е распределен кај судија за оценка на обвинителен акт и по донесено решение, судот навремено ќе ја информира јавноста, велат од судот.

Поврзани новости